Македонската „Википедија“ бара ВМРО-ДПМНЕ да не се кити со трудот на волонтерите

Трудот на волонтерите не е „подарен“ на ВМРО-ДПМНЕ, реагира македонскиот тим на „Википедија“. Фото: Википедија

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во својот отчет „ОТЧЕТНO – ПРОЕКТИ, МЕРКИ И ДЕЛА ЗА ГРАЃАНИТЕ И ДРЖАВАТА!“, кој го презентираше на 20 март годинава, тврди дека поради нејзини иницијативи се работи на нови содржини на македонскиот сервис на слободната енциклопедија „Википедија“ и тие се преведуваат на странски јазици. На ова тврдење реагираше  (30.11.2016) тимот на македонската верзија на онлајн-енциклопедијата, кој порача дека станува збор за невистина.

Еве што точно пишува во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ:

Продолжуваме  со   иницијативи  за  креирање  на  македонски  содржини  на  Википедија  (Wikipedia) и  нивни  превод  на  најмногу  употребуваните  јазици  во  светот:  англиски,  шпански,  германски,  француски  и  на  кинески јазик. Во 2009 година на овој популарен сервис имаше 37.000 статии на македонски јазик, а моментално има околу 84.500.

[Извор: „ОТЧЕТНO – ПРОЕКТИ, МЕРКИ И ДЕЛА ЗА ГРАЃАНИТЕ И ДРЖАВАТА!, Датум: 20.03.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека со нејзините иницијативи се создаваат нови содржини на македонски на „Википедија“ и тие се преведуваат на најмногу употребуваните јазици на светот – англиски,  шпански,  германски,  француски,  односно се поставуваат на соодветните јазични верзии на „Википедија“, го демантираше тимот на македонската верзија на оваа онлајн-енциклопедија. Преку објава на Фејсбук-страницата „Википедија на македонски јазик“ тимот реагираше дека се работи за невистина.

(Постот во меѓувреме е избришан, но може да го видите подолу)

cyhodhkxaaebtli
(За поголема верзија, кликнете на скриншотот)

Википедија на македонски јазик би сакала јавно да реагира по повод објавениот отчет на партијата ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА ЗА МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО во кој е претставен успехот и трудот на нашите доброволци и членови како партиски труд и успех на одредена организација, партија, што целосно е во спротивност со начелата на Википедија.

 

Во отчетот на партијата е нагласено дека „продолжуваме со иницијативи за креирање на македонски содржини на Википедија…“ и „…во 2009 година… имаше 37.000 статии, а моментално има околу 84.500“, со што волонтерскот труд на нашите корисници се претставува се претставува како нечиј, партиски, и дека бројката на статии е постигната благодарение на иницијативата на оваа партија, што е целосна невистина.

Покрај назнаката дека со таквото тврдење на ВМРО-ДПМНЕ се прави неправда против волонтерите кои учествуваат во дополнувањето и уредувањето на „Википедија“, односно нивниот ангажман се претставува како партиски, во постот дополнително се објаснува дека начелото на работа е неутралност, без разлика кој ќе изрази подготвеност да помогне и ќе се вклучи.

Википедија на македонски јазик, како и сите јазични изданија на Википедија, е енциклопедија којашто секој може да ја уредува. Ние сме подготвени и волни да соработуваме со заинтересирани поединци, организации, институции и сите оние кои сакаат да го поддржат збогатувањето на проектот со квалитетни содржини на македонски јазик, но притоа напоменуваме дека е потребно строго да се почитуваат основните начела особено начелото на неутралност.

Иницијативите за создавање на нови и подобрување на постоечки статии на Википедија на македонски јазик главно произлегуваат од напорите вложени од страна на активните корисници на проектот и оттука стоиме на ставот дека по никој основ не смее да се злоупотреби нивниот волонтерски труд и слободно време. Во спротивно, ризикуваме активните корисници да го напуштат проектот, со што сериозно би се попречил неговиот понатамошен развој.

Покрај реакцијата од „Википедија на македонски јазик“ за обидот на ВМРО-ДПМНЕ за присвојување на заслугите за зголемувањето на бројот на статии, спорно во тврдењето на партијата е и тоа што за разлика од огромен број други ставки во Отчетот, во конкретниот случај со „Википедија“  не се дадени ниту основни параметри, односно кога, со какви средства, во колкав период и во колкав обем, ВМРО-ДПМНЕ учествувала во збогатувањето на онлајн-енциклопедијата.

Како и да е, демантот што на тврдењето на партијата стаса од најмеродавниот фактор, недвосмислено укажува дека ВМРО-ДПМНЕ изнесува невистина во својот Отчет.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција