Мета факт: Пецаков не го исполни ветувањето за нова вело-патека од Охрид до Св. Стефан

На 28 август, на терен во Охрид немаше никакви градежни активности. Фото: Мета.мк

Врз основа на сликата од терен, како и врз основа на одговорите од институциите, можеме да заклучиме дека ветувањето за изградба на велосипедска патека од Охрид до Св. Стефан, не е исполнето

 

Во предизборната кампања пред локалните избори во 2021 година, тогашниот кандидат за градоачалник од ВМРО-ДПМНЕ за Охрид, Кирил Пецаков, даде ветување дека ќе изгради велосипедска патека од Охрид до Свети Стефан за, како што рече, безбедно движење на велосипедистите од излезот на градот до туристичката населба. До овој момент, нема градежни работи на потегот Охрид – Св. Стефан, поради што ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Во периодот на предизборието, Пецаков го изјави следново:

„Охриѓани и гостите со оваа патека добиваат ново место за рекреација на современ и модерен начин и можност да го користат своето време активно практикувајќи здрави навики за возење велосипед. Проектот е и во функција на заштита и унапредување на животната средина“.

Тој исто така кажа дека овој проект, покрај задоволување на големиот интерес на населението за патување со велосипед, ќе придонесе и за подобрена туристичката понуда во Охрид и дека директно ќе се придонесе за зголемување на атрактивноста на градот, привлекување и задржување на посетителите.

Ова лето, поточно на 28 август, екипа на Мета.мк беше во Охрид, за да провери дали е започната изградбата на велосипедската патека. На терен немаше никакви градежни активности. Можеше да се забележи обрасната трева по срединната на патот кој води од Охрид до Св. Стефан.

Претходно пак, на 15 август, Мета.мк испрати прашања на електронска пошта до општина Охрид за ова ветување на Пецаков. Откако не добивме одговори, искомунициравме телефонски со портпаролот на општината, кој ни кажа дека користи годишен одмор и дека не е во можност да одговори на прашањата.

До денеска, немаме одговори на прашањата кои гласеа: Во која фаза е реализацијата на овој проект? Колку километри ќе биде долга велосипедската патека која ќе почнува од Охрид до Св. Стефан? Колку пари ќе чини реализацијата на овој проект? Дали се консултиравте со јавното претпријатие за државни патишта со оглед на фактот дека патеката е предвидено да се наоѓа меѓу двете коловозни ленти и со оглед на фактот дека тој пат е под нивно владение?

Во врска со ова ветување, Мета.мк се обрати и во ЈП за државни патишта. Од таму ни појаснија дека во вакви ситуации, општинарите треба да побараат дозвола од Министерството за транспорт и врски, кои пак, треба да дадат дозвола за да може да се реализира проектот.

„Во однос на вашето прашање, Ве информираме дека до Министерството за транспорт и врски не е пристигнато барање од општина Охрид за дозвола во врска со наведениот проект за изградба на вело-патека“. 

Врз основа на сликата од терен, како и врз основа на одговорите од институциите, можеме да заклучиме дека ветувањето за изградба на велосипедска патека од Охрид до Св. Стефан, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Фејсбук профил на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков (27.10.2021), проверено на 12.09.2023 година;

Канал 5 (27.10.2021), Пецаков: Изградба на велосипедска патека Охрид – Свети Стефан, проверено на 12.09.2023 година.

(Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција