Лага е дека вакцинираните деца ја губеле интелигенцијата

Фото: CDC/Unsplash.com

Имајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека децата не треба да се вакцинираат или дека невакцинираните деца се попаметни од вакцинираните. Вакви манипулативни објави кои што се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да наштетат на здравјето на децата но и на колективното јавно здравје

Благодарение на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Имајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека децата не треба да се вакцинираат или дека невакцинираните деца се попаметни од вакцинираните. Вакви манипулативни објави кои што се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да наштетат на здравјето на децата но и на колективното јавно здравје

 

Објава на мрежата Фејсбук тврди дека децата не треба да се вацинираат бидејќи од вакцините ја губеле интелигенцијата.

Позади завесата се игра друга игра. Преземање на контролата врз моќта, глобално.
Останете смирени. Одбивајте вакцини…по секоја цена..детски и ковид. Губењето на интелигенцијата кај детето е неповратно, стои во објавата која ја анализираме.

Во објавата манипулативно и без никакви научно потврдени докази се тврди дека децата кои се вакцинираат ја губеле интелигенцијата неповратно и поради тоа повикува луѓето да одбивале вакцини по секоја цена. Тврдењето дека децата кои се вакцинираат ја губат интелигенцијата, односно се помалку паметни, е целосна лага.

Секоја вакцина што ја примаат децата, спречува некоја конкретна болест. Децата кои ги примаат сите задолжителни вакцини се заштитени од болести кои што пред појавата на имунизацијата предизвикувале голем број на смртни случаи и кај бебиња и кај повозрасни дечиња. Најголем ризик по здравјето на децата е тие да не бидат вакцинирани.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како што се на пример туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО), покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Нема никаква логика тврдењето дека вакцинацијата влијае на тоа дали децата ќе бидат паметни или не. Вакцините спречуваат заразни болести и тие немаат никаква врска со интелигенцијата на детето. Нема никакви научни докази базирани на истражувања кои го потврдуваат тврдењето дека дете коешто е вакцинирано е помалку интелигентно од децата, на пример, кои не би се вакцинирале, како што се инсинуира објавата која ја анализираме.

Постојат повеќе студии кои ги испитуваат разликите во здравјето и развојните исходи меѓу вакцинираните и невакцинираните деца и тие студии не детектираат несакани ефекти кај вакцинираните деца. Студија од 2004 година покажува дека нема врска меѓу вакцините и застојот во развојот.

Друга студија покажува дека децата кои се вакцинирани во првата година од животот имале подобри когнитивни тестови. Слично, вакцината против сипаници во земјите како Етиопија, Индија и Виетнам се поврзува со подобри резултати на когнитивните тестови.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Од ова можеме да закличуме дека благодарение на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици. Имајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека децата не треба да се вакцинираат или дека невакцинираните деца се попаметни од вакцинираните. Вакви манипулативни објави кои што се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да наштетат на здравјето на децата, но и на колективното јавно здравје. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција