Намонтирана ракета во видео шири дезинформации дека експлозијата во Бејрут била поради напад
Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr направи анализа на едно видео што се пласира и меѓу грчките корисници на социјалните мрежи, а за кое се тврди дека покажува оти експлозијата во Бејрут што уби околу 160 луѓе и нанесе огромни материјални штети е предизвикана од ракета.
Во спорното видео, за кое како основа е земено реално видео, и потоа е „фотомонтирана“ ракетата, во еден миг се гледа наводна ракета која ја предизвикува големата експлозија.
Но анализата на ellinikahoaxes.gr на видеото, во споредба со друго видео, кое е искористено како основа на монтираното видео, јасно покажува дека е подоцна вметната ракета.
До истите сознанија, дека видеото е монтирано и прикажува невистинита ситуација, претходно дошле и проверувачите на факти fatabyyano.net.
извор: Meta.mk
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар