Лабораториите во Украина не се под директна команда на Пентагон и не се за биолошко оружје

Фото: Принтскрин видео

Не е вистина дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон, а во кои имало сипаници, дифтерија, туберкулоза, антракс, чума, сарс и ковид. Лабораториите се под суверена команда на Украина и се национални, а СЗО после воената инвазија на Русија врз Украина, препорача патогените да се уништат за да не им паднат во раце на руските воени сили

Не е вистина дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон, а во кои имало сипаници, дифтерија, туберкулоза, антракс, чума, сарс и ковид. Лабораториите се под суверена команда на Украина и се национални, а СЗО после воената инвазија на Русија врз Украина, препорача патогените да се уништат за да не им паднат во раце на руските воени сили

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон, со високо патогени бактериолошки и вирусни материи како сипаници, дифтерија, туберкулоза, антракс, чума, сарс и ковид.

Русија сè почесто ги пласира дезинформациите дека САД во Украина има лаборатории за биолошко оружје, ама за тоа нема никакви докази. Во постот што го рецензираме споделено е видео од портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа во видеото тврди дека во „Украина имало биолошки материјал за воени цели“.

Претходно, како што извести „Ројтерс“, Захарова тврдеше дека руските власти имаат докази дека украинското Министерство за здравство на почетокот на руската инвазија наредило да се уништат колера шуга и други патогени .

 

СТАРИ ТВРДЕЊА

Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари бар од 2018 година.

Според тој постар наратив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики. Според сервисот за проверка на факти „Раскринкавање“, наводите за американските биолошки лаборатории се појавиле уште во 2015 година. Како пример, го наведуваат текстот на рускиот медиум „Спутник“ во кој пишува дека „Русија ја загрижуваат воените биолаборатории кои САД ги гради во нејзиното окружување“, иако самиот текст не носи детали или докази дека САД на постсоветско тло навистина гради такви лаборатории.

„Раскринкавање“, исто така, наведува дека амбасадата на Руската Федерација во Босна, на почетокот на инвазијата (27.02.2022) во соопштение објавено на нејзината официјална веб-страница  и споделено на Фејсбук, меѓу другото, напишала дека:

САД ја наполниле Украина со биолаборатории, кои – многу веројатно – се користени за проучување на методи за масовно уништување на рускиот народ на генетско ниво.

Како доказ за ова наводно биолошко оружје се наведува заедничката програма за намалување на опасноста која ја покрена Министерството за одбрана на САД во 1991 година.

Според „Политифакт“, оваа програма почнува после падот на Советскиот Сојуз за да се намали опасноста од постоечките оружја за масовно уништување, односно за да се неутрализира биолошкото оружје произведено во пост советските земји. Програмата е позната како „Нун Лугар“ и се наоѓа во Агенцијата за намалување на опасности во Министерството за обрана.

САД од 2005 година соработува со Украина во рамките на таа програма. Договорот кој е јавен и може да го погледнете овде, се однесува на соработка за спречување на ширење на патогени и знаење кое може да се користи за развој во биолошко оружје и за помош за модернизација на повеќе државни лаборатории кои се наоѓаат во градовите Одеса, Харков, Лавов, Киев, Виница, Херсон и Дњепропетровск.

 

УКРАИНСКАТА БЕЗБЕДНОСНА СЛУЖБА ДЕМАНТИРА

Тоа не значи дека лабораториите се користени во воени цели или дека се подредени на американската влада. Во 2020 година, украинската безбедносна служба издаде соопштение во кое наведе дека нема биолошки лаборатории во Украина кои се водени од странски држави а особено не воени такви лаборатории.

Истакнуваме дека тие лаборатории се финансирани од државни пари, лабораториите се под Министерството за здравство и државната служба за сигурност на храната и заштитата на потрошувачите, соопштија од безбедносната служба на Украина.

Дополнително на оваа дезинформација за биолабораториите, се надоврза и таа дека во нив бил направен ковид-19, за што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

 

САД ГИ ОТФРЛИЈА ОБВИНУВАЊАТА

САД веќе ги отфрлија обвинувањата кои доаѓаат од Русија. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби рече дека станува збор за класична воена пропаганда, а портпаролката на Стејт Департментот Нед Прајс дека кажа дека Русија измислува тврдења за да го прикрие своето делување во Украина.

Мет Филд, уредник на списанието Булетин на атомската наука, за „Си Ен Ен“ потсети дека во 2018 година, Русија пласирала тврдења за биолаборатории во Грузија, баш во времето кога актуелен бил случајот на Сергеј Скрипал, поранешен службеник во руската војска кој подоцна стана британски агент и беше отруен во Англија со ќерка му.

Тој наведува дека методата на ваквите обвиненија со кои се служи Русија доаѓаат од времето на КГБ, чии агенти прво во форма на кратки соопштенија би пласирале тврдења за други странски држави, а режимот потоа по пат на домашните медиуми би ги цитирал како „извори и би ги прифатил како релевантни”.

Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и сигурносна политика рече дека ЕУ не е запознаена дека во Украина се наоѓаат лаборатории кои не се во согласност со меѓународното право.

Викторија Нуланд од американскиот Стејт Департмент пред Сенатот на САД кажа дека Украина има подлога за биолошко истражување, додавајќи дека е загрижена дека руските воени сили настојуваат да ги заземат тие лаборатории. Таа рече дека американските служби соработуваат со Украинците за материјалот од тие лаборатории да не падне во рацете на руската војска.

 

НАЦИОНАЛНИ УКРАИНСКИ ЛАБОРАТОРИИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ШИРЕЊЕ ЗАРАЗИ

Претходно и СЗО предупреди на истото и порача дека во Украина има лаборатории во кои се истражува како да се ублажат заканите од опасните болести.

Светската здравствена организација препорача на украинското Министерство за здравство и на другите одговорни тела да ги уништат опасните патогени како би се спречило тие да излезат, рекоа од СЗО.

„Во Украина нема американска воена лабораторија“, рече во изјава за „ПолитиФакт“ Енди Вебер,член на Одборот на директори на Здружението за контрола на оружјето и поранешен помошник секретар за одбрана за програми за нуклеарна, хемиска и биолошка одбрана.

Напротив, Програмата за намалување на кооперативните закани на Министерството за одбрана на САД обезбедува техничка поддршка на украинското Министерство за здравство од 2005 година за подобрување на лабораториите за јавно здравје, чија мисија е аналогна на американските центри за контрола и превенција на болести. Овие лаборатории неодамна одиграа важна улога во запирање на ширењето на ковид-19, изјави Вебер за „ПолитиФакт“.

Според тинк-тенкот Атлантски совет, руските пропагандисти долго време шират пропаганда во Украина, вклучително и тврдења дека овие лаборатории експериментираат врз граѓаните.

Кода, непрофитна медиумска компанија, во 2018 година објави дека тврдењето е дел од пошироката кампања за дезинформации од страна на Кремљ за дискредитација на САД во очите на руските прозападни соседи, Украина и Грузија.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ рече дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку дека нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.

Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон, а во кои имало сипаници, дифтерија, туберкулоза, антракс, чума, сарс и ковид. Лабораториите се под суверена команда на Украина и се национални, а СЗО после воената инвазија на Русија врз Украина, препорача патогените да се уништат за да не им паднат во раце на руските воени сили. 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција