Лага е дека ако си за ЕУ треба да јадеш инсекти за да не умреш

Никој не ги принудува граѓаните на ЕУ да јадат инсекти за да не умрат, како што тоа се тврди во постот. Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја. Употребата на инсекти како алтернативен извор на протеини не е нова

Никој не ги принудува граѓаните на ЕУ да јадат инсекти за да не умрат, како што тоа се тврди во постот. Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја. Употребата на инсекти како алтернативен извор на протеини не е нова, а инсектите редовно се јадат во многу делови од светот. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека во ЕУ, за да не умрат луѓето, ќе треба да јадат инсекти.

Ако си за ЕУ, за да не умреш ќе јадеш инсекти, стои во објавата.

Ваквото тврдење не е поткрепено со никаква позадина или објаснување, а не нуди ниту некакви факти. Со објавата е приложено видео од некој говорник во Европскиот парламент, кој на хрватски јазик зборува против политиката ЕУ за земјоделието во различни држави членки.

Одлуката на ЕУ во јануари 2023 година, да одобри некои производи добиени од инсекти за човечка исхрана, предизвика бран на дезинформации ширум Унијата. Во многу земји-членки се појавија лажни вести за инсекти скриени во храната или за инсекти кои се опасни за човечка исхрана. Во некои источноевропски земји руската пропаганда ги искористи тековните дезинформации за да воспостави врска со постоечки наратив кој ги преувеличува негативните последици од војната во Украина и санкциите врз европскиот начин на живот.

Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи, меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја.

 

Барањето на приватна компанија е проучувано во ЕУ 4 години пред да биде одобрено

Европската Комисија донесе регулатива со која од 3 јануари 2023 година на пазарот се одобрува употребата на прав од акета доместикус (домашен штурец), како нова храна. Според документот објавен на линкот, на 24 јули 2019 година компанијата Крикет Оне Ко (апликантот), аплицирала во Европската Комисија за авторизација на овој прав на пазарот во ЕУ како нова храна. Правот е од домашен штурец со намера да се користи во целозрнести лебови, крекери и лепчиња, во житни барови, суви миксови за печење, бисквити, производи од паста со и без полнење, сосови, процесирани производи од компири, пица, супи и концентрати за супа, пијалаци слични на пиво, во чоколадо и други производи наменети за широката популација.
На 23 март 2022 година Европската комисија усвои научно мислење за безбедноста на овој прав. Во научното мислење, се вели дека правот од домашен штурец е безбеден ако се користи под пропишаните услови и ако се користи во нивоата и количините кои се пропишани.

Затоа, научното мислење дава доволна база за да се заклучи дека правот од домашен штурец кога се користи во полнозрнест леб, житни барови, миксови за печење, бисквити, паста, сосови, процесирани производи од компири, пица, концентрати за супа, пијалаци слични на пиво, чоколади итн, ги исполнува условите за неговото пласирање на пазарот во согласност со европските регулативи, пишува во документот.

Дополнително, во наредните 5 години, само еден производител ќе има ексклузивно право да го користи овој прав во своите производи, и ниеден друг. Такво ексклузивно право е исто така наведено.

Фирмата што аплицирала за да го користи прашакот од домашен штурец на европскиот пазар во своите производи се вика Крикет Оне, и е производител на протеини од штурци и инсекти што се јадат, со канцеларија во Виетнам. Фирмата е основана во 2017 година.

Иако е точно дека ставањето на пазарот на споменатиот производ е одобрено, никако не се работи за обврска или нужност за негово купување или консумирање за граѓаните на Европската унија.

Документот за одобрението на овој производ е објавен на 3 јануари 2023 година, во официјалниот журнал на Европската Унија, и тоа под наслов: ,,Дозвола на пазарот да се стави во употреба делумно обезмастен прав од акета доместикус (домашен штурец) како нова храна”.

Во документот (стр.5), пишува дека ознаката на новата храна на етикетите треба да биде „делумно обезмастен прав од домашен штурец – акета доместикус“.  На етикетата на прехранбените артикли кои содржат делумно обезмастен прав од домашен штурец треба да биде експлицитно напишано дека оваа состојка може да предизвика алергиска реакција за консументите кои имаат позната алергија на прашински грини, ракови, мекотели. Ваквата информација треба да се појави веднаш до листата на состојки. Следствено, сите консументи имаат право и пристап да дојдат до информацијата што точно содржи храната која ја купуваат.

Значи, обележувањето ќе биде назначено веднаш до листата на состојки, така што консументите ќе знаат дали прашакот од инсекти бил додаден.

Портпарол на Европската Комисија преку мејл за Евроњуз потврдил дека храната ќе мора да биде обележана.

Задолжителни информации за храната мора да бидат достапни на пакувањето. Индикацијата за алергени, исто така, е задолжителна и мора да им биде обезбедена на консументите, изјавил тој за Еуроњуз.

Според тоа, граѓаните сами ќе одлучат дали производот ќе го купат или не, никој нема да ги принудува на тоа.

 

Лажните вести базирани зад наративот „ресетирање на храната“

Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“. Kолегите од романскиот портал за проверка на факти Веридика го поврзаа овој тип на дезинформации за инсектите како наметната храна со наративот за „ресетирање храна“. Иако производот од обезмастениот прав од домашен штурец е пуштен на пазарот во Европската унија, потрошувачката на истиот не им е наметната на граѓаните на Европската унија. Покрај сето ова, јасно ќе бидат означени производите што содржат прав од домашен штурец.

Употребата на инсекти како алтернативен извор на протеини не е нова, а инсектите редовно се јадат во многу делови од светот. Една неодамнешна студија направи синтеза и покажа дека околу 2.000 видови инсекти се јадат во повеќе од 100 земји ширум светот, пишува Веридика. Инсектите кои можат да се јадат, особено штурците, се дел од традиционалната исхрана на неколку земји во Азија, како Кина, Јапонија, Тајван, Камбоџа, Лаос, Мјанмар, Виетнам, Тајланд, но и во Екваторијална Африка, па дури и во Мексико. Нивното консумирање се одвива во различни форми и во различни прилики. Нивната подготовка обично вклучува пржење или варење на пареа за конзумирање како главно јадење или закуска.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека одобрувањето на правот од домашен штурец како додаток во исхраната не е задолжителен за консумација за земјите членки на ЕУ. На производите кои содржат прав од штурец тоа ќе биде јасно наведено, а граѓаните ќе одлучуваат дали тој прозивод ќе го купат или не. Никој не ги принудува граѓаните на ЕУ да јадат инсекти за да не умрат, како што тоа се тврди во постот.

Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја. Употребата на инсекти како алтернативен извор на протеини не е нова, а инсектите редовно се јадат во многу делови од светот. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“. Поради ова, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција