Извршени се реновирања на стадионот во Кочани

Стадионот реновиран во фази. Фото: Канал 8

Проект: Реновирање на градскиот стадион „Никола Мантов“

Опис на проектот: Реновирањето опфаќа реконструкција на трибините преку поставување столчиња, како и реконструкција и реновирање на соблекувалните. (Средства: 500.000 денари Извори на финансирање: Буџет на Општината, Рок: 2013-2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во низата работи што кандидатот за градоначалник на општина Кочани, Ратко Димитровски, ги вети на граѓаните во својата изборна програма (стр. 26) пред локалните избори во 2013 година, беше и реновирање на градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, за што беа предвидени половина милион денари. Во неа е назначено дека ќе се врши реконструкција на трибините преку поставување столчиња, како и реконструкција и реновирање на соблекувалните. Ветено е дека проектот ќе се реализира во 2013 или 2014 година, што е запазено во поглед на рокот.

Во поглед на опсегот на работите, сепак, има одредени измени. Во ветувањето се прецизира поставување столчиња, а тоа, според Отчетот на Општина Кочани за 2014 година (стр. 15), не е сторено. Но при увид на реновирањето, градоначалникот Димитровски во изјава за медиуми вели дека ќе се реализираат уште неколку дополнителни зафати што не се формално ветени во неговата изборна програма, при што задава и рок за нив. Иако и тука некои работи не се реализирани во рокот, подоцна според извештаи на локалните медиуми, и тие доаѓаат до планираниот крај, па генералната оценка би била дека ветувањето е исполнето.

Во медиумска најава за реновирање на стадионот после изборот на Ратко Димитровски за градоначалник, односно на 29 јануари 2014 година, се споменува дека бил распишан оглас за изведувач и дека општината планирала за зафатот да потроши 1,3 милиони денари. Притоа, предвидени биле реконструкција на соблекувалните и другите помошни простории, како и санирање на тоалетите за публиката и поставување алуминиумски стативи на местото на постоечките железни, како и нови врати на влезот на стадионот и оспособување на кабините за спортските коментатори. Сето наведено погоре се зафати што не се формално ветени во изборната програма на Димитровски во 2013 година.

Почетокот на реновирањето е во втората половина на март 2014 година, а од видеото со телевизискиот прилог и статијата на веб-сајтот на телевизијата Канал 8 од Кочани може да се види состојбата на просториите при почетокот на реконструкцијата.

Кусо пред завршувањето на зафатот, истата телевизија известува дека се реконструирани соблекувални, нови реквизити и санитарни јазли за екипите, но и за публиката, поставени се нови стативи, кабини со приклучок за интернет за новинарите. Од прилогот се гледа и дека се санира теренот. Притоа градоначалникот Димитровски во изјава за Канал 8 (од 32 секунда) вели дека се работи за реновирање на просториите на градскиот стадион и на самиот терен според наложеното од ФФМ. Ова може да се земе за второ ветување на Димитровски за подобрување на состојбата на стадионот „Никола Мантов“, при што тој назначува дека работите се заради исполнување на условите на светската и на европската фудбалска федерација за одржување меѓународни натпревари.

Денеска направивме една кратка обиколка со одговорниот од општината за тоа до каде се подготовките за реновирање на просториите на градскиот стадион и на самиот терен, со кои што е предвидено, значи, комплетно реновирање на просториите за домашните играчи, за гостинските играчи, за судиите, просторија за антидопинг контрола и нови стативи кои што ги бараат новите прописи на ФИФА и УЕФА. Повеќе од 90 отсто од работите се завршени и очекуваме дека за најмногу 15-тина дена ова ќе биде комплетно завршено и заедно со овие реновирања, се подготвува и тревниот терен, и ќе бидеме спремни за едни меѓународни натпревари, односно за она што од нас го бараше ФФМ да извршат инспекција и да може во Кочани да имаме и меѓународни натпревари – ќе изјави Димитровски.

Исто така, во Отчетот на Општина Кочани за 2014 година (стр. 15), се вели дека стадионот е подготвен за меѓународни натпревари.

СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“ – ПО МЕЃУНАРОДНИ СТАНДАРДИ
Во 2014 година заврши реновирањето на кочанскиот стадион „Никола Мантов“.  Реконструирани се соблекувалните, санитарните јазли за екипите и за публиката, поставени се нови алуминиумски стативи. Работите се одвиваа според упатствата на Фудбалската федерација на Македонија, така што сега стадионот ги исполнува критериумите да биде  домаќин на меѓународни фудбалски натпревари.

Сепак, сè од најавеното не се реализира во рокот што тогаш го дава градоначалникот на Кочани, односно 15-тина дена, што го утврдуваат и луѓе од ФФМ при ад-хок инспекција во почетокот на јули минатата година, односно после речиси 15 месеци од моментот кога Димитровски ги образлага зафатите што ќе се прават. Според статија на „Комарец“, на почетокот на јули 2015 година во ходникот и на скалите на внатрешниот дел од стадионот немало плочки, а голем број прозорци биле искршени.

 Дојдоа, видоа и разочарани си заминаа бидејќи на стадионот речиси и ништо да не е направено освен малото уредување минатата година.

Според истиот медиум, дваесетина дена подоцна, благодарение на ангажманот на луѓето од ФК „Осогово“, градоначалникот како и претседателот на ОФС Кочани, воедно и директор на КЈП „Водовод“, Љупчо Папазов, состојбата била средена и се очекувало дека стадионот „Никола Мантов“ ќе добие зелено светло за одигрување прволигашки натпревари за мажи.

Теренот е извалиран, тревата редовно се наводнува и коси, вештачки направените отвори на ѕидот од стадионот се затворени, густата трева покрај ѕидот ја нема, соблекувалните и холот се комплетно исчистени, заменети се оштетените столчиња за резервните играчи.

Сепак, комисија на ФФМ која на 4 август минатата година дошла во инспекција, констатирала дека не се задоволени сите услови за одржување прволигашки натпревари. Според телевизијата Канал 8, не биле отстранети недостатоците на објектот што биле претходно констатирани, Притоа биле дадени забелешки дека теренот имал нерамнини, а местата каде што недостасувала трева биле исполнети со песок, а стативите не биле свежо обоени. Исто така, не биле исполнети и услови за пасивна безбедност според стандардите на ФФМ – вратите за евакуација на гледачите на западната трибина не биле обоени во жолто, а на источната трибина не била поставена заштитна ограда, ниту пак имало посебни скали за евакуација. И при овој увид како крупен проблем било забележано и тоа што во ходникот и во самите соблекувални не биле поставени керамички плочки, а немало ниту поединечни шкафови за секој од играчите. При контролата претставниците од ФФМ утврдиле и дека не се заменети и санитарните уреди и опрема во соблекувалните.

Сите овие забелешки ги навеле одговорните во Федерацијата да го одложат одигрувањето на првото коло, што штипска “Брегалница“ како домаќин требаше да го има во Кочани против екипата на “Работнички“ од Скопје.

Идентични забелешки, фудбалскиот клуб Осогово, кој е домаќин на овој стадион, добил и од прволигашкиот фудбалски клуб Брегалница од Штип, кој поради најавената реконструкција на штипскиот стадион, избрал да игра на стадионот „Никола Мантов“. И штипјани побарале итно довршување на реконструкцијата на соблекувалните, обезбедувањето сигурносни излези од стадионот, бојадисувањето на скалите и влезните врати со жолта боја, како и поставувањето сигурносна ограда на источната трибина.

Овие две забелешки од ФФМ и од ФК „Брегалница“ зборуваат дека до тој миг не било исполнето ветувањето за комплетно реновирање на просториите за домашните и за гостинските играчи, што градоначалникот Димитровски го ветил на 24 април 2014, а не биле исполнети и безбедносни услови според Правилникот на ФФМ за инфраструктура на стадионите во РМ, односно членовите 6,7, 16, 22 за Прва лига за мажи.

Затоа, луѓето од ФФМ задале нов рок за отстранување на недостатоците – до крајот на август – за да се дозволат натпревари од првата машка лига.

Управниот одбор и луѓето од ФК “Осогово“, на кои им е даден на користење стадионот “Никола Мантов“, имаат рок до третото коло од првенството во првата македонска фудбалска лига, односно до крајот на август да ги отстранат сите недостатоци.

Димитровски при увидот во работите во април пред две години зацрта рок од 15-тина дена, но инспекциите 14 месеци подоцна пак констатираат дека не е реализирано целосно реновирање на соблекувалните. Тоа значи пробивање на зададените рокови. Сепак, проблемите се најверојатно санирани, што се гледа од фактот дека на 30 септември 2015 година на „Никола Мантов“ се одигрува прволигашки натпревар, кога штипска Брегалница го пречекува скопски „Вардар“.

Во периодот опфатен со овој текст, на „Никола Мантов“ се играат натпревари од првата фудбалска лига за жени, како и натпревари од пониски лиги, пријателски натпревари и натпревари во младинска конкуренција.

Со оглед на фактот дека првичното ветување за реновирање на стадионот е надополнето со ново, за други зафати, кои иако со задоцнување, сепак се реализираат и почнуваат прволигашки натпревари за мажи, двете ветувања може да се оценат како исполнети.

 

Забелешка:

Проектираниот рок за реализација на овој проект епробиен осум месеци

ИЗВОРИ

  • Изборна програма на Ратко Димитровски за локални избори 2013 (стр. 26) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Отчет 2014 – Општина Кочани (февруари 2015) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Канал 8: Се бара изведувач за реконструкцијата на стадионот “Никола Мантов“ (29.01. 2014) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Канал 8: Подоцна од предвиденото „Никола Мантов“ започна да се реновира (20.03. 2014) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Канал 8: „Никола Мантов“ под силна градежна офанзива за исполнување на меѓународни стандарди (29.04.2014) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Комарец: СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“ ОСТАНУВА БЕЗ МЕЃУНАРОДНИ НАТПРЕВАРИ (08.07.2015) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Комарец: СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“ СПРЕМЕН ЗА ПРВОЛИГАШКИ НАТПРЕВАРИ (25.07. 2015) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Канал 8: “Никола Мантов“ суспендиран, да се поправат недостатоците за да биде домашен терен за штипска “Брегалница“ (06.08.2015) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Канал 8: Управата на “Осогово“ бара штипјани и ФФМ да контактираат со официјални лица на клубот (07.08.2015) [Пристапено: 24.03.2016]
  • ФФМ: Правилник на ФФМ за инфраструктура на стадионите во РМ (15.07.2013) [Пристапено: 24.03.2016]
  • Фесјбук страница на Фудбалски клуб Вардар (30.08.2015) [Пристапено: 24.03.2016]

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција