Настаните од 6 јануари во Капитол беа насилни и доведоа до човечки жртви

Фото: Принтскрин видео

За настанот од 6 јануари 2021 година во американскиот Капитол кој доведе до немири и човечки жртви, во оваа објава на Фејсбук се прикажува видео кое алудира дека политичарите сакале да го  преувеличат настанот, односно да го „напумпаат“. Но, постојат бројни снимки од кои се гледа магнитудата на насилството во Капитол, кршење на прозорци, тепачки со полицијата, за што двајца организатори се осудени на високи затворски казни од 10 и 18 години

За настанот од 6 јануари 2021 година во американскиот Капитол кој доведе до немири и човечки жртви, во оваа објава на Фејсбук се прикажува видео кое алудира дека политичарите сакале да го  преувеличат настанот, односно да го „напумпаат“. Но, постојат бројни снимки од кои се гледа магнитудата на насилството во Капитол, кршење на прозорци, тепачки со полицијата, за што двајца организатори се осудени на високи затворски казни од 10 и 18 години

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од демонстрантите кои влегуваат во зградата на Капитол во Вашингтон, на 6 јануари 2021 година. Тогаш илјадници демонстранти, инаку поддржувачи на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, незадоволни од резултатите од претседателските избори на кои победи Џо Бајден, инструирани од Трамп дека наводно изборите биле наместени, се упатија кон Капитол, зборното место на Конгресот на САД, каде требаше да се формализира дека новиот американски претседател е Бајден. Протестите прераснаа во немири во кои беа нападнати припадници на полициските сили, а бунтовниците влегоа во зградата со кршење.

Во овие немири имаше загинати, а во месеците кои следеа по нападот имаше и други смртни случаи за кои има дебата дали нивната смрт може да се поврзе со бунтот од 6 јануари 2021, вклучително и самоубиства на дел од персоналот задолжен да го обезбедува Капитол.

Во објавата што ја рецензираме, претседателот на САД, Џо Бајден, кажува дека настанот од 6 јануари 2021 година претставува вооружено востание, а не група туристи кои влегоа во Капитол. Со сличен тон потпретседателката на САД, Камала Херис во видеото го споредува настанот со оној од 11 септември.

Ненси Пелоси во видеото образложува оти за разлика од нападот на 11 септември кој, како што рече, е „напад однадвор“, нападот на 6 јануари 2021 е „напад однатре“ и двата случаи ги опиша како ужасни. Потоа во видеоматеријалот се опишува денот, 6 јануари, односно како толпата тропала на вратите на Капитол, ги кршеле прозорците, сенаторите испраќале смс пораки на семејствата мислејќи дека ќе умрат, полицијата ги барикадирала вратите со мебел, а имало и оружје.

Додека се редат кадри од сите овие политичари што ги опишуваат овие настани од 6 јануари 2021, во долниот лев агол на истото видео постојано оди снимка од демонстрантите како се влезени во зградата на Капитол и се движат во ходникот. На снимката тие се движат со нормална брзина и не кршат ниту демонстрираат насилство.

Ваквата снимка се користи во објавата за лажно да се презентира дека настаните на 6 јануари во Капитол биле „напумпани“, односно претставени преувеличени и „посериозни од што навистина биле“. Во објавата се пропушта контекстот.

Наспроти оваа снимка од „мирните“ демонстранти, има и реални снимки направени не од безбедносни камери во Капитол, туку од новинари каде се гледаат пресметките и кошкањето со полицијата, кршењето на стаклата, како и тоа дека имало оружје кај дел од демонстрантите и реално насилство. Детални видеоматеријали на Њујорк Тајмс покажаа како членови на радикалната, неофашистичка десничарска група „Горди момци“ (Proud Boys) била поттикнувач координатор и учесник во голем дел од упадот во Капитол на 6 јануари. Федерален судија осуди двајца членови на оваа група за нивната улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 за кршење на прозорците и друг зашто бил лидер на групата дента.

 

 

Доминик Пезола, е осуден на 10 години затвор затоа што го скрши прозорецот од Капитол дозволувајќи голема група да влезе во зградата што доведе претставниците на Конгресот да мора да бидат евакуирани. Пезола тој ден стана симбол на насилството. Итан Нордин, кој беше водач на групата е осуден на 18 години затвор.

Според објавеното на сајтот History, бунтовниците ги нападнале полициските сили и го уништиле комплексот на Капитол, принудувајќи ги членовите на Конгресот и државните службеници да се кријат во скривници и бункери. Еден од демонстрантите кој бил застрелан од полицијата починал во хаосот, а повеќе од 100 полициски службеници биле повредени. Неколку часови бунтовниците ги уништуваа канцелариите, вклучително и онаа на Ненси Пелоси, влегоа во Сенатот и позираа на фотографии.

Секретарот за одбрана, Крис Милер повика 1.100 членови од националната гарда, според изјава од Националната гарда. Тие го обезбедија периметарот, овозможувајќи им на единиците на FBI да ги исчистат салите и канцелариите на Капитол. Околу 16 часот Трамп кој беше во Белата Куќа, објави видеопорака на социјалните мрежи во која ги повтори своите невистинити тврдења за изборна измама, но им кажа на своите поддржувачи да си одат дома мирно.

Многу светски медиуми, меѓу кои Би-Би-Си, известуваа хронолошки за настаните од тој ден. Политичарите, меѓу кои и оние наведени во објавата, односно во видеото од објавата што ја рецензираме, го осудија настанот како тешка опструкција на демократијата, загрозување на безбедноста на политичарите, оспорување на демократските избори. Во прилог на тоа говорат и високите затворски казни за дел од организаторите.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме ја оценуваме се пропушта контекстот. Настаните од 6 јануари во Капитол беа насилни, доведоа до човечки жртви и беа следени во светски рамки од бројни медиуми, кои беа и на терен. Оттаму беспредметно е да се тврди дека бунтот од 6 јануари во Капитол бил од мали размери и дека бил правен обид да се зголеми неговата сериозност.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција