Кои фактори влијаат врз вест и извештај?

24 часа на Фокс Њуз – снимен по еден фрејм на секоја минута. Фото: karlfrankowski

Новинарите не се повеќе само собирачи на вести. Од нив се очекува да истражуваат, да бидат критични према опкружувањето во кое живеат, но и да бидат проактивни, да покренуваат јавна дебата за сите теми од општествен интерес. Тоа значи дека медиумите мораат да бидат одговорни, бидејќи се занимаваат со јавна работа.

За да бидат спремни за овие предизвици новинарите треба да поседуваат голем фонд на знаење, континуирано да се образуваат и да го чуваат својот углед во заедницата. Тоа ќе го постигнат само со балансиран и толерантен пристап кон темите што ги обработуваат, постојано придржувајќи се кон кодексот на новинарската професија.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Зошто олкав вовед за „производство“ на вест и извештај? Затоа што задача на новинарот не е само да оди во потрага по вестите, туку и умешност да ги селектира и објективно да ги пренесе до аудиториумот.

Многу медиуми денес се определени за едноставен, евтин, тривијален медиумски производ, кој е прилагоден и треба да ги задоволи комуникациските потреби  на консуметните на популарната кич култура. За жал, таквите содржини имаат најголеми тиражи без оглед што дистрибуираат тривијалност, невкус, интриги, навреди…

Читателите, гледачите, слушателите не се свесни дека медиумите на тој начин ги експлоатираат преку програмите од типот на реалити шоуа, квизови и разни спектакли и на тој начин ја компензираат сопствената изгубена моќ како медиуми да се посветат на сложеноста и сериозноста на секојдневниот живот.

Поради тоа, на медискиот пазар сѐ почесто доминираат вести кои не се докрај содржајни, доминираат недовршени извештаи и информации што не се проверени, што оставаат многу отворени прашања, бидејќи нудат само фрагменти. Се фаворизираат информации што не придонесуваат кон создавање на критичко мислење во општеството, не поттикнуваат јавна дебата за прашањата од општ интерес. Едноставно, не се совест на заедницата. Стануваат моќна машинерија која на граѓаните им кажува што да мислат, наместо да им кажува за што да мислат.

Весник со име „Стари вести“ - добро е што станува збор само проект од областа на културата. Фото: @Doug88888
Весник со име „Стари вести“ – добро е што станува збор само проект од областа на културата. Фото: @Doug88888

Монолошки и дијалошки новинарски форми. Од овие два збора можете и сами да насетите за каков вид на новинарска форма се работи.

Монолошките новинарски форми се: вест, извештај, белешка, коментар, рецензија, некролог и цртичка, каде новинарот лично, сам ни го соопштува своето гледање на она што се случило. Меѓутоа, тој поглед понекогаш е ограничен и зависи од многу фактори. Ние ќе се задржиме само на вест и извештај.

Овие жанрови подразбираат собирање информации од теренот каде нешто се случува и известување од местото на настанот во облик на вест (како основна новинарска форма) и извештај – проширена вест со додадена вредност. За било која од овие две форми да се определи, новинарот мора да одговори на оние пет фамозни, замислени прашања што ги поставува аудиториумот: кој, што, кога, каде, како (зошто) нешто се случило. Вестa е, всушност, најсубјективен вид на новинарското искажување, и поради тоа е континуирано под опсервација на комуниколозите.  Др. Дубравка Валиќ Неделковиќ професор на новинарската школа во Белград вели дека веќе се појавила нова научна под-дисциплина „Социологија на вест“. Новинарството почива на вестите.

Секоја вест мора да одговори на правилата за доброто раскажување кои ги втемелил Цицерон уште во 86 година пред новата ера.

  • quis (кој)
  • cur  (зошто)
  • ubi  (каде)
  • quando (кога)
  • quemadmodum (што, со кои средства).

Тие се практично преточени во основната формула за вест :

  • Што се случило
  • Каде се случило
  • Кога се случило
  • Кој учествувал
  • + Зошто се случило
  • Што ќе произлезе од тоа

Контекстот го формира лидот. Редоследот на прашањата што го формираат лидот и чии одговори ја прават содржината на веста, не се утврдени и зависат од контекстот. Контекстот го формира лидот кој може да биде:

  • Краток, одсечен-стакато лид: „Од утре исплата на камати“, „600 работници на „Југохорм“ одат на принуден“.
  • Комуникативен, кога новинарот му се обраќа на аудиториумот: „Вашите камати од утре можете да ги запишувате“…  „Не излегувајте од  дома поради преголема загаденост на воздухот“.
  • Цитатни: „Глигор Бишев: „Во сите експозитури на  „Шпаркасе“ од утре упис на камати“. „Коце Трајановски: „Ја следиме состојбата со прекумерното загадување“.
  • Прашален: „Дали сите, и кои банки, сигурно ќе започнат од  утре со упис на камати“ . „Дали градските власти ќе преземат нешто поради загадувањето на воздухот“.
  • Контрастен: „Работниците од „Југохром“  ќе протестираат, а бордот не попушта- сите има да одат на принуден одмор“. „Во градот нема да се воведе пар непар, граѓаните ќе излезат на улица со гас маски“.

Како да се избере тема (она што е најважно за читателите/гледачите/слушателите). Новинарите главно се интересираат за настаните, појавите и луѓето.  Угледните и сериозни медиуми водат сметка за јавниот интерес и врз основа на тоа ги определуваат темите. Што е јавен интерес? Според теоретичарите, јавен интерес  е интерес на сите граѓани без оглед на  нивното етничко, верско или социјално потекло и тој треба да биде приоритет во развојот на демократското општество.

Според принципите на ИФЈ (Меѓународната федерација на новинарите) приоритетите одат по следниот ред: Борбата против криминалот, поголема грижа за социјалните прашања, човековите и граѓанските права, економскиот развој и пазарното стопанство, транспарентност на владите и парламентот,  локалната самоуправа, потребите на граѓаните, односите помеѓу позиција и опозиција, сигурноста на граѓаните,  инфраструктура, партиципација на граѓаните во политичкиот живот, право на граѓаните да бидат информирани за имотната состојба на политичарите. Тоа би биле централните теми кон кои треба да биде свртен погледот на новинарите.

По ѓаволите со јавниот интерес - дајте сензационализам. News of the World: Најдебелата мачка на светот има најдебели мачиња на светот. Фото: Jdmrhd
По ѓаволите со јавниот интерес – дајте сензационализам. News of the World: Најдебелата мачка на светот има најдебели мачиња на светот. Фото: Jdmrhd

Класификација на настани (теми)  за кои медиумите-новинарите  известуваат.

Настани за кои обавезно и сите медиуми известуваат без оглед на идеолошките, политичките и културните разлики, се: големите несреќи, земјотреси, поплави, војни, пожари, епидемии…

Настани за кои се известува, но не им се дава соодветен и ист третман. Поточно, во едните медиуми се преекспонирани, во другите се подекспонирани. Тоа се оние настани за кои сите медиуми би требало да известуват без оглед на програмската ориентација, но не мораат да им посветат исто внимание. Медиумите чија програмска ориентација е информативно-политичка, секако дека ќе посветат поголемо внимание и простор на вестите за протестите во Украина, ако треба ќе испратат и специјален известувач, за разлика од медиумот чија уредувачка или програмска шема е музичко забавна и кој за овој настан ќе објави само една реченица.

Планирани и изненадни настани. Понекогаш однапред најавен настан може да биде безначаен или обратно. Изненаден настан може на прв поглед да изгледа медиумски атрактивен, а подоцна да се покаже дека информативно бил потполно невалиден. (Боки 13 закажа конференција за печат по повод Евровизија). Настанот беше многу атрактивно најавен, меѓутоа Боки 13 на конференцијата за печат не кажа ништо значајно, освен дека ќе беше подобро тој да ја претставува Македонија на Евровизискиот фестивал.

Псевдонастани и медиумски иницирани настани. Псевдонастани се  однапред искреирани само за да се обезбеди публицитет за одредена структура (политичка, економска, безбедносна…) и се однесува на политичка партија, јавна личност, голема компанија… Тоа се таканаречени медиумски настани што се организираат само за медиумите да ги забележат. „Отворени денови на Владата за граѓаните“,  „Порше Македонија “ организира тестирање на најновиот модел на „Шкода“. Тие, според стандардите, не би требало да претставуваат вест. Вест е ако тој модел на автомобили почне да се произведува во некоја фабрика во Македонија.

Во такви ситуации новинарите мора да го проценат правото значење на настанот и колку тој е важен за граѓаните за соодветно да му посветат внимание.

Вести кои не смеат да „протечат“ во јавноста. Постојат настани и процеси за кои поедини центри на моќ никако не би сакале како вест да се најдат во медиумите. Тоа се медиумски иницирани настани кои медиумите ќе ги издвојат и ќе ги постават на општествената агенда како приоритет од исклучителна важност за остварување на јавниот интерес. Тие од маргините преминуваат во  центарот на вниманието на граѓаните. „Може ли директорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, да има приватна фирма во странство“? 

На новинарите секогаш им е потребна добра тема, (настан), но  не треба да се заборави дека и на тие кои произведуваат теми (настани) им е потребен публицитет. Затоа, новинариите мора да бидат многу претпазливи и внимателни за да не се претворат во гласноговорници и трансмитери на своите извори на информации. Тоа зависи од опкружувањето и контекстот во кој се произведува информацијата.

Постојат неколку контексти што директно влијаат на квалитетот и формата на вест и извештај, кои ќе бидат пласирани во јавност, без оглед за кој жанр се работи. Тие можат сериозно да влијаат на објективноста на веста или извештајот.

Општествено политички/идеолошки контекст и цензура и автоцензура во веста или  извештајот условно, за  секоја рубрика е статичен. Информацијата се подготвува  во одредена политичка клима, во одреден географски простор, кој е ограничен со доминантна идеологија која директно влијае на начинот како одредена информација ќе се обработи и ќе се пласира во јавност. Општествено-политичкиот и идеолошкиот контекст може да биде силен ограничувачки фактор за реализација на одредена вест или извештај. Во такви околности, во моментот на подготовка на веста или извештајот, кај новинарот „проработува“ свеста за цензура и автоцензура .

Авто-цензурата е посебно опасна, бидејќи таа е скриена длабоко во свеста на новинарот и под нејзиното влијание новинарите на јавноста ѝ кажуваат многу помалку отколку што тоа приликите го наметнуваат. Несигурни за својата работа, можеби недоволно дораснати за новинарските задачи пред кои се поставени, недоволно подготвени за настаните од кои треба да известуваат, со недоволно знаење за областа и проблематиката во новонастанатата ситуација од која известуваат, оптеретени со грешка која можеби порано во слична ситуација ја направиле, политички или синдикално обележени… многу новинари во такви ситуации прибегнуваат кон линијата на помал отпор. И тогаш автоцензурата при подготовката на извештајот е многу посилна од околностите што ги наметнуваат одредени политички  или партиски центри на моќ кон медиумите. Просто кажано, во таквите ситуации новинарите голем дел од случувањата на настанот го кријат „под тепих“. Познатиот настан поврзан со пресудата на новинарот Томислав Кежаровски еден новинар го виде вака: „И денес ЗНМ организираше протест поради пресудата на новинарот Томислав Кежаровски на кој ги  видовме познатите личности од минатото, блиски  до СДСМ .. . ЗНМ наместо заштитник на фелата се претвори во чувар на политички интереси“- (Курир). Друг новинар од истиот настан има  дијаметрално различна вест:  „Фронтот го сочинуваат новинарите и граѓанските организации, присутните со молк, мирно, облечени во црно, на симболичен начин протестираа поради превисоката казна изречена на новинарот Томислав Кежаровски. Полицијата ги спречи да се доближат до зградата на Музејот на ВМРО каде требаше да се одржи протестот…“( ТВ Нова, ТВ Телма).

Демонстрант на Occupy Wall Street протестите, Зукоти Парк, Њујорк, ден 50, 15 ноември 2011. „Исклучете ги вестите и читајте“. Фото:  Saint Huck
Демонстрант на Occupy Wall Street протестите, Зукоти Парк, Њујорк, ден 50, 15 ноември 2011. „Исклучете ги вестите и читајте“. Фото: Saint Huck

Цензурата, за разлика од автоцензура, која е прикриена и многу поопасна за слободата на јавното информирање и новинарството, е видлива и со закони, уредби, соопштенија ја регулира „вистината“ која ќе биде објавена во медиумите. Таа директно наметнува општествено-политички и идеолошки контекст.

Културниот контекст како фактор кој влијае врз веста и извештајот е, условно кажано, статичен. Тој однапред, повеќе имплицитно отколку експлицитно, ја одредува конструкцијата на извештајот кој ќе се пласира до јавноста. Културниот контекст е a priori присутен и кај новинарите и кај медиумската публика. На ова посебно треба да се води сметка кога се известува или се пишува извештај за случувањата од  другата култура. За извештајот да биде реален, новинарот треба/мора да се соживее со дадената култура и да известува од стојалиштето на таа култура, а не од рамка и со диоптрија на сопствената култура.

Истовремено, мора да воспостави дистанца кон сопствените и туѓите митови и симболи, посебно кон оние кои се политички инструментализирани за производство на ксенофобија: …„Пеењето од џамиите е знак за етничко чистење на немуслиманското население“… на мизогинија: „Девојката е виновна што момчето во Куманово го изболе со нож“, не толерантен говор за другиот, кој е разлчен …„нема да им дозволиме бракови на хомосексуалците“…

Контекст на простор и место. Извештајот и веста главно се пишуваат уште додека случувањето е во тек или е непосредно завршено. Затоа, како новинарска форма тие се пократки, концизни, помалку студиозни.
И на крај, еве неколку прашања на кои новинарот мора секојдневно сам пред себе да одговора при пишување вест или извештај:

  • Треба ли за самоубиство на стечаец во Куманово, како облик на политички протест, да се посвети насловна страна, може ли тоа и другите да ги поттикне на ист таков чекор?
  • Што да направам со вест или извештај ако поради крутиот однос на огласувачот или поради идеолошко-политичко определување може во редакцијата да се случи комерцијален крах?
  • Треба ли поради идеолошко-политичка кампања насочена кон некои спорни прашања да се маргинализира нормалното и врамнотеженото покривање на настаните?
  • Треба ли новинар да подгрева тривијални теми само за да се пополни просторот?
  • Треба ли поради итноста да се пополни празниот простор во медиумот, да се објави недоволно проверена вест и без консултација на релевантен извор?
  • Колкава е одговорноста и обврската на новинарот да разговара со повеќе лица пред да го напише извештајот?
  • Колкава е одговорноста на новинарот да ја дополни и прошири агенциската вест од окружувањето, особено ако информациата е „тенка“ и без адекватни извори?
  • Како новнарот треба да одговори на предизвиците и притисоците од изворот на информациите, владата или други центри на моќ, кога знае дека писмената информација добиена од изворот не ја кажува целата вистина?

Ова е само еден дел на дилемите со кои новинариоте секој ден се сретнуваат, а многу од нив нема да ги решат во текот на целата кариера. На некои прашања веднаш ќе имат одговор, а на други повторно и повторно ќе се навраќаат, зависно од контекстите кои понапред ги набројавме.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција