Мета факт: И по повеќе од две години, нема абер од проширувањето на булевар Борис Трајковски кон Драчево
Градот Скопје и по повеќе од 26 месеци од почетокот на градежните работи на терен, нема абер да го заврши проширувањето на булеварот Борис Трајковски меѓу населбите Пинтија и Драчево. Првиот рок зададен од претходниот градоначалник Петре Шилегов и Град Скопје, дека изградбата на оваа сообраќајница ќе трае неполни две години, не успеа да ја доврши во зададениот рок неговата следбеничка Данела Арсовска односно ова ветување не е исполнето во зададениот рок.
„Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова атмосферска и фекална канализација. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите“, изјави претходниот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на изградбата на булеварот на 22 јуни 2021 година.
Изградбата на овој булевар е во делот од крстосницата кај населбата Пинтија до мостот на Маркова река пред населбата Драчево во должина од 2.325 метри, при што проектот предвидува сообраќајницата да има во иднина четири коловозни ленти, пешачки патеки од двете страни на булеварот и една велосипедска патека.
Во меѓувреме, на локалните избори во октомври 2021 година во Скопје победи градоначалничката Данела Арсовска, која ја презеде функцијата на 8 ноември 2021 година од претходникот Петре Шилегов. Потоа, новата градоначалничка Арсовска во два наврати беше на терен на увид во изградбата на булеварот Борис Трајковски.
На 8 октомври 2022 година, градоначалничката Данела Арсовска при посетата на терен рече дека Градот Скопје ги решавал наследените проблеми, при што за помалку од една година успеале да решат бројни имотно-правно проблеми со кои бил блокиран проектот. Таа тогаш тврдеше дека проектот за изградба на булеварот Борис Трајковски бил блокиран, бидејќи бил започнат без претходно завршување на неопходните постапки, поради што била предизвикана времена стагнација на реализацијата.
„Затоа реформите кои сега ги имплементираме во градот, се за секој нов проект сите постапки да бидат однапред завршени како реализацијата би се одвивала без застој, ефикасно и во најкратки можни рокови за изведба“, истакна градоначалничката Данела Арсовска на 8 октомври 2022 година.
Неколку месеци подоцна, градоначалничката Арсовска на 27 март 2023 година повторно изврши увид во работата за изградба на булеварот Борис Трајковски.
„Работиме активно на решавање на сите предизвици кои произлегуваат од непланскиот почеток на работата на овој булевар. До сега оваа администрација на градот Скопје реши предмети за експропријација во вкупна површина од 37.047 м2, а во тек е експропријацијата на останатите 10.988м2.“, информираше градоначалничката Арсовска на 27 март 2023 година.
За да добие информации во однос на тоа до каде е изградбата на булеварот Борис Трајковски, Мета.мк во четири наврати на 1, 5, 7 и 15 септември 2023 година преку електронска пошта испрати прашања до Градот Скопје за да добие информации кои градежни активности во моментов се реализираат за изградба на булеварот Борис Трајковски, кога се очекува завршувањето на овој проект и кои се причините поради кои доцни завршувањето на изградбата на оваа сообраќајница. Одговори од Град Скопје не добивме на поставените прашања.
Мета.мк на 3 септември беше во обиколка на терен на булеварот Борис Трајковски, кој во моментов се гради. Од состојбата на лице место може да се увиди дека најголемиот дел од трасата од над 2,3 километри воопшто не е пробиена до денешен ден. Оградите од објектите долж трасата не се срушени за да се овозможи проширување на трасата, а не е започната во целост ниту подземната инфраструктура.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар