Македонија подготвува свој систем за рано предупредување за исчезнати лица – ,,Најди ме”

Фото: ThuyHaBichPixabay

Системот Најди ме, за рано предупредување за исчезнати лица, во С. Македонија е најавено дека ќе биде ставен во функција наскоро, откако претходно се направени подготовки. Во Србија сличен систем беше промовиран пред месец и половина, после 8 години чекање (иницијативата во Србија е од 2015 година а реализацијата во 2023 година). Така што, кога ќе се каже дека во Македонија никој не бил заинтересиран за српскиот систем Пронајди ме, со тоа се пропушта контекстот

 

Системот Најди ме, за рано предупредување за исчезнати лица, во С. Македонија е најавено дека ќе биде ставен во функција наскоро, откако претходно се направени подготовки. Во Србија сличен систем беше промовиран пред месец и половина, после 8 години чекање (иницијативата во Србија е од 2015 година а реализацијата во 2023 година). Така што, кога ќе се каже дека во Македонија никој не бил заинтересиран за српскиот систем Пронајди ме, со тоа се пропушта контекстот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Таткото на Тијана од Србија дојде во Скопје да понуди систем Пронајди ме, ама никој не е заинтересиран. Фала му на Бога нас не ни треба, ние сме мозок.

Во објавата пишува за таткото на Тијана Јуриќ, 15 годишно девојче од Србија, од Суботица, кое беше киднапирано и убиено истата ноќ меѓу 25 и 26 јули 2014 година близу селото Бајмок. Последен пат таа била забележана 25 минути после полноќ, во близина на спортскиот центар Рата во Бајмок, а нејзиното безживотно тело беше откриено 12 денови подоцна, на 7 август. За убиството месарот Драган Ѓуриќ доби казна затвор од 40 години. Тој го призна делото и ги одведе истражните органи до телото на Јуриќ. По убиството на Тијана Јуриќ, во Србија беше донесен ,,Законот на Тијана” според кој во случај дете да исчезне, потрагата по него истражните органи ја започнуваат веднаш, односно без да чекаат 24 часа. Исто така, во Србија е воведена доживотна казна затвор, а од неодамна, воведен е и системот за потраги по исчезнати деца.

Во Република Северна Македонија, исто како и во Србија, не се чека да поминат 24 или 48 часа додека да почне потрагата по исчезнато лице. Со потрага се почнува веднаш по пријавувањето, како што впрочем и се постапи во случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше грабната и убиена. На 25 октомври 2023 година во Србија беше воведен системот „пронаџи ме“. Како што пишува Би Би Си, за да биде пуштен во употреба овој систем, во Србија биле потребни 8 години. Фондацијата „Тијана Јуриќ“ апелираше да се воведе ваков систем во Србија од 2015 година, а идејата својата реализација ја доживеа пред околу месец и половина, односно во октомври  2023 година.

Со гордост истакнувам дека ова е прв ваков систем во регионот, изјави Игор Јуриќ, директор на фондацијата и татко на Тијана Јуриќ, која беше грабната и убиена.

Системот е направен по теркот на американскиот Амбер алерт, кој во САД постои од 1996 година. Токму Игор Јуриќ, таткото на Тијана Јуриќ, пристигна во земјава на 14 декември. 

Тој во изјава за медиумите (56 секунда на видеото) рече дека случајот со Вања Ѓорчевска треба нешто да промени во Македонија и дека е важно работите да се сменат.

Но, не е точно изнесеното во објавата која ја рецензираме, дека Јуриќ „дошол во Скопје да понуди систем Пронајди ме, ама никој не бил заинтересиран“. Во земјава е најавено дека таков систем за алармирање за исчезнати деца наскоро ќе почне да функционира и тоа никако не беше поврзано со Јуриќ, ниту, пак, со исчезнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска, затоа што подготовките на системот кој во Македонија ќе го носи името Најди ме, се почнати пред овие настани.

Невладината организација „Новинари за човекови права“, која треба да го имплементира, за Радио Слободна Европа изјави дека промоцијата на системот ќе биде на 18 декември во Скопје. Има технички подготовки поради кои системот не може да профункционира порано.

Процедурите се почнати, имаме договорено меморандуми за соработка, но не се во функција. Станува збор за процес што трае. Се обидовме да ја забрзаме работата и во средината на декември предвидена е промоција со субјектите со кои договоривме соработка. Никој не може да знае дали ако го имаше, системот ќе помогнеше во конкретниот случај. Во вакви случаи, се очекува дека со брзо и масовно споделување на информацијата ќе се ангажираат повеќе ресурси, а колку поголем е ангажманот, толку поголеми се и очекувањата дека лицето ќе се пронајде, изјави Александра Радевска од „Новинари за човекови права“ на 30 ноември годинава, за Радио Слободна Европа.

Во Македонија се очекува фотографии од исчезнатите деца да се појавуваат на банкоматите кога ќе сакате да извадите пари, во такси возилата, во ЈСП, на рецепција во хотелите, граѓаните да добиваат смс пораки со известувања за исчезнатото лице. На почетокот се очекува да бидат опфатени само деца, а во иднина и возрасни за кои МВР ќе потврди дека се исчезнати. Подготовките за проектот се уште од 2021 година, како што докажува и сајтот najdime.org.mk .

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот, со оглед на тоа што е пропуштено е да се наведе дека системот Најди ме во земјава веќе е во финална фаза и наскоро се очекува неговото промовирање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција