Како се злоупотребуваат изворите на информации во медиумите?

Иако принципот на атрибуција во македонските медиуми е усвоен пред безмалку две децении, сѐ уште среќаваме написи без никакви извори на информации и такви во кои изворите не се именуваат или погрешно се лоцираат за да се заведе читателот, а сериозен проблем е и користењето на еднострани извори, без да се почитува етичката обврска да се сослуша и другата страна.

Пишува Биљана Илиќ

Текстот е достапен и на албански јазик: Si keqpërdoren burimet e informatave në media?
Како се злоупотребуваат изворите на информации во медиумите?
Фотографија: Irish Typepad

Принципот на атрибуција е одлика на модерниот журнализам, стандард усвоен и во македонското новинарство во средината на деведесеттите години од минатиот век. Сите поважни наводи, искази и факти во еден новинарски напис, освен општо познатите факти, мора да бидат јасно и прецизно атрибуирани, на именуван или лоциран извор. Така, на пример, исказот „во светот и во Македонија владее економска криза“ не мора да се атрибуира, бидејќи очигледно станува збор за општо познат факт, но тврдењето „владата добро се справува со економската криза“ мора да се атрибуира – кој го вели тоа?

Со доследна примена на принципот на атрибуција, новинарот ја „ѕида“ веродостојноста на фактите што ги соопштува и ја освојува довербата на читателот. Написите во кои овој принцип воопшто не се почитува, а се изнесуваат понекогаш и жестоки и обвинувачки тврдења, тешко дека може да се сметаат за веродостојни. Такви примери се написите „Кој стои зад Аце Коцевски?“ и „Андреј Жерновски се пријавувал како невработен“. Во првиот случај, ниту едно од сериозните обвинувања изнесени за опозицискиот кандидат за градоначалник на Велес не е поткрепено со исказ на извор. Во вториот случај, изнесените обвинувања на сметка на кандидатот за градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, се атрибуирани на телевизија Сител како извор. Притоа, воопшто не ја исклучуваме можноста некои од наводите, или дури и сите, да се точни, но во отсуство на каков било извор или без повикување на пишани извори и слично, овие написи се доживуваат како пропагандистички памфлети.

Добриот новинар фактите што ги соопштува ги атрибуира, користејќи официјални (овластени), искуствени (засегнати) и други независни извори (експерти, очевидци итн). Стандардна постапка е изворите да се именуваат, а само кога тоа не е можно, од етички или од други професионални причини – прецизно да се лоцираат. Често, а особено во општества во кои изворите на информации се хронично затворени, се случува некои извори да сакаат да зборуваат јавно, но да побараат да бидат неименувани и заштитени дури и во случај на судска постапка. Во таков случај, доколку им верува, новинарот може да одлучи да не ги именува изворите и нивните искази да ги објави off record, но во таков случај мора да ја опише нивната природа (дали се овластени или засегнати) и нивната блискост до некоја од засегнатите страни (оттаму и вообичаената фраза „извори блиски на…“).

За жал, во нашите медиуми денес многу често фразите за лоцирање на изворите се користат за заведување на читателот, а понекогаш дури и за прикривање на отсуството на извори. Така, на пример, во текстот „Македонија со најмала невработеност, а ова е од транзицијата на Бранко“, дел од наводите воопшто не се атрибуирани (без повикување на извор, написот, на пример, тврди дека „на европско ниво, додека не ја стигнеме Германија, засега Македонија е на ниво на Шпанија“), додека некои наводи се атрибуирани на неименувани стопански комори, стопанственици и економисти, за да се поткрепи тезата дека стапката на невработеност е нереална, а битката против невработеноста е успешна. Уште еднаш ќе нагласиме дека не велиме оти е неточно тврдењето на авторот дека „стопанските комори ги поздравуваат владините мерки за вработување“, но непрецизната локација на изворот остава простор за сомневање – многу подобро би било кога авторот би навел, со име и презиме, барем еден претставник на „стопанските комори“, за да ја засили веродостојноста на исказот. Слична неприфатлива постапка има и во текстот под наслов „СДСМ обвинува за нерегуларности-сценарио за делегитимирање на изборите во недела!?“, во кој авторот централната теза на својот напис ја атрибуира на неименуван извор наречен „експертската јавност“.

Во медиумите е присутен и манирот на некритичко приклонување кон официјалните извори, особено кога станува збор за извори кои секојдневно и активно лиферуваат корисни информации за новинарите. Така, вообичаено е нашите новинари кои известуваат за настани поврзани со криминал, некритички да се приклонуваат кон информациите што им ги соопштува полицијата (на пример, во текстот под наслов „Охриѓанецот Љац натепал полицаец пред Влада“). Во конкретниот напис, проблемот е дополнително оптоварен со фактот што припадник на МВР е засегната страна во приказната, поради што постоела и сериозна етичка обврска да се сослуша и другата страна, осомничениот за нападот.

Воопшто, користењето еднострани извори денес е многу сериозен проблем на нашите медиуми. Во текстот „Полицаец нападнат од синот на сопственикот на Канал 77“, на пример, иако осомничениот за нападот е прецизно лоциран и иако на настанот му претходела кавга во кафе-бар во Штип, нема ниту обид на известувачот да ја дознае верзијата на наводниот напаѓач, или евентуално да интервјуира очевидци на настанот. И во текстот „Дали сендвичарата пред уривање го сврте левичарот Угриновски во десно“, се изнесува сериозно сомневање за поведението на еден политичар, а нема ни обид од него да се побара објаснување, или каков било исказ. Треба да се нагласи дека отсуството на сериозни обиди да се сослуша и другата страна, особено во написи во кои се објавуваат обвинувачки факти, од етички аспект е недозволиво. Едноставно, новинарот е должен во таквите случаи настојчиво да бара исказ од сите засегнати извори, а пожелно е и од независни извори – доколку неговиот напор не вроди со плод, за тоа треба да ја извести јавноста.

Во изборната кампања за локалните избори, регистриравме и една друга загрижувачка појава поврзана со третманот на изворите на информации – новинарите не се трудат доволно да го објаснат статусот и поведението на изворите во кампањата, кога самите не се формални учесници во изборната трка. Во многу написи сретнавме некритички пренесени изјави на владини министри и други јавни функционери, кои претставуваат очигледно и етички недозволено учество во кампањата (на пример, написот „Тодоров: Од утре се враќа ноќната служба во поликлиника „Идадија“!“). Новинарите имаат етичка обврска за ваквите настани, во кои се води скриена и неформална пропаганда (без оглед дали тоа се случува пред или за време на формалниот дел од кампањата), да известуваат во намален обем или таквите вести, едноставно, да не ги објавуваат. За жал, во оваа кампања за локалните избори, тој етички стандард во медиумите ретко беше почитуван.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција