Министерството за одбрана не вработува војници за да ги испрати во Украина

Фото: скриншот од дел од објавата

НАТО не е во војна со Русија и не испраќа војници на фронтот во Украина, а Армијата на Република Северна Македонија учествува единствено во НАТО и ЕУ мисии и вежби.Тоа е манипулација и лага која свесно ја туркаат поддржувачите на руската агресија

Имајќи предвид дека НАТО не е во војна со Русија и не испраќа војници на фронтот во Украина, како и дека Армијата на Република Северна Македонија учествува единствено во НАТО и ЕУ мисии и вежби, не може да се тврди дека МО вработува војници за желбите на Зеленски, односно за да ги испрати да се боорат во Украина, како што се тврди во објавата. Тоа е манипулација и лага која свесно ја туркаат поддржувачите на руската агресија

 

Анализираме објава на мрежата Фејсбук која манипулира со објавен оглас од Министерството за одбрана за вработување на 150 професионални војници, тврдејќи дека тие ќе се испраќаат во Украина.

Се бара војник повеќе за желбите на Зеленски, стои во објавата под која има фтографија од наслов на текст за огласот на Министерството за одбрана.

Министерството за одбрана на 15 септември објави оглас за вработување на 150 професионални војници за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Објавата која е предмет на нашата рецензија прави манипулација, тврдејќи дека овие војници се бараат поради желбите на Зеленски, односно за да се испратат на фронтот во Украина.

Досега во неколку наврати различни профили на Фејсбук, поддржувачи на руската агресија, се обидувале да манипулираат и да шират лажни вести дека НАТО е во војна со Русија и дека членките на НАТО ќе испраќаат војници во Украина. Во тој контекст, била спомнувана и С. Македонија, а вестите од тој тип Вистиномер веќе ги има дебанкирано.

Учеството на државјани од Северна Македонија во странска војска е кривично дело. Армијата на Република Северна Македонија учествува единствено во НАТО и ЕУ мисии и вежби. Неточно е тврдењето дека Министерството за одбрана или министерката подготвуваат списоци за мобилизација. Согласно безбедносните проценки, ситуацијата во земјата е безбедна и стабилна. Министерството за одбрана и министерката Петровска повикуваат на воздржување од ширење на лажни вести и дезинформации, ни одговорија од МО во ноември 2022 година.

НАТО во никој случај не е во војна со Русија, бидејќи во војната во Украина нема војници од земјите-членки на НАТО. Она што НАТО го прави е испраќање воена помош на Украина со цел таа да се заштити од експанзионистичката политика на Русија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, тоа досега многупати го нагласил.

НАТО има задача да не дозволи ескалација на војната во Украина и да спречи Алијансата да биде инволвирана во војната, истакна во една прилика Столтенберг.

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.

НАТО помага да се координираат украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставување на хуманитарна помош. Членот 5 како безбедносна гаранција овозможува колективна одбрана и овозможува Алијансата да испраќа оружје за Украина без да ја загрози својата безбедност. Понатаму, добро оформената структура за заеднички стандарди на Алијансата и интероперабилни системи ѝ дозволува на Алијансата да доставува опрема со сигурност дека доставите до Украина може да се дополнат со компатибилна опрема од други сојузници. Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема вклучително со противтенковски и системи за воздушна одбрана, дронови и тенкови, пишува на страницата на НАТО.

Имајќи предвид дека НАТО не е во војна со Русија и не испраќа војници на фронтот во Украина и дека Армијата на Република Северна Македонија учествува единствено во НАТО и ЕУ мисии и вежби, не може да се тврди дека МО вработува војници за желбите на Зеленски, односно за да ги испрати да се боорат во Украина, како што се тврди во објавата. Тоа е манипулација и лага која свесно ја туркаат поддржувачите на руската агресија. Поради тоа објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција