Мета факт: „Васко Карангелески“ – најкраткиот булевар со пробиени рокови и заборавени багери

Фото: Марјан Лазаревски, преземена со дозвола (30.07.2023)

Иако на овој проект се работи и за истиот се сменија двајца градоначалници кои излегоа со различни проценки, оценуваме дека реконструкцијата и изградбата на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада во скопската општина Аеродром не е исполнета во предвидените рокови

Пред повеќе од две години, на 21 јули 2021 година, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, одржа прес-конференција на улицата „Васко Карангелески“, за да ги најави градежните работи за негова реконструкција и изградба на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада во скопската општина Аеродром.

Вкупната вредност на проектот, како што рече Шилегов, е 71,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е 18 месеци.

Од она што може да се види на терен, е дека за изградбата на овој проект веќе поминаа 18-те месеци, односно поминати се повеќе од 24 месеци, но работите не се завршени. Она што е позагрижувачки е дека во близина се наоѓа основното училиште „Љубен Лапе“, па веќе од септември нивната безбедност ќе биде доведена во прашање, бидејќи секој ден преминуваат преку необележани и небезбедни премини, обидувајќи се да го најдат патот до школо помеѓу возилата кои се движат во сите насоки.

Овој проект предвидуваше улицата, која почнува кај салата „Јане Сандански“, да добие четири коловозни ленти во делот пред воениот базен каде всушност се стреснува и има само две ленти. Потоа, требаше да се пробива покрај базенот за да се поврзе со булеварот Трета македонска бригада. Како што објаснија тогаш од Град Скопје, на трасата се наоѓа само еден објект кој треба да биде урнат, а тоа е кафеаната „Фирма“.

Четири месеци по најавата на овој проект, Шилегов си замина од градоначалничката функција, а го наследи Данела Арсовска. Оттогаш, како што сведочат и жителите на населбата, повремено се вршела реконструкција на овој дел, но веќе извесен период работите се во застој.

        ОУ „Љубен Лапе“, 30.07.2023 Фото: Марјан Лазаревски, преземена со дозвола

Мета.мк се обрати до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, за тоа каква е планираната динамика за реконструкција и изградба на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада во скопската општина Аеродром, од каде што не добивме одговор на поставените прашања.

Во јули годинава, советничката во Општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Милка Тримчевска, изјави дека булеварот „Васко Карангелевски” е инфраструктурен споменик на нереализирани ветувања и една од најважните сообраќајници која поминува низ општината Аеродром.

„Ова е еден од најкратките булевари во градот, но и булевар со рекордно најдолго време на реконструкција досега. Две години, ние жителите на Аеродром, секојдневно поминуваме во дупки, ги кршиме и оштетуваме нашите автомобили, а возачите и граѓаните кои живеат во овој дел од општината се гушат во прашината“, посочи Тримчевска.

Инаку, за овој булевар претходно, реагираа граѓаните, спротивставувајќи се на сечата на дрвата од двете страни на булеварот.

Арсовска лани во април уверуваше дека дрворедот на улицата „Васко Карангелески“ ќе биде целосно зачуван. Со новиот проект, рече Арсовска, а пренесоа медиумите, ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-тина дрвја.

„Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-тина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-тина дрвја стари 100-тина години на овој потег ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-тина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, истите се веќе пресадени на потегот кај основното училиште Љубен Лапе“, истакна таа додека вршеше увид на градежните работи.

Но, проблемот се појавил во ноември кога работниците на ЈП „Паркови и зеленило“ почнале со интервенции и на другата страна од улицата. Медиумите пренесоа дека машини ги ваделе преостанатите дрвја од страната спроти ОУ„ Љубен Лапе“ за да се исчисти просторот за да може да се прошири улицата. Извадените дрвја биле пресадувани во паркови околу улицата.

Поради сето ова погоренаведено, иако на овој проект се работи и за истиот се сменија двајца градоначалници кои излегоа со различни проценки, оценуваме дека реконструкцијата и изградбата на улицата Васко Карангелески на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада во скопската општина Аеродром не е исполнета во предвидените рокови.

 

ИЗВОРИ:

Веб-страница на Град Скопје (27.07.2021 година), Aеродром добива ново сообраќајно решение – почна пробивањето и изградбата на Васко Карангелески, проверено на 03.08.2023 година;

СДК.мк (13.05.2021 година): Ќе се пробива улицата Васко Карангелески кај воениот базен во скопски аеродром, кафеаната „Фирма“ треба да се урне, проверено на 03.08.2023 година;

091инфо.мк (21.07.2023 година): СОВЕТНИЦИТЕ ВО АЕРОДРОМ: Васко Карангелевски наместо модерна сообраќајница, е потсетник за неспособноста на Арсовска, проверено на 03.08.2023 година;

Независен.мк (16.12.2022 година): Пилата, сепак, дојде по дрвата на улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром, проверено на 03.08.2023 година;

А1.он (14.04.2022): Арсовска: Со промена на проектот за улицата Васко Карангелевски, вреден над 77 милиони денари зачувуваме над 100 дрвја и ја реализираме реконструкцијата, проверено на 03.08.2023 година;

Либертас (15.12.2022): „Васко Карангелески“ соголена додека суспензијата на урбанистичкиот план околу улицата чека да дојде на дневен ред, проверено на 03.08.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција