Мета факт: Пецаков не субвенционира курсеви по информатика, англиски и математика за студенти и невработени со ниски примања
Конкретно на ова предизборно ветување, иако истото е модифицирано, во моментов не се работи, односно невработени и студенти не користат субвенции за англиски јазик, математика и за информатика, па затоа ветувањето го оценуваме како неисполнето
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во својата предизборна програма пред локалните избори од 2021 година, насловена како „За Охрид гарантираме, создади нова иднина“, вети дека студентите и невработените лица ќе добијат субвенции за курсеви по информатика, математика и англиски јазик. Конкретно, на ова предизборно ветување, иако е модифицирано, во моментов не се работи, односно невработени и студенти не користат субвенции за англиски јазик, математика и за информатика, па затоа, ветувањето го оценуваме како неисполнето.
Имено, градоначалникот Кирил Пецаков, во својата програма на 22 страница, во делот „Модерно и современо образование за сите млади“, има проект насловен како „Субвенционирани курсеви по информатика, математика и англиски јазик“. Таму е наведено:
„Образовниот и едукативниот процес на сите граѓани е наш врвен приоритет. За таа цел, општината ќе субвенционира курсеви по информатика, математика и англиски јазик за невработени лица и студенти во општина Охрид, коишто живеат во семејства со ниски месечни примања или семејства во социјален ризик. На овој начин граѓаните ќе бидат мотивирани да работат на својот личен успех и на поголеми достигнувања, а воедно ќе се надминат и класните разлики во образованието. Со субвенционирање на овие курсеви, општина Охрид директно ќе придонесува во доквалификација на пазарот на трудот, нудејќи отворена можност за секој што има желба да го надогради своето знаење, со цел да биде поконкурентен на пазарот и да го подобри својот деловен профил“.
За тоа до каде е исполнувањето на ова ветување, од општината го добивме следниот одговор:
„При концепирањето на програмите за работа на локалната самоуправа во координација со стручните служби беше одлучено ова предизборно ветување да биде модифицирано и распределено на повеќе сектори. Се одлучи да се почитува мислењето на стручните служби и да се следат интересите и потребите на граѓаните на општина Охрид. Во тој правец оваа активност се спроведува на следниот начин: Преку секторот за образование се доделуваат стипендии за студенти кои потекнуваат од семејства со социјален ризик запишани исклучиво во прва година на државните универзитети во РМ и надвор од неа, со цел да им се помогне во првата година од нивното академско образование кога не се во можност да користат стипендии од други институции или компании. Висината на стипендијата изнесува 3000 денари месечно за девет месеци во годината. Досега оваа мерка во три објавени јавни повици ја искористиле вкупно: 71 студент во вкупна вредност од 1.917.000,00 денари“, наведено е во одговорот од општината Охрид.
Оттаму информираат и дека е воведена мерката „образовен додаток“, во која право да добијат имаат студенти кои се жители на Охрид, да се редовни студенти, запишани во тековната година на универзитетите во РМ (со одалеченост од најмалку 70 км од општина Охрид), да не повторувале година во текот на своето образование, да не е корисник на стипендија или кредит од друга инситуција или компанија. Предност имаат студенти од семејства со ниски примања. Висината на овој додаток изнесува 6.000 денари еднократно, а оваа мерка досега во два повици ја искористиле вкупно 104 студенти во вкупен износ од 624.000 денари.
Општината реализира курсеви по информатика, но тие се наменети за ученици, но не и за студенти или невработени лица.
„Во однос на курсевите по информатика реализирани се активности заедно со Касарна Хаб кој е заеднички проект на општина Охрид и Делегацијата на ЕУ во РМ при што: се изведени два турнуси, од по 3 месеци и се опфатени, првиот 146 ученици, и вториот 136 ученици. Програмирањето беше наменето за ученици од 9 до 15 години. Наставата ја изведуваа три професорки по информатика од Охрид од основните училишта. Целта, зошто од оваа возраст е бидејќи во програмата, за основно образование за информатика треба да започне на 9 годишна возраст или од 4 одделение, но тоа не се спроведува“, информираат во општина Охрид.
Врз основа на одговорите кои ги добивме, може да се заклучи дека во моментов не се субвенционираат курсеви по информатика, математика и по англиски јазик за студенти и за невработени лица, па затоа ова предизборно ветување е неисполнето.
ИЗВОРИ:
Предизборна пограма на кандидат за градоначалник на општина Охрид, Кирил Пецаков;
Фејсбук профил на Регионален прес-центар Охрид;
Инстаграм профил на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид;
Официјален одговор на новинарски прашања од општина Охрид, 06.03.2024 година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар