Меѓународниот центар за новинари во поддршка за Фондацијата Метаморфозис

Фото: ICFJ

Организацијата со седиште во Вашингтон соопшти дека ги осудува нападите против сегашните и поранешн вработени во Метаморфозис и порталот за проверка на факти Вистиномер

 

Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) изрази поддршка за Фондацијата Метаморфозис по јавните напади против сегашните и поранешни вработени во фондацијата вклучувајќи ги новинарите во порталот Вистиномер.

Во своето соопштение, ICFJ ја забележуваат дезинформациската кампања против Метаморфозис, која вклучува лажно претставување на проверката на факти како цензура и обвинувања за нелегални активности од страна на фондацијата. Дополнително, од таму потенцираат дека по социјалните мрежи забележале повици за насилство против вработените во Метаморфозис.

„Ние го поддржуваме нашиот партнер, Фондацијата Метаморфозис, и силно ги осудуваме овие неприфатливи напади. Тие ги загрозуваат поединците во фондацијата и со поттикнување насилство, поткопување на довербата во новинарските организации и ширење страв му штетат на општеството“, вели претседателката на ICFJ, Шарон Мошави.

ICFJ ги повика сите надлежни институции, вклучувајќи го Министерството за внатрешни работи, судството и јавното обвинителство да ги преземат соодветните чекори.

Претходно, осуди за нападите врз новинарите на медиумите кои се дел од Фондацијата стигнаа од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Дополнително, амбасадорот на Европската Унија во С. Македонија Дејвид Гир, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаи и заменикот амбасадор на Италија во Република Северна Македонија, Марио Де Роза изминатата недела ја посетија Фондацијата Метаморфозис за да ја изразат својата поддршка.

„Проверувачите на факти играат витална улога во заштитата на демократијата и во обезбедувањето пристап на јавноста до точни информации. Тие ја заслужуваат поддршката од сите!“, напиша на социјалната платформа „X“ евроамбасадорот Гир, по завршувањето на средбата.


Организацијата „Репортери без граници“ исто така преку социјалната платформа X (поранешно Твитер) изрази поддршка за новинарите и вработените во „Вистиномер“ и ја повика македонската полиција да спроведе истрага.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција