Лажен јапонски доктор нуди „волшебни капки“ за лекување на дијабетес

Фото: Joseph auf Pixabay

Пребарувањата на фотографијата од наводниот доктор Хироки Саито, покажуваат дека ова е друг човек. На фотографијата се наоѓа професорот на Институтот за технологија во Токио, Јошинори Охсуми кој во 2016 година доби Нобелова награда за медицина за неговата работа на аутофагијата – наука за тоа како клетките се разградуваат и ги рециклираат нивните делови. Не постои единствен „волшебен лек“ за дијабетес, а потпирањето на непроверени препарати не само што може да биде неефикасно туку и опасно по здравјето

Пребарувањата на фотографијата од наводниот доктор Хироки Саито, покажуваат дека ова е друг човек. На фотографијата се наоѓа професорот на Институтот за технологија во Токио, Јошинори Охсуми кој во 2016 година доби Нобелова награда за медицина за неговата работа на аутофагијата – наука за тоа како клетките се разградуваат и ги рециклираат нивните делови. Не постои единствен „волшебен лек“ за дијабетес, а потпирањето на непроверени препарати не само што може да биде неефикасно туку и опасно по здравјето

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека постои лек за дијабетес од природни состојки кои придонесуваат за нормализација на нивото на гликоза. Но, објавата води до една од многуте онлајн измами кои нудат наводно чудесни лекови, a кои се непроверени и неодобрени за употреба.

Објавата води до веб-страница на којашто има текст со сензационалистички наслов:

Јапонски специјалист открива: Елиминирајте ја “токсичната молекула” и кажете му збогум на дијабет тип 2!

Во долгиот текст којшто е реклама за наводен лек против дијабетес тип 2  е претставен извесен јапонски доктор околу кој се креира цела приказна. Овој доктор е именуван како Хироки Саито за кој се тврди дека  е „научник експерт по метаболологија на Универзитетот во Токио, Јапонија и претседател на Азискиот комитет против дијабетес“.

Притоа овој јапонски доктор, ни помалку ни повеќе туку во С. Македонија го претставува лекот којшто се нарекува на едно место Dia Drops, а на друго DiaCare Plus. Прво набројува купишта пофалби за нашата земја, а потоа во приказната тврди дека лекарите во С. Македонија не знаат како правилно да го лекуваат дијабетесот, а пишува и дека тој добивал закани откако ја објавил новата метода.

И тој ја разоткри вистината за традиционалната македонска медицина: валкана корупциска шема која ги спречува луѓето да имаат пристап до нови научни откритија, се вели во текстот.

Но, сето ова е една голема измислица.

Ваков доктор Хироки Саито од Јапонија воопшто не бил во С. Македонија. Да било тоа вистина тогаш ќе има некаков медиумски запис за присуството на ваков врвен јапонски доктор кај нас, или бар ќе имаше некакви објави на социјалните мрежи.

Иако пребарувањата на Гугл покажуваат дека постојат неколку доктори со името Хироки Саито, никој од нив не измислил лек против дијабетес. Исто така неточна е информацијата дека овој наводен доктор е претседател на Азискиот комитет против дијабетес. Ваков комитет воопшто не постои. Постои Азиско здружение за проучување на дијабетес чиј што претседател е докторот Јутака Сеино.

Пребарувањата на фотографијата којашто е прикачена на веб-страницата за да го претстави наводниот доктор Хироки Саито, покажуваат дека ова е друг човек. На фотографијата се наоѓа професорот на Институтот за технологија во Токио, Јошинори Охсуми кој во 2016 година доби Нобелова награда за медицина за неговата работа на аутофагијата – наука за тоа како клетките се разградуваат и ги рециклираат нивните делови.

Исти вакви манипулативни текстови се објавени и во Бразил и во Колумбија.

Во текстот е објавено е и писмо и фотографија од, извесна Кирјана Попоска за која се тврди дека е „пензионерка од Македонија“, дека го користела лекот и дека ѝ помогнал. Но, оваа фотографија е преземена од сајтови за фотографии, а истата жена во текстот од Колумбија е претставена како Кармен Прадо.

На веб-страницата на Центар за превенција и контрола на болести во САД јасно е наведено дека лек за дијабетес сè уште нема, иако јасно стои дека оваа болест може да се контролира.

Сè уште нема лек за дијабетес, но слабеењето, јадењето здрава храна и активниот живот може да помогнат. Земањето лекови по потреба, едукацијата и поддршката за само-менаџирање со дијабетесот и посетите на лекар може да го намалат влијанието на дијабетесот врз вашиот живот, пишува на веб-страницата на Центарот за превенција и контрола на болести во САД.

И на веб-страницата на Институтот за јавно здравје на Северна Македонија не пишува за никаков можен лек за дијабетес, туку само за пристапот и начинот на третирање на ова хронично заболување.

Оваа објава може да предизвика огромна штета, бидејќи се работи за чувствителна тема, а се манипулира со чувствата на луѓето кои навистина имаат потреба да се излечат од оваа болест. Како крајна манипулација на корисниците, на веб-страницата најдолу има и измислени коментари од ботови кои ги споделуваат „позитивните ефекти“ од DiaCare Plus.

Третирањето на дијабетесот бара повеќеслоен пристап кој вклучува промени во животниот стил, лекови коишто ги препишуваат здравствените работници, а понекогаш и инсулинска терапија. Не постои единствена „волшебен лек“ за  дијабетес, а потпирањето на непроверени препарати не само што може да биде неефикасно туку и опасно по здравјето. Секогаш консултирајте се со проверени медицински извори или здравствени работници за точни информации и упатства за лекување особено за сериозни болести како дијабетес.

Поради сите наброени манипулации и невистини, овој рекламен материјал кој го рецензираме го оценуваме како измамнички и манипулативен.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција