МЕТА ФАКТ: Иако беше ветено, цела година не започна реконструкцијата на студентските домови

Влезот на „Втората“ зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, која во моментов е затворена / фото: Мета.мк

Долгонајавуваната реконструкција предвидува замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување и опремување, а активностите ќе се одвиваат во три фази, од кои цели 365 дена не се најде вистинскиот момент за да започне првата

 

Најавувана па одложувана, но никако да го „види светлото на денот“ – реконструкцијата на студентските домови во државата и понатаму останува неисполнето ветување на Владата и на Министерството за образование и наука (МОН), како надлежна институција за процесот. И покрај тоа што за оваа година беа предвидени средства за реновирањето да почне од скопските домови, реконструктивни зафати на терен нема, ниту пак официјална најава кога истите ќе стартуваат.

МОН и понатаму си игра со роковите за официјалниот почеток на реконструкција на студентските домови

Владата на Република Северна Македонија, односно МОН, минатата година склучи договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови – во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Како што информираше тогаш МОН, 20 милиони евра се заем од KFW развојната банка, додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност на Западен Балкан (REEP+) на ЕУ.

Долгонајавуваната реконструкција предвидува замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување и опремување, а активностите ќе се одвиваат во три фази.

Во првата фаза, предвидено е целосно да се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, рекоа во одговор на новинарско прашање на Мета од МОН во мај годинава.

Истиот месец, министерството објави слично соопштение и на својата интернет страница. И за Мета, и на својот вебсајт, од МОН соопштија дека етапната реконструкција на домовите ќе започне во втората половина од годинава.

Меѓутоа, ова не е првпат Министерството да „се расфрла“ со рокови околу тоа кога ќе почне реновирањето на студентските домови.

Пред средбата што пред повеќе од една година, на 17 ноември 2022, министерот за образование Јетон Шаќири ја одржа со студентите и собраниските пратеници, а по преговорите меѓу студентите и институциите и кратките протести што претходеа, министерот изјави дека првата фаза за реновирање на неколку домови треба да почне во „јануари-февруари“ (2023 година, н.з.).

Тогашната изјава на Шаќири ја пренесоа повеќе медиуми, меѓу кои и „360 Степени“ и „Независен.мк“.

„МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови во нашата земја“, истакна министерот Јетон Шаќири на 17 ноември 2022 година.

Претходна најава дека реновирањето на студентските домови ќе започне во првите месеци од 2023 година даде и МОН, од каде за интернет порталот Факултети.мк изјавија оти градежните работи треба да започнат во март годинава.

„Се очекува да се започне со градежни работи во март 2023 година. Реконструкцијата на студентските домови се очекува да трае 30 месеци од започнувањето на работите“, рекоа од МОН во изјава на 28 октомври 2022 година дадена за и објавена од Факултети.мк.

Мета.мк годинава веќе правеше проверка на овие ветувања на МОН, за кои оценивме дека се неисполнети.

Притоа, од Министерството за образование ни рекоа дека градежните работи во студентските домови „Стив“ и „Кузман“ треба да започнат во втората половина од годинава.

„Отпочнувањето со работа на студентските домови предвидени за реализација во првата фаза се очекува во втората половина на 2023 година и предвидено е да трае 18 месеци“, рекоа од МОН во одговор за Мета во мај годинава.

Истовремено, од МОН рекоа дека за два студентски дома од втората фаза („Браќа Миладиновци“ – Штип и „Народен херој Орде Чопела “- Прилеп), е изготвена проектната документација и за истите е добиена позитивна ревизија, додека за охридскиот дом „Никола Карев“ и скопскиот „Томе Стефановски – Сениќ“, документацијата требало да биде готова до 1 јули годинава.

Од МОН додадоа дека почетокот на работите на останатите две фази треба да почне во првата половина на 2024 година, при што исто така рокот за изведба е предвидено да биде по 18 месеци.

Меѓутоа, до овој момент, на самиот крај на календарската 2023 година, не се започнати ниту градежните работи од домовите кои се дел од првата фаза. На терен во „Кузман“ и „Стив“ не може да се видат работници, додека од МОН до овој момент не одговорија на нашите прашања за тоа зошто се доцни со реконструкцијата и кога истата ќе започне.

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по средбата со Шаќири на крајот од ноември, соопшти дека едно од нивните барања до МОН била токму итната реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Во објавата пишува дека за „Стив“, реконструкцијата ќе започне најдоцна до јануари (2024 година), додека за „Кузман“ се чека официјален одговор на барањето на УСС УКИМ.

Според ова, имајќи ги предвид моменталната ситуација во државните студентски домови каде не се забележани градежни работи и молкот од МОН на новинарските прашања, можеме да оцениме дека најавеното оти реконструкцијата на домовите ќе започне во втората половина од 2023 година, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Факултети.мк (28.10.2022 година): Реновирањето на студентските домови ќе почне во март идната година, а ќе трае 30 месеци, проверено на 26 декември 2023 година;

360 Степени (17.11.2022 година): Ќе се реновираат студентските домови, „Стив Наумов“ прв на листата во тригодишниот повик на МОН, проверено на 26 декември 2023 година;

Независен.мк (17.11.2022 година): Етапно реновирање на студентските домови, тригодишниот проект ќе почне со „Стив Наумов“, проверено на 26 декември ;

Мета.мк (14.11.2022 година): Студентите и државата постигнаа договор околу субвенционираниот оброк, проверено на 26 декември 2023 година;

Мета.мк (2.5.2023 година): Мета факт: Никако да почне реновирањето на студентските домови, проверено на 26 декември 2023 година;

Министерство за образование и наука (18.5.2023 година): МОН: Етапното реконструирање на студентските домови ќе започне во втората половина на годинава, проверено на 26 декември 2023 година

УСС УКИМ и „Студентарија“ (28.11.2023): објава на Инстаграм, проверено на 26 декември 2023 година

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција