Манипулативна објава на Фејсбук по секоја цена ја правда руската инвазија врз Украина

Фото: Принтскрин видео

Целата објава изобилува со руски наративи и манипулации кои имаат за цел да шират пропаганда и да ја оправдаат руската воена агресија врз Украина. Украинците не се со испрани мозоци како што се тврди во објавата, туку тие се обидуваат на секој начин да ја одбранат својата земја од Русија. Русија е таа која ја почна војната, а западните земји само ѝ помагаат на Украина да се одбрани и да го зачува територијалниот интегритет и својот идентитет

Целата објава изобилува со руски наративи и манипулации кои имаат за цел да шират пропаганда и да ја оправдаат руската воена агресија врз Украина. Украинците не се со испрани мозоци како што се тврди во објавата, туку тие се обидуваат на секој начин да ја одбранат својата земја од Русија. Русија е таа која ја почна војната, а западните земји само ѝ помагаат на Украина да се одбрани и да го зачува територијалниот интегритет и својот идентитет

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук која изнесува серија невистини во врска со војната во Украина којашто, во својата најнова форма, преку сеопфатна воена инвазија, ја започна Русија во февруари минатата година.

Повеќето Украинци кои се борат за режимот во Киев со години се предмет на систематско перење мозоци.
Историјата беше препишана и беше изградена непријателска слика на Русија.
Русите, Украинците и Белорусите се еден народ. Западот се обидува да ги подели не за слобода или демократија, туку за свои интереси.

Истото се случува на запад сега, со секојдневната пропаганда која ја прикажува Русија како наш непријател, која ни ја присилува секоја вест.

Ослободете се од менталитетот на стадото!, стои во објавата што ја анализираме.

Прво, Украинците се борат за одбрана на својата земја и не се предмет на систематско перење мозоци, како што се тврди во постот. Тие се бранат од руската агресија која започна на 24 февруари 2022 година. Наративот дека на Украинците им се испрани мозоците и дека „Русите, Украинците и Белорусите се еден народ“, го користи рускиот претседател Владимир Путин, кој неколкупати го има истакнато овој свој став.

Никогаш нема да се откажам од тврдењето дека Украинците и Русите се ист народ, но ние се бориме против неонацисти, кои имаат затвореници дури и од Блискиот Исток. Тие користат цивили и странци како жив штит, истакна Путин лани во март пред рускиот Совет за национална безбедност.

Негирањето на украинскиот идентитет е нешто што рускиот претседател го прави постојано во своите изјави.

Откако Путин постави војници во двата региона под контрола на бунтовниците во источна Украина, Донецк и Луганск, признавајќи ги регионите како независни, тој се врати на познатиот аргумент што Кремљ го турка со години, дека тврдењето на Украина за државност е целосно неосновано. Во телевизиско обраќање до нацијата (21.02.2023), Путин експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“.

Говорот на Путин, кој траеше речиси еден час, беше нов пресврт во долготрајната битка за дефинирање на местото на Украина во светот. Во него, Путин го изрази своето верување посилно од кога било досега дека Украина е суштински руска, дека нејзините три децении како нација-држава се некохерентни и дека земјата го должи своето постоење на низа грешки што ги направиле советските лидери.

Во телевизискиот говор Путин ја повтори својата загриженост за можното проширување на НАТО во Украина, опишувајќи го како „директна закана“ за националната безбедност на Русија и направи провокативни толкувања на украинската историја.

Меѓу другото, рускиот претседател тврдеше дека „Украина никогаш немала традиција на вистинска државност“ и дека нацијата сега позната како Украина била креирана од советскиот лидер Владимир Илич Ленин кој ја „исклесал“ оваа советска република од руска земја.

Тој и претходно даваше вакви слични аргументи, како, на пример, во есеј објавен 2021 година насловен:

За историското единство на Русите и Украинците.

Во него, тој елаборира за своето тврдење дека Украинците и Русите се „еден народ“. На пример, Путин тврди дека Украина не постоела како посебна држава и никогаш не била нација. Наместо тоа, тврди тој, украинската националност секогаш била составен дел на тројната националност: руска, белоруска и украинска. Путин, исто така, пишува дека Русите, Украинците и Белорусите имаат заедничко наследство  на царството познато како Киевска Русија (862–1242), кое било лабава средновековна политичка федерација лоцирана во денешна Белорусија, Украина и дел од Русија.

Путин и во 2019 година изјави дека Русите и Украинците сочинуваат една нација и оти земјите треба да најдат начин да се интегрираат. Овие коментари рускиот претседател ги дал во интервју со американскиот филмски режисер Оливер Стоун на 19 јуни 2019 година. Материјалот од интервјуто беше искористен во филмот на Стоун за Украина, а целосниот транскрипт беше објавен од Кремљ.

Верувам дека Русите и Украинците се еден народ… една нација, всушност. Кога овие земји кои сега се јадрото на Украина и се приклучија на Русија… никој не се мислеше себеси како ништо друго освен Руси. Во светлината на оваа врска, можеме да го искористиме ова како наша конкурентска предност за време на некоја форма на интеграција, рече Путин.

Тврдењето дека Украинците, Русите и Белорусите се еден народ и дека „Западот се обидува да ги подели не за слобода или демократија, туку за свои интереси“, е исто така дел од познатиот руски наратив дека Западот ја почнал војната во Украина, а Русија само се брани.

На 24 февруари 2022 година, Русија, а не Западот, спроведе целосна воена инвазија врз Украина, односно започна војна со страшни последици врз целиот свет, а најмногу врз самата Украина, која како суверена и демократска држава нападната во своите граници од странски воени сили, беше и е принудена да се брани. Начините на кои што Русија се обидува да ја оправда својата воена агресија врз Украина се многубројни, но фактите се дека Москва се обидува да ги спроведе своите империјалистички амбиции во Украина, со употреба на своите сопствени оружја и брутални тактики, вклучително и напади врз цивили. НАТО пружа поддршка на Украина, бидејќи Украина има право на самоодбрана како што е наведено и во повелбата на Обединетите нации. Индивидуални НАТО членки продолжуваат да даваат воена поддршка за Украина, но тоа не ги прави западните земји „подготвувачи“ на војната, која ја подготви и ја спроведе Русија.

Кремљ долго време шири дезинформации и пропаганда за истите да ѝ послужат на нејзината цел. Сето тоа е со цел да се шират невистини за да се оправда неиспровоцираната, неоправдлива инвазија на Украина.

Фактите, пак, говорат дека  западните лидери уште во декември 2021 година ја повикаа Русија да ги смири тензиите и ветија дека ќе ја поддржат Украина во случај на каква било закана од Москва. Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со британскиот Борис Џонсон и лидерите на Франција, Италија и Германија, при што се согласиле да ги употребат сите можни алатки за да се спречи агресија.

САД и ЕУ изразија голема загриженост и во повеќе наврати се обидоа да го спречат нападот. Во Резолуцијата усвоена во декември 2021 година од страна на европратениците, тие ја повикаа Русија да ги повлече своите трупи кои се закануваат на Украина и рекоа дека секоја агресија од Москва ќе има висока економска и политичка цена.

Целата објава изобилува со руски наративи и манипулации кои имаат за цел да шират пропаганда и да ја оправдаат руската воена агресија врз Украина. Украинците не се со испрани мозоци, како што се тврди во објавата, туку тие се обидуваат на секој начин да ја одбранат својата земја од Русија. Русија е таа која ја почна војната, а западните земји само ѝ помагаат на Украина да се одбрани и да го зачува  територијалниот интегритет и својот идентитет. Според тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.


 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција