Модата со гол стомак не влијае на женскиот стерилитет, ниту е поврзана со некаков план за депопулација

Фото: Mircea - All in collectionsPixabay

Модата со гол стомак нема никаква врска со стерилитетот кај жените, ниту пак, е намерно смислена со цел некаков план за депопулација. Таков план не постои и тој е дел од теориите на заговор. Наводната депопулација на населението обично се поврзува со СЕФ и Клаус Шваб, Бил Гејтс и Обединетите нации, а таа особено зема голем замав за време на пандемијата на коронавирус. За оваа теорија на заговор Вистиномер има пишувано во повеќе наврати

Модата со гол стомак нема никаква врска со стерилитетот кај жените, ниту пак, е намерно смислена со цел некаков план за депопулација. Таков план не постои и тој е дел од теориите на заговор. Наводната депопулација на населението обично се поврзува со СЕФ и Клаус Шваб, Бил Гејтс и Обединетите нации, а таа особено зема голем замав за време на пандемијата на коронавирус. За оваа теорија на заговор Вистиномер има пишувано во повеќе наврати

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која ја шири познатата теорија на заговор за наводен план на западните елити за некаква депопулација на населението. Според објавата, модата со гол стомак била измислена намерно за жените да станат стерилни и да не можат да раѓаат, односно таа била дел од планот за депопулација.

Ако мислите дека голиот стомак е мода настаната тукутака,се лажете. Со голиот стомак настинуваат бубрезите и јајниците со текот на времето, и доаѓа до пореметување на некои хормони со краен резултат – стерилност. Оваа мода е само една гранка од многуте,кои ги измисли Елитата за депопулација на светот. Х.Кисинџер, стои во објавата.

Притоа, овој цитат му се препишува на неодамна починатиот американски дипломат, државен секретар и советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, иако ваков цитат искажан од Кисинџер не може никаде да се најде.

Не е првпат на Кисинџер да му се атрибуираат изјави поврзани со наводни планови за депопулација и контрола на населението, за што имаат пишувано светски агенции за проверка на фактите.

Теориите на заговор за депопулација на населението доаѓаат во различни верзии. Општата тема што се провлекува низ овие теории е или дека постои неминовен план за намалување на населението, користејќи криза со пренаселеност како изговор, или прикривање на планот за евгеника. На тој начин, елитата треба да ги убие „бескорисните јадачи“, така што, во првиот случај, тие ја преживуваат кризата, а во вториот, можат да создадат или доволно роботи за да ги заменат, или нова раса на послушни суперлуѓе.

Тврдењето во објавата што ја анализираме одговара на вообичаената приказна за заговор околу Светскиот економски форум (СЕФ), нејзиниот основач Клаус Шваб и прашањето за депопулација.

Оваа теорија на заговор не е ништо ново и за неа Вистиномер досега има пишувано во неколку наврати.

Истата, освен со Клаус Шваб и СЕФ, вообичаено се поврзува со Бил Гејтс и Обединетите нации, а се поврзуваше и со пандемијата на ковид-19.

Што се однесува до тврдењето дека модата со голиот стомак има врска со некаков план за депопулација, тоа е лажно.

Имено, голиот стомак бил воведен во модата во 1932 година од Медлин Вионет кога понудила вечерна тоалета со стратешки исечени отвори на половината.

Женските костими за капење од 1930-тите и 1940-тите инкорпорираа зголемени степени на изложеност на стомакот.

Тинејџерските списанија од доцните 1940-ти и 1950-тите прикажуваа слични дизајни на костуми и блузи со отсек кај стомакот. Како и да е, модата со голиот стомак била истакнувана како само за плажи и неформални настани и се сметало за непристојно да се носи гол стомак во други јавни ситуации.

Сепак, изложеноста на женскиот стомак и папокот била нашироко внесена во секојдневната западна женска мода за време на сексуалната револуција во 1960-тите, а подоцна и со популарноста на халтерите и кроп-топ-ите.

Модата која ја практикувале навивачките што се развивала главно од стиловите кои потекнуваат од Далас – каубојските чирлидерки во раните 1970-ти, исто така, одиграла клучна улога во популарноста на голиот стомак во средните училишта.

Во текот на 1980-тите, поп-ѕвездата Мадона се појавуваше со гол стомак за време на нејзините настапи и во нејзините музички спотови, што придонесе во ширењето на оваа мода, која е популарна и ден денес.

Овој моден стил на ниеден начин не се вбројува во можните причини за стерилитет кај жените.

Како поретки причини за женска неплодност се наведуваат:

  •  Блокирани јајцеводи како резултат на воспаление, ендометриоза, или операција при претходна ектопична бременост.
  • Физички проблеми со матката, слабости на грлото на матката и лепливост во матката.
  • Фиброиди, полипи и слободни течности во матката.

Како што пишува на страницата на Њуборн, многу работи можат да влијаат на способноста на жената да има бебе и со тоа придонесуваат за проблеми со плодноста. Тие се:

  • Возраста. Со текот на годините, оваријалните резерви и квалитетот на јајце-клетките се намалуваат. Ова опаѓање станува се понагласено особено на возраст поголема од 35 години.
  • Стресот
  • Слабата исхрана што резултира со несоодветен внес на хранливи материи
  • Спортски тренинзи
  • Прекумерна или премала телесна тежина
  • Прекумерно конзумирање на тутун
  • Прекумерно конзумирање на алкохол
  • Сексусално преносливи и заразни болести
  • Секој фактор кој придонесува за хормонална нерамнотежа.

Стареењето ги намалува шансите на жената за да има бебе на следниве начини:

  • Способноста на јајниците да ослободуваат јајце-клетки подготвени за оплодување опаѓа со зголемување на возраста.
  • Здравјето на јајце-клетките на жената се намалува со зголемување на годините. Во понапредна возраст, се забележани повеќе генетски проблеми предизвикани од стареењето на јајце-клетките.
  • Како жената старее, поверојатно е таа да има здравствени проблеми кои можат да влијаат на плодноста.
  • Како жената старее, нејзиниот ризик од спонтан абортус се зголемува.

Значи, никаде не се спомнува дека носењето блузи со гол стомак ја намалува плодноста кај жените.

Од ова можеме да заклучиме дека модата со гол стомак нема никаква врска со стерилитетот кај жените, ниту пак, е намерно смислена со цел некаков план за депопулација. Таков план не постои и тој е дел од теориите на заговор.  Наводната депопулација на населението обично се поврзува со СЕФ и Клаус Шваб, Бил Гејтс и Обединетите нации, а таа особено зема голем замав за време на пандемијата на коронавирусот. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција