Медиуми ги плашат Грците со старо видео од мигранти кои влегуваа во Македонија во 2015 година

 

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грција моментно е најзасегнатата земја од очекуваниот наплив на мигранти, па некои портали пласираат дезинформации со кои директно стимулираат или засилуваат стравувања кај читателите. Грчкиот сервис за проверка на фактите Ellinika Hoaxes откри еден таков случај, во кој видео од 2015 година на кое се гледа како мигранти влегуваат од Грција во Македонија е пуштено на грчката телевизија „Алфа“ како снимка од моменталната состојба на грчко-турската граница на реката Еврос (Марица).

Видеото било емитувано, а водителот коментирал дека униформираните се грчки полицајци или припадници на Фронтекс.

 Не можат да сторат ништо…? Децата го прават ова долж Еврос… одат секаде. Не ја сопираат масата. Сите ги пуштаат. Заминуваат. Жичената ограда паѓа… Крај… Ако ова би требало да бидат граничари, тогаш јас сум паднал од Марс! – коментира водителот.

Но, видеото што го прикажуваат е направено во 2015 година кај Гевгелија, кога македонски полицајци се обидуваат, но не успеваат да ги сопрат мигрантите да влезат на македонска територија.

Видеото е снимено од seleo.gr, напоменува Ellinika Hoaxes.

Овој сервис за борба против дезинформациите и лажните вести откри и друг, речиси идентичен, случај – видео снимено на 3 април 2016 година на островот Иос, на неколку сајтови, Фејсбук-страници и блогови се претставува како снимка од судирите на населението со полицијата на Иос на 24 февруари годинава. И во случајот од февруари годинава и во тој од 2016 година станува збор за судири на локалните жители со полицијата, при протести против мигрантите.

(meta.mk)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција