Мета факт: Зелениот спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче на Данела Арсовска го нема на терен

Во Влае постои единствено пешачка патека долж кејот на Вардар, 14.8.2023 година; Фото: Мета.мк

Врз основа на сите собрани податоци од сајтот на Бирото за јавни набавки, од сајтот на Агенцијата за катастар на недвижности и од увидот на терен на новинарската екипа на Мета.мк, можеме да утврдиме дека ветувањето за изградба на Зелен спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче е неисполнето од страна на Градот Скопје и градоначалничката Арсовска

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во предизборната „Програма за модерно Скопје“ им вети на граѓаните на Скопје дека во нејзиниот мандат ќе биде реализиран проектот за изградба на Зелен спортски кеј од Ѓорче Петров до Долно Лисиче. Станува збор за еден од 15+1 приоритетни проекти за Скопје, кои се наведени во предизборната кампања. Сепак, прогрес во реализацијата на терен на овој проект не може да се забележи, така што можеме да утврдиме дека ова предизборно ветување е неисполнето.

Во предизборната програма на градоначалничката Арсовска, на страница 14, е наведено:

„Кејот, од двете страни на реката Вардар, мора да прерасне во голем зелен коридор. Овој капитален проект предвидува целосно осветлување со паметни и штедливи светилки, засадување погодни садници, изградба на спортски зони, комплетирање на велосипедски, тартан и пешачки патеки, со целокупна дополнителна инфраструктура, Скопје ќе добие повеќе од 40 километри корисна зелена хумана површина за дружење, спорт, рекреација во најурбаното јадро на градот. Секако, овој зелен коридор најмногу треба да му послужи на Скопје за заштита на животната средина и чистиот воздух“.

Данела Арсовска при презентацијата на предизборната програма на 14 октомври 2021 година изјави дека во иднина ќе се гради и со вложување во спортот и здравиот живот и дека нејзин приоритет ќе биде зелен спортски кеј, во должина од 40 километри, од Ѓорче Петров до Долно Лисиче, со спортски содржини за сите генерации од двете страни на реката Вардар.

За степенот на реализација на овој проект, Мета.мк испрати до Градот Скопје прашања по електронска пошта во три наврати – на 3, 9 и 15 август. Прашавме кои активности досега се реализирани од Градот Скопје за да се исполни ова предизборно ветување, колкави средства се потребни, кога ќе отпочне реализацијата на терен на Зелениот спортски кеј од населбата Ѓорче Петров до населбата Долно Лисиче и што од проектната документација досега е изработена. Одговор на нашите прашања не добивме.

Бидејќи нема повратен одговор од градските власти, Мета.мк се одлучи да го обиколи со велосипед кејот на реката Вардар долж целата ветена траса. Од увидот на терен на 13 и 14 август годинава, можевме да утврдиме дека речиси ништо не е променето во изминатиов период за реализација на Зелениот спортски кеј од Ѓорче Петров до Долно Лисиче. Од она што во моментов се изведува на терен, се градежните работи за асфалтирање на велосипедската патека, на десната страна од кејот, на потегот од кај Паркот на франкофонијата до хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје. На останатите делови од кејот не се одвиваат други градежни зафати.

Состојбата на терен укажува дека ништо не е направено за продолжување на пешачката и велосипедската патека на потегот од населбата Карпош 4, преку Влае, Хром и Нерези кон Ѓорче Петров, долж самиот кеј на Вардар. Овој дел од речното крајбрежје со години е запуштен и не дава можности за рекреација на граѓаните, иако зеленилото со многубројни дрвја токму тука е најбујно. Поточно, на овој дел од кејот на Вардар има зеленило, но нема спортска инфраструктура ветена од градоначалничката Арсовска.

Затоа пак, веќе во населбите Хром и Ѓорче Петров има пешачка патека долж кејот на Вардар, која е изградена неколку години пред отпочнувањето на мандатот на Арсовска. И тука, ништо ново не е изградено на терен од ветените спортски зони и комплетирање на велосипедските и тартан патеки. Впрочем, пешачка патека е изградена единствено од страна на населбата Ѓорче Петров, но не и од другата страна на кејот каде што се селата Нерези, Арнакија и Сарај. Од двете страни долж пешачката патека во Ѓорче Петров може да се забележат ниви со засадени земјоделски култури.

Мета.мк ја пребара и веб-страницата на Агенцијата за катастар на недвижности за да ја утврдиме сопственоста на земјиштето крај реката Вардар во Ѓорче Петров. Од десетиците парцели што ги разгледавме, утврдивме дека само дел од нив се во државна сопственост, додека повеќето се или со непозната сопственост или се во сопственост на приватни лица. Ова практично значи дека Градот Скопје за да гради велосипедска или тартан патека во овој дел од градот, најпрво ќе треба да изврши експропријација на земјиштето.

Принтскрин од сајтот на Агенција за катастар на недвижности на градежните парцели лоцирани покрај реката Вардар во Ѓорче Петров

Воедно, покрај расчистување на имотно-правните прашања, за реализација на Зелениот спортски кеј од Ѓорче Петров до Долно Лисиче неопходно е да се изработи целокупна проектна документација. Мета.мк изврши увид и на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, со сите актуелни тендерски постапки на Градот Скопје и сите склучени договори кои се објавени на e-nabavki.gov.mk од стапувањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска до денешен ден.

Принтскрин од актуелните тендерски постапки од Градот Скопје кои се објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки

Од увидот на сајтот на Бирото за јавни набавки не пронајдовме ниту една објавена или комплетирана тендерска постапка, која се однесува на изработка на проектна документација или на избор на градежна или друга компанија, која би работела на комплетирање на пешачките, велосипедските и тартан патеките долж целиот кеј на Вардар, ниту пак за изградба на спортски зони, засадување на садници и осветлување.

Единствено две тендерски постапки од Градот Скопје се објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, а кои се однесуваат на самиот кеј, и тоа за: Изработка на основен проект за реконструкција и изградба на осветлувањето на Кеј на реката Вардар од мост на ул.Васил Чакаларов до Александар Палас и тендер за којшто треба допрва да се избере изведувач, а за кој заинтересираните субјекти можат да доставуваат понуди до 29 август, за осветлување на Кејот на Вардар.

Врз основа на сите собрани податоци од сајтот на Бирото за јавни набавки, од сајтот на Агенцијата за катастар на недвижности и од увидот на терен на новинарската екипа на Мета.мк, можеме да утврдиме дека ветувањето за изградба на Зелен спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче е неисполнето од страна на Градот Скопје и градоначалничката Арсовска. Дополнително, земајќи ги во предвид фактот дека остануваат уште две години и четири месеци до крајот на нејзиниот мандат и обемната проектна документација што треба да се изработи, да се пронајдат изведувачи за секој од фазите планирани во проектот, да се експроприра приватно земјиште во Ѓорче Петров и да се изградат планираните зафати долж целиот кеј од Ѓорче Петров до Долно Лисиче, можеме да утврдиме дека е тешко изводливо да се реализира овој проект во целост до крајот на мандатот на Арсовска.

 

ИЗВОРИ:

Програма за модерно Скопје, проверено на 16.8.2023 година;

Макфакс (14.10.2021 година): Арсовска: Мојата визија за развој на Скопје има осум главни столба, проверено на 16.08.2023 година;

Дистрибутивен геопортал на Агенција за катастар на недвижности, проверено на 16.8.2023 година;

Електронски систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки, проверено на 16.8.2023 година;

Оглас за јавна набавка на осветлување на Кеј на Вардар објавен од Град Скопје на сајтот на Бирото за јавни набавки, проверено на 16.8.2023 година;

Склучен договор за изработка на основен проект за реконструкција и изградба на осветлувањето на Кеј на река Вардар од мост на ул.Васил Чакаларов до Александар Палас, проверено на 16.8.2023 година;

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција