Мета факт: Младите од скопски Бутел не добија културен центар до денес

Фото: УНИЦЕФ

Мета.мк го пребара и општинскиот веб-сајт на Бутел, но не успеавме да најдеме информации за активности на младинскиот културен центар, ниту пак информации за тоа дека е формиран и дека функционира

 

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски за време на предизборната кампања за локалните избори во 2021 година на граѓаните им вети отворање на младински културен центар. Ова предизборното ветување до денешен ден не е исполнето.

На 3 октомври 2021 година, градоначалникот Дарко Костовски од позиција на кандидат за градоначалник на жителите на општина Бутел им најави отворање на младински културен центар во рамките на оваа локална самоуправа.

„Општина Бутел мора да добие нова полициска станица, мора да добие нов противпожарен пункт, конечно кејот на реката Серава мора да биде уреден, за да добиеме ново место за рекреација, општина Бутел исто така мора да добие и свој плоштад и младински културен центар, како и две нови градинки“, изјави градоначалникот Костовски на 3 октомври 2021 година. 

Мета.мк испрати прашања по електронска пошта во три наврати до Општина Бутел на 31 октомври, 6 и 13 ноември годинава со барање за објаснување до каде е воспоставувањето на младинскиот културен центар во Бутел, кои активности досега се преземени за неговата реализација и кои активности во моментов општината ги презема за неговото отворање. Исто така, Општина Бутел ја прашавме кога ќе профункционира младинскиот културен центар, на која локација се наоѓа и на кој начин ќе биде финансирано неговото функционирање. Одговори на поставените прашања не добивме од Општина Бутел.

Воедно, Мета.мк го пребара и општинскиот веб-сајт на Бутел, но не успеавме да најдеме информации за активности на младинскиот културен центар, ниту пак информации за тоа дека е формиран и дека функционира. Ниту една информација за младинскиот културен центар не може да се пронајде на општинската интернет страница. Идентичен е и резултатот од интернет пребарувањето на медиумски текстови за реализираните активности од Општина Бутел во изминативе две години, не се објавени информации во врска со напредок во исполнувањето на ветувањето за формирање на младински културен центар.

Поради сето ова, можеме да заклучиме дека предизборното ветување на градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски дека ќе профункционира младински културен центар во Бутел е неисполнето до денешен ден. Треба да се истакне дека е поминат само половина мандат од раководењето со општината на градоначалникот Костовски, односно има период од уште две години за исполнување на ова предизборно ветување до есента 2025 година.

 

ИЗВОРИ:

Република (3.10.2021 година): Костовски: Општинската зграда во Бутел ќе биде нова поликлиника, проверено на 14.11.2023 година;

Вечер (3.10.2021 година): Костовски: Нова поликлиника, плоштад и две нови градинки во општина Бутел, проверено на 14.11.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција