Контраспин: Без договорот со Грција (и со Бугарија), не можеше ниту во НАТО, ниту може кон ЕУ
Мицкоски ја извртува вистината кога зборува за околностите под кои земјава стана член на НАТО и за патот за членство во ЕУ. Во интервју што е дадено за „Фокус“, Мицкоски вели дека ќе сме станеле членка на НАТО и без промена на името, доколку тоа беше геостратегиски интерес, што не е ништо друго туку спин
Мицкоски ја извртува вистината кога зборува за околностите под кои земјава стана член на НАТО и за патот за членство во ЕУ. Во интервју што е дадено за „Фокус“, Мицкоски вели дека ќе сме станеле членка на НАТО и без промена на името, доколку тоа беше геостратегиски интерес, што не е ништо друго туку спин
Пишува: Теофил Блажевски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју изнесува став околу надворешната и внатрешната политика, во кој може да се детектира спин:
Спин: Јас би сакал и силно верувам дека ЕУ ќе го додржи зборот и она што беше ветено во минатото. Но, не е тоа суштината. Се сеќавам на лидерската средба што ја имавме пред три години во мај во Клубот на пратениците, кога за првпат беше спомената можноста за уставни промени за Илинденска Македонија. Многу јасно го прашав Заев: Дали си свесен дека со ова ги растураш сите повеќедецениски преговарачки позиции на Македонија? Ама, ми вели, „ќе станеме членка на НАТО и ЕУ“. Не само што не станавме членка, туку не сме ни почнале да преговараме. А, членка на НАТО, доколку беше тоа геостратегиски интерес, ќе станевме и без промена на името“
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Мицковски: Уште пред три години.., датум: 21.05.2021]
Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сака да ја увери јавноста дека било можно во блиското минато да не се носи државна одлука за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија, како услов за евро-атлантските интеграции, а притоа целта да биде исполнета, што е извртување на вистината, односно спин.
Во спинот има два дела, едниот е патот за членството кон ЕУ, а другиот се однесува за зачленувањето во НАТО. За да стане појасен спинот треба да се имаат предвид следниве факти:
– Од 1993 година до денес, не постои поголема политичка партија во Македонија која во своите програмски определби не запишала дека земјата ја гледа како членка на Европската унија и НАТО, т.е. демократски управувавна земја која ги споделува европските и генерално про-западните вредности и која своето место го гледа во споменатите две заедници. Такви програмски определби и во пишани документи, а и декларативно, во 90 отсто од случаите ги изложувало и ВМРО-ДПМНЕ од основањето на оваа партија до денес.
– Од зачленувањето на Република Македонија во ООН во 1993 година, преку првите контакти со тогашната ЕЕЗ (денешна ЕУ), и со НАТО, во официјалните документи и преписки, од секогаш бил истакнуван интересот на овие две организации дека сакаат земјата да биде нивен член.
– Од 1996, 2001, 2004 и 2005 година, кога се потпишани Спогодбата за соработка со ЕЗ, па Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, преку поднесената и одобрена апликацијата за членство во ЕУ со кандидатски статус – ЕУ повеќе пати заклучила дека земјата ги исполнува условите за да започне преговори, но започнувањето на тие преговори било блокирано најчесто од само две земји. Едната е Грција, а другата е Бугарија, чие противење не е за прв пат само во последниве година и половина, туку Софија тоа го има направено и во 2012 година.
– Од Одлуката на Собранието на РМ во декември 1993 година за стапување во НАТО, до 2020 година кога и официјално станавме 30-та земја членка на Алијансата, ниту еднаш не била доведена стратешката определба и на Македонија и на земјите членки на Алијансата да пристапиме кон овој воен сојуз…
– Од случувањата на самитот на НАТО во 2008 во Букурешт, кога САД првиот ден објавија дека нови членки на НАТО ќе станат Албанија, Хрватска и Македонија, а утредента Грција го блокираше процесот за Македонија, бидејќи не гласаше за таа одлука, т.е. стави вето, стана многу јасно за сите во цел свет, дека без решавање на спорот на Атина со Скопје – а во кој главни се името Македонија и придавките македонско, македонски и слично – членството на земјата во НАТО, но и во ЕУ ќе стане заглавено во ќорсокак.
Договорите со Грција и Бугарија се клучни услови
Имајќи ги предвид погоре наброените кратки факти, во ставот на Мицкоски во кој препознаваме спин, вистината се извртува во две насоки.
Најпрво, се проблематизира започнувањето преговори со ЕУ, иако Мицкоски многу добро знае дека моменталната блокада е настаната најпрво поради барањата за реформиран преговарачки процес, т.е. нова методологија од страна на Франција, а потоа од Бугарија, која од 2019 година бара посебни услови за Македонија надвор од постојните, тврдејќи дека Скопје не го исполнува Договорот за пријателство од 2017 година.
Кога зборува, пак, за НАТО, Мицкоски најпрво проблематизира геостратешки интерес, веројатно на големите земји од западната хемисфера, зашто вели, „ако постоел геостратегиски интерес ќе сме станеле членка и без промена на името“. Од кратката фактографија на овој процес што е претставена погоре, сосема е јасно дека ниту на Запад, ниту во земјава, никогаш не биле доведени во прашање геостратешките интереси за членство во НАТО. Оттука, пак, јасно е дека без договорот со Грција, со кој беше променето уставното име Република Македонија и без договорот за пријателство и соработка со Бугарија од 2017 година, земјата немаше да стане членка на НАТО, барем сè додека во НАТО (и во ЕУ), одлуките се носат со консензус на секоја земја членка.
Затоа, ваквите тврдења или ставови на Мицкоски, јасно можат да се означат како извртување на вистината, т.е. спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар