Најголем број од новинарите и медиумските работници заработуваат потпросечни плати

Најголем број од новинарите и медиумските работници за својата работа примаат надомест под просечната плата во државата, покажа истражувањето кое е изработено од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот Ресис, а е подржано од ЕУ.

Најголем број од новинарите и медиумските работници за својата работа примаат надомест под просечната плата во државата, покажа истражувањето кое е изработено од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот Ресис, а е поддржано од ЕУ

 

Притоа, кај новинарите 55 отсто земаат плата под просечната во државата, додека кај медиумските работници дури 77 проценти се под државниот просек, беше кажано на денешната конференција во Скопје.

Податоците за приходите изнесени во истражувањето се добиени од анкетата „лице-в-лице“ со случајно избран примерок од  342 испитаници, од кои 206 се новинари и 137 се други медиумски работници, а е спроведена во последните месеци од 2023 г..

Платите, иако ниски, како што беше оценето, сепак кај 85 отсто од испитаниците се исплаќаат редовно секој месец. Но, затоа, надомест за прекувремена работа, постојано или често, не им се исплаќа на 38 проценти од новинарите и на 36 проценти од медиумските работници. Исто така, многу често не се исплаќа работењето за празници. Тоа им се случува на 46 отсто од вкупниот број испитаници.

На конференцијата на која се изложуваше првото сеопфатно мапирање на вработените во медиумскиот сектор по подолго време, беше презентирано дека во државата се идентификувани 3.146 работни позиции на кои што работат 1.694 новинари и 1.452 медиумски работници.

Притоа, од вкупната бројка, 1.039 новинари и 1.072 медиумски работници се во редовен работен однос. А, од вкупно редовно вработените новинари, во онлајн медиумите се нешто над 20 отсто, додека од редовно вработените медиумски работници дури над 72 отсто работат во МРТ и во другите национални телевизии.

Најлоша е состојбата и со број на вработени и со плати во регионалните и локалните телевизии и радио станици.

Т.Б.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција