Со вирално видео од антиваксерскиот протест се шират невистини за вакцинацијата и ковид-19 пандемијата

Фото: Принтскрин видео

Невистина и непознавање на системот е да се каже дека „сите држави поднесоа кривични во Хаг против своите држави – каде сме ние?“ Говорничката мисли на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но, сепак, таму државите сами против себе не можат да поднесат кривични пријави. Исто така, вакцината против СарсКов-2 вирусот, кај нас, како и секаде во светот, се прима на доброволна база и не е задолжителна, како што тврди Гоџо. И, наспроти фактот што од коронавирусот во светот, починаа 4,39 милиони луѓе, а заболеа 209 милиони, повеќето говорници на протестот пандемијата со ковид-19 ја нарекоа „таканаречена“

Повеќе полуинформации и невистини беа изнесени во говорот на Гордана Гоџо на антиваксерскиот протест. Невистина и непознавање на системот е да се каже дека „сите држави поднесоа кривични во Хаг против своите држави – каде сме ние?“ Говорничката мисли на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но, сепак, таму државите сами против себе не можат да поднесат кривични пријави. Исто така, вакцината против СарсКов-2 вирусот, кај нас, како и секаде во светот, се прима на доброволна база и не е задолжителна, како што тврди Гоџо. И, наспроти фактот што од коронавирусот во светот, починаа 4,39 милиони луѓе, а заболеа 209 милиони, повеќето говорници на протестот пандемијата со ковид-19 ја нарекоа „таканаречена“. Скандирањето „новинари – платеници“ и повикот на дел од говорниците да се „изгасат медиумите, мислете со свој мозок, не потпаѓајте под контрола“ директно ги деградира десетиците новинари, кои не само што беа присутни на протестот, туку и вршеа директен пренос

 

 

Видеото од протестот против анти-ковид мерките што во неделата (15.08.2021) се одржа во Скопје, е искористено со цел да се упати политичка порака и да се заработат политички поени.

ДОСТА ВИ Е СДСМ

Доста го лажевте овај напатен народ.

Време е да си заминете Заев и Филипче, се вели во постот што се шири на Фесбук, а којшто им над 5.700 допаѓања, 955 сподеувања и 485 коментари.

И во текот на целиот протест повремено провејуваа политички пораки, коишто беа вметнувани во антиваксерската реторика:

Да ги срушиме овие бандити, кои ни ја продадоа државата… нема назад Македонци и сите што ја сакаат државата.

Додека присутните скандираа „Оставка, оставка“, „сакаме правда“, „сакаме мир“, „убијци“, порвејуваше и „смрт на фашизмот“, изедначувајќи ја актуелнста власт со движењето кое означува цела класа на авторитарни политички идеологии, партии и политички системи.

Повеќето говорници на протестот, пандемијата со ковид-19,  ја нарекоа „таканаречена“.

Факт е дека од оваа заразна болест која ги зафати речиси сите земји во светот, починаа 4,39 милиони луѓе, а заболеа 209 милиони. Во Македонија досега (19.08.2021) има 5.608 починати, а бројот на ковид дијагностицирани од почетокот на пандемијата е 165.684 .

Светската здравстена организација (СЗО) пандемијата ја дефинира како „ситуација во која целото светско население може да биде изложено на инфекцијата и потенцијално, дел од луѓето да се разболат“.

Повеќе полуинформаци и невистини беа изнесени во говорот на Гордана Гоџо, која предизвика најголемо внимание во јавноста, токму поради извиците од толпата додека таа зборуваше, кога докторите беа наречени „убијци“, додека новинарите „платеници“.

Сите држави поднесоа кривични во Хаг против своите држави – каде сме ние?, праша Гоџо на протестот.

Тоа е невистина и непознавање на системот. Говорничката мисли на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Сепак, таму државите сами против себе не можат да поднесат кривични пријави. Улогата на Судот , како што стои и на неговата интернет страна, е да решава правни спорови во согласност со меѓународното право, кои се доставени до него од страна на државите, како и да дава советодавни мислења за правни прашања поднесени до него од страна на овластените органи на Обединетите нации и специјализираните агенции. Граѓаните, доколку сакаат да ја тужат државата, тоа можат да го сторат и во домашните судови, како што предвидува и македонското право.

Понатаму, Гоџо на насобраните им рече, „Ви стојам на располагање, ги имам сите докази“ за да се почне со судски процес, но не кажа зошто тие докази близу две години не ги поднела до институциите, или не  ги доставила на медиумите и новинарите.

 

ВАКЦИНАТА Е ДОБРОВОЛНА

Во говорот Гоџо изнесува невистина дека вакцината е задолжителна.

На 28 јануари Советот на Европа донесе резулуција 2.361 каде што се вели дека оваа вакцина не смее да биде заолжителна и државите мора да ги известат своите жители дека не е задолжителна.

Вакцината против СарсКов-2 вирусот, кај нас, како и секаде во светот се прима на доброволна база и не е задолжителна. Ова се нагласува во секоја информација публикувана од здравствените власти, вклучувајќи ги и информативните спотови, со цел запознавање на граѓаните со процесот на имунизација.

Во говорот таа повикува: „Кога неправдата станува закон отпорот станува обврска“ – мисла која му се препишува на Томас Џеферсон, креаторот на американската Декларација за независност, која често е употребувана по светот во повиците за револуција, а е прифатена и како повик за оружен отпор.

Ако некоја група граѓани се третира грубо, од која било причина; или ако се донесат угнетувачки закони што ги повредуваат нашите слободи, наша должност е да се спротивставиме мирно или на друг начин – е едно од прифатените толкувања.

Дали цитирањето на оваа мисла на протестот во неделата, всушност, е повик на оружен отпор?

Скандирањето „новинари – платеници“ и повикот на дел од говорниците да се „изгасат медиумите, мислете со свој мозок, не потпаѓајте под контрола“, директно ги деградира десетиците новинари, кои не само што беа присутни на протестот, туку и вршеа директен пренос.

Зборот „платеници“ се однесува на луѓе кои за пари работат за одредена интересна група или корпорација. Меѓутоа, македонските новинари, според анализата на Синдатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) покажува дека најголем дел од новинарите имаат месечни примања и под просечната плата во земјава, која во април 2020 година изнесуваше 25.830 денари.

Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници добиваат од 15.000 до 20.000 денари плата.

Факт дека во пандемијата, во првата линија се новинарите.  Досега петмина медиумски работици починаа, додека неколку десетици беа тешко болни. Во анализата на Советот за етика во медиумите, стои дека на почетокот на коронакризата, медиумските работници  го ризикуваа своето здравје затоа што редакциите немаа опрема за лична заштита, како маски, визири или нараквици.

Новинарите се соочуваа со зголемен притисок и неизвесност, продолжено работно време, несигурност на работното место. И покрај високиот пораст на публиката, одредени медиуми им ги намалија платите на новинарите и другите медиумски работници поради, според менаџерите, пониските приходи од рекламирање. И тоа токму во моментот кога новинарите беа најпотребни.

Голема е тежината на јавно искажаниот збор, особено во вакви тешки времиња, кога се загрозени животот и здравјето на луѓето.

Непрофитниот институт за медиуми, Поинтер пишува: „Факти, а не политика. Броеви, а не мислења. Наука, не претпоставки.“

Во овие збунувачки времиња на дезинформации за ковид-19, неискрени политичари кои се грижат повеќе за идните избори отколку нивните избирачи и луѓе кои повеќе би сакале да ги слушаат пријателите отколку вистинските научници, важно е новинарските организации да се соочат со факти. Истот важи и за луѓето, кои во неделата поведоа толпа луѓе на протест, пишува Поинтер.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција