Канадската влада не признала дека 74 отсто од тројно вакцинираните сега имаат „VAIDS“

Некои луѓе неосновано тврдат дека VAIDS е слабеење на имунолошката функција поради вакцините против ковид-19, слично како што луѓето со нетретирани ХИВ или СИДА имаат сериозно компромитиран имунолошки систем. Официјалните канадски податоци воопшто не ја поврзуваат болеста со вакцинација, ниту го мерат нивото на имунитет што го обезбедуваат вакцините. Аргументот кој се цитира во Фејсбук објавата, наводно заснован на податоци на канадската влада, произлегува од антиваксерскиот портал The Exposé, кој се потпира на толкување на податоци кое е крајно неточно. Повеќе светски проверувачи на факти веќе пишуваа дека VAIDS, односно синдромот на имунодефициенција стекната со ковид вакцината не е вистински синдром

Некои луѓе неосновано тврдат дека VAIDS е слабеење на имунолошката функција поради вакцините против ковид-19, слично како што луѓето со нетретирани ХИВ или СИДА имаат сериозно компромитиран имунолошки систем. Официјалните канадски податоци воопшто не ја поврзуваат болеста со вакцинација, ниту го мерат нивото на имунитет што го обезбедуваат вакцините. Аргументот кој се цитира во Фејсбук објавата, наводно заснован на податоци на канадската влада, произлегува од антиваксерскиот портал The Exposé, кој се потпира на толкување на податоци кое е крајно неточно. Повеќе светски проверувачи на факти веќе пишуваа дека VAIDS, односно синдромот на имунодефициенција стекната со ковид вакцината не е вистински синдром

 

 

Фејсбук објава тврди дека податоци од канадската влада покажуваат дека 74 отсто од луѓето тројно вакцинирани против ковид-19 развиле СИДА.  Ова не е точно. Наведените документи во ниту еден момент не ја поврзуваат болеста со вакцинација, ниту го мерат нивото на имунитет што го обезбедуваат вакцините.

Официјалните податоци објавени од канадската влада покажуваат дека 74% од Канаѓаните со тројно вакцинирани сега имаат синдром на стекнат имунолошки дефицит со вакцина (VAIDS). Да, тоа е СИДА предизвикана од вакцината, пишува во објавата.

Неточно е дека извештаите од канадската влада покажуваат дека 74 отсто од луѓето кои земале три дози од вакцината против ковид-19 го изгубиле имунитетот и развиле VAIDS, односно дека сега имаат СИДА, како што е објавено на социјалната мрежа. Во документите наведени во дезинформациите не се споменува СИДА како последица на имунизацијата против ковид-19.

VAIDS не е вистинска медицинска состојба, но дезинформациите за VAIDS стануваат распространети на социјалните мрежи. Некои луѓе неосновано тврдат дека VAIDS е слабеење на имунолошката функција поради вакцините против ковид-19, слично како што луѓето со нетретирани ХИВ или СИДА имаат сериозно компромитиран имунолошки систем.

Повеќе светски проверувачи на факти веќе пишуваа дека VAIDS односно синдромот на имунодефициенција стекната со ковид вакцината не е вистински синдром.

Синдромот на стекната имунодефициенција или „СИДА“ е хронична состојба што ја попречува способноста на телото да се бори против инфекции и болести. Таа е предизвикана од вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ). Но, тврдењата дека има случаи на СИДА предизвикани од вакцинација или „VAIDS“ како што тврдат онлајн корисниците се неосновани.

Не постои феноменот наречен „синдром на имунодефициенција индуцирана од вакцина“. Тоа не е вистински синдром, изјави за Ројтерс, Дона Фарбер, шеф на Одделот за хируршки науки и професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Колумбија.

Таа објаснува зошто вакцините не предизвикуваат имунодефициенција.

Тие не исцрпуваат никакви имунолошки клетки, напротив, тие ги стимулираат имуните клетки да се активираат, се делат и произведуваат молекули како антитела и растворливи фактори за да препознаат патоген и да го ослободат телото од него, додава Фарбер.

Со оглед на тоа што милијарди луѓе ширум светот веќе се вакцинирани против ковид-19, д-р Грант Мекфаден, директор на Биодизајн Центарот за имунотерапија, вакцини и вирусотерапија на Државниот универзитет во Аризона смета дека доколку постоеше нешто како VAIDS, досега ќе беше откриено.

Не постои пандан на СИДА-та предизвикан од вакцината, вели Мекфаден за Асошиејтет Прес.

И пребарувањето низ легитимна биомедицинска литература не најде спомнување на синдром на имунодефициенција стекната со вакцина.

Не постои состојба наречена VAIDS, вели д-р Метју Лоренс, специјалист за педијатриски инфективни болести и истражувач на Универзитетот во Мериленд, во е-пошта до УСА Тудеј.

Аргументот кој се цитира во Фејсбук објавата, наводно заснован на податоци на канадската влада, произлегува од антиваксерскиот портал The Exposé, кој се потпира на толкување на податоци кое е крајно неточно.

Порталот во својот напис, ги злоупотребува податоците на кои го заснова своето централно тврдење. Тоа го прави со мешање на податоците за „ефективноста на вакцините“, која инхерентно опаѓа со текот на времето, со нешто што публикацијата го нарекува „перформанси на имунолошкиот систем“, што сугерира дека го претставува целокупниот имунолошки систем на телото, иако тоа не е презентирано во канадските податоци во ниту еден момент.

Заштитата што ја нуди вакцината опаѓа со текот на времето, но тоа да се поврзе со целосно намалување на севкупниот имунолошки систем на една личност, е злоупотреба на податоците. Како што соопшти Агенцијата за јавно здравје на Канада (PHAC) во е-пошта до порталот Lead Stories за проверка на факти, написот на Exposé „јасно погрешно прикажува како функционираат вакцините и имунолошкиот систем“:

Важно е да се разјасни дека едно лице не заболува од СИДА поради слабеење на неговиот имунолошки систем, туку поради инфекција со ХИВ вирусот, кој се јавува преку директен контакт со крвта, спермата или вагиналните течности на заразено лице. ХИВ инфекцијата предизвикува поединецот постепено да го губи клеточниот имунитет, што го прави подложен на други болести.

Според сите наведени факти заклучуваме дека не е точно тврдењето оти Канадската влада признала дека 74 отсто од тројно вакцинираните сега имаат „VAIDS“ односно СИДА.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција