Метаморфозис го презентираше истражувањето за геополитичката перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Директорот за партнерство и развој на ресурси од Метаморфозис, Филип Стојановски објасни дека главната цел на овој извештај е да се истакнат дезинформациите и малициозните надворешни влијанија во земјата и во регионот и начините на кои тие се појавуваат и влијаат врз јавноста

 

Истражувачкиот извештај “Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан” на Фондацијата Метаморфозис денеска беше презентиран во Тетово, во просториите на Future Skills Center при Универзитетот на Југоисточна Европа, пишува Порталб.мк.

Директорот за партнерство и развој на ресурси од Метаморфозис, Филип Стојановски објасни дека главната цел на овој извештај е да се истакнат дезинформациите и малициозните надворешни влијанија во земјата и во регионот и начините на кои тие се појавуваат и влијаат врз јавноста.

Едлира Палоши Диша од Институтот Макс ван дер Штул истакна дека денешниот настан и презентацијата имаат за цел подигање на свеста за дезинформациите и малигните влијанија во Северна Македонија. Таа воедно изрази и пофалби за Фондација Метаморфозис, како една од првите кои ја почнаа со борбата против дезинформациите.

Говорејќи за извештајот, Стојановски истакна дека дезинформациските кампањи и ширењето на медиумските манипулации не се само медиумски, туку и безбедносен проблем.

„Тие ги дестабилизираат земјите од Западен Балкан, каде спаѓа и Северна Македонија, и со тоа ја поткопуваат довербата во демократските институции и ги спречуваат во реализацијата на нивните најважни стратешки цели“, нагласи Стојановски.

Презентација на истражувачкиот извештај“Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан” во Тетово од Филип Стојановски – Фондација Метаморфозис. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Што се однесува до стратешките интереси на земјите од Западен Балкан во однос на членството во НАТО и ЕУ, тој истакна дека Западен Балкан како важен геополитички регион е мета на Русија, Кина, Турција, Иран, кои имаат различни интереси во регионот.

Стојановски истакна дека руската пропаганда е присутна во Северна Македонија и во регионот и ги појасни начините на кои таа се реализира.

„Србија е еден од главните канали преку кои на Балканот доаѓаат разни малигни влијанија“, рече Стојановски, кој нагласи дека тоа често се прави преку медиумите и вестите кои прво се дистрибуираат во српските медиуми, а потоа се шират и пошироко во регионот.

Стојановски нотира дека странските актери на малигното влијание на Балканот ги користат дезинформациите како алатка за да предизвикаат поделба меѓу земјите, а ефектите од дезинформациските кампањи влијаат врз растот на евроскептицизмот во регионот.

„Лесно ѝ е на Русија да интервенира во антизападните и анти-ЕУ наративи на Западен Балкан, бидејќи тие веќе долго време се познати во регионот“, вели Стојановски.

Тој, меѓу другото, го спомна и влијанието на Турција, велејќи дека тоа влијание е присутно во регионот преку мека моќ и дипломатија, кои не се малигни.

„Овие дезинформации и кампањи се дизајнирани и за да ја измерат реакцијата кај јавноста“, рече Стојановски.

Тој меѓу другото истакна и колку се важни и штетни дезинформациите за младите на социјалните мрежи, потенцирајќи ја политичката пропаганда. Како што рече тој, ако младите добиваат добри содржини, ќе донесат и добри одлуки.

„Едно од решенијата што ги предлагаме е зголемувањето на едукативните содржини во медиумите“, рече Стојановски.

Презентација на истражувачкиот извештај“Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан” во Тетово од Филип Стојановски – Фондација Метаморфозис. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Настанот го организираше Media Literacy & Disinformation Research Cluster при Институтот Макс ван дер Штул во согласност со иницијативите за зголемување на соработката со граѓанскиот сектор и заинтересираните страни во оваа област.

Дебатата, меѓу другото, се фокусираше и на академската гледна точка, а учесниците разговараа и за различни аспекти на дезинформациите и странските влијанија во земјата, но и во регионот.

Тие се согласија дека само проверката на фактите не е доволна и дека е потребно повеќе работа и градење на институционални капацитети за борба против странските дезинформации и малигните влијанија. Меѓу другото, потенцираа и дека за ова е потребно и критичко размислување кое е дел од медиумската писменост.

Учесниците истакнаа дека медиумската писменост не треба да биде само за медиумите, туку и за други области, бидејќи дел од дезинформациите се шират токму поради недостигот на основните знаења на оваа тема.

На крај, учесниците се согласија дека борбата против дезинформациите и малигните влијанија е многу сложена и дека активности не треба да се преземаат само од медиумите и невладините организации, туку и од државата и академијата.

Инаку извештајот “Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан” е подготвен во рамките на регионалниот проект „Центар против дезинформации во Западен Балкан: откривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, поддржан од Кралството на Холандија.

Анализата покажува дека дезинформациите и лажните вести се сериозен безбедносен проблем што може да ја попречи реализацијата на најважните стратешки цели на Западен Балкан, при што императив е сите земји од регионот да воспостават блиска меѓусебна соработка и да имаат пристап до експертизата на ЕУ и НАТО во креирањето на стратегии за отпор и одговор на странските малигни влијанија.

Според ова истражување во последните години малициозното странско влијание на Западен Балкан ги интензивирало напорите за поткопување на демократскиот развој на регионот. Штетните надворешни притисоци ги искористуваат главните политички случувања и настани во земјите, но исто така манипулираат и со глобални прашања.

Истражувачкиот извештај ги мапира клучните трендови и модели во ширењето на дезинформациите во регионот во периодот од јануари-декември 2022 година, како и странските интереси пропагирани преку пропаганда и кампањи за влијание, гледано низ геополитичкиот објектив.

Истражувачкиот извештај ги анализира спецификите на регионот како целина и за секоја земја посебно. Тој се фокусира на феноменот на лажните вести, дезинформациите и странската пропаганда која се шири преку јавните медиуми и социјалните мрежи и која има голем потенцијал за геополитичко влијание и се претвора во безбедносна закана.

Целиот извештај можете да го прочитате ТУКА.

Новинар: Фисник Џелили

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција