Нанотехнологијата, 5Г мрежата и графен оксидот немаат никаква поврзаност со вакцините

Фото: Gerd Altmann Pixabay

Објавата изнесува низа теории на заговор и непотврдени факти во врска со вакцините и нивниот состав. Вакцините не содржат графен оксид, ниту пак, графен оксид или некаква нанотехнологија која генетски ќе го модифицира човекот за тој да биде управуван со помош на 5Г технологијата

Објавата изнесува низа теории на заговор и непотврдени факти во врска со вакцините и нивниот состав. Вакцините не содржат графен оксид, ниту пак, графен оксид или некаква нанотехнологија која генетски ќе го модифицира човекот за тој да биде управуван со помош на 5Г технологијата

 

Рецензираме објава на Фејсбук која ги шири добро познатите теории на заговор против вакцините кои особено се засилија во време на ковид пандемијата и во голема мера им се препишуваа на вакцините против коронавирусот.

Мислам дека многумина од вас немаат поим што се случува и повеќето од вас мислат дека е смешно!!!

Воопшто не е смешно, ти го сменија био-електро-магнетното поле на телото!!!

Се претворате во трансивер и се ширите околу синтетички попрскани липидни „протеини“ (кои содржат нано графен)

СЕГА СТЕ ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНО СУШТЕСТВО!!!Мислам дека сега веќе не може да се смета за човек, односно човечки камшик.

Повеќе немате природно електро-магнетно поле околу вас, повеќе не го произведувате!

Сега сте само ПРЕВОДНИК за системот (мрежата) што го поставија околу …

Мрежата 5G е оружје и воена технологија што тие ја поставија за да се поврзат со вас…

Сега вие сте тие што ја ширите инфекцијата!

Затоа вие невакцинирани држете се настрана!!!

Доколку не верувате, а имате мерач на електромагнетно поле, слободно доближете го до местото каде што сте ја примиле „ВАКЦИНАТА“ 💉!!!

Веќе го немате вашето природно електро-магнетно поле околу вас, сега сè е синтетичко (вештачко)…., стои меѓудругото во објавата што ја рецензираме.

Теоријата на заговор дека пандемијата со ковид-19 била била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицираани вакцини, кои имаат за цел да ги чипираат и потоа да ги контролираат преку 5Г мрежата, не е ништо ново и Вистиномер на оваа тема има пишувано многу текстови.

Тврдењата дека ковид вакцините, кои беа изработени со мРНК технологијата, содржат ГМО и нанотехнологија се лажни. Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија.

мРНК технологијата потекнува од 1990, но за време на пандемијата за првпат се користеше во широко употребувани вакцини. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија.

мРНК, рибонуклеинската киселина, е молекула слична на ДНК која ги носи кодираните генетски информации до клетката. „Фајзер“ и „Модерна“ вакцините користат мРНК за да се однесат генетски информации за коронавирусот до клетката на телото, за да се научи имуниот систем да ги идентификува и да се бори против ковид-19 инфекцијата.

Иако терминот нано се користи за да се наметне дека нанотехнологија се користи за да ја модифицира вашата РНК, тоа е комплетно лажно. мРНК во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ нема никаков ефект на ДНК или РНК на човекот и не станува составен и траен дел од клетката, вели Синди Принс, професорка по епидемиологија на Универзитетот во Флорида

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин.

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.

И УНИЦЕФ тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат човечката ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК, пишува на веб-страницата на УНИЦЕФ.

Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експерти по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

5Г мрежата која се спомнува во објавата нема никаква врска со вакцините. Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, е само смешна теорија на заговор, непоткрепена со никакви факти, невтемелена во реалноста. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата во здравството не се поврзани.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

Што се однесува до тврдењето дека во ковид вакцините има графен оксид, исто така, изнесено во објавата која ја анализираме, и тоа не е точно.

„Вистиномер“ и на оваа тема има пишувано повеќепати.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата изнесува низа теории на заговор и непотврдени факти во врска со вакцините и нивниот состав. Вакцините не содржат графен оксид, ниту пак, графен оксид или некаква нанотехнологија која генетски ќе го модифицира човекот за тој да биде управуван со помош на 5Г технологијата. Според тоа, објавата ја оценуваме како невистнита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција