Не е точно дека е законски ограничено само 4 гости по дома

Тврдењето дека Собранието донело закон со кој,  наводно, се воведува рестиктивна мерка во домовите да може да дојдат само четири гости, е целосна невистина. Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести не предвидуваат такво нешто, а згора на тоа, во моментот кога е објавена ваквата дезинформација постапката за нивниото усвојување во Собранието сè уште не беше завршена

Тврдењето дека Собранието донело закон со кој,  наводно, се воведува рестиктивна мерка во домовите да може да дојдат само четири гости, е целосна невистина. Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести не предвидуваат такво нешто, а згора на тоа, во моментот кога е објавена ваквата дезинформација постапката за нивниото усвојување во Собранието сè уште не беше завршена

 

Објава на Фејсбук шири лажна вест дека е донесен закон со кој се ограничува бројот на гостите дома на максимум четворица и дека полицијата ќе врши контрола во домовите. Во постот кој е објавен на 27 октомври е споделен линк од напис во кој погрешно се тврди:

По итна постапка донесен законот за задолжително носење маска и додека сте сами, а дома само по 4 гости !!!!.

Во ваквата објава и во самиот текст има повеќе невистини.

Прво, законот на кој се мисли – измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, во моментот кога е пласиран текстот, а потоа и споделен на Фејсбук (27.10.2020),  не е донесен (како што се тврди), туку е помината само првата фаза, односно неговото прво читање во Собранието.  Значи не е завршена целата постапка, само е изгласна  потребата од донесување на измени на  споменатиот Закон и за ова  60 пратеници гласале „за” и 32 „воздржани”. Со тоа, пак, се овозможи измените на Законот да одат на матичната Комисија за здравство и во Законодавно-правната комисија, па дури потоа да се вратат на пленарна седница. И не во итна, туку во скратена постапка. Двете постапки се многу слични, но, сепак, има разлика во поднесувањето на амандманите – законодавната постапка за двата случаја е опишана на веб-страницата на Собранието.

Според предвидената процедура, наредниот ден 28.10.2020 година, законските измени најпрвин го минаа комисискиот филтер, па потоа во вечерните часови беа усвоени од Собранието на пленарна седница –  со 53 гласови „за“, ниту еден против и 26 „воздржани“. Претходно, пратениците од СДСМ и министерот за здравство, Венко Филипче, се премислија и го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости.

Така што, наспроти тврдењето во текстот, ваква мерка – само 4 гости по дома, воопшто не е дел од новите законски измени, кои стапуваат во сила по нивното објавување во „Службен весник“,  а со кои, меѓу другото, се предвидува задолжително носење маска на отворено, задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието.

Новите мерките предвидени со овие измени на Законот може да се видат на посебната страница за коронавирус на веб-сјатот на Владата на Северна Македонија, а ги објави и министерот за здравство на неговиот профил наФејсбук.

Фактички, вистината е дека тогаш кога е објавен постот (текстот) што го рецензираме не се знаело што точно ќе содржи Законот, затоа што процедурата за неговото донесување не била завршена докрај. Практично, била помината само првата фаза и отворена вратата за  второто и третото читање на Законот, постапки во кои со амандмански интервенции може да се менува текстот пред тој конечно да се усвои во Собранието. Односно, во натамошната процедура може да се случи финалниот текст на Законот да не содржи некои од предлозите кои првично биле дадени. Како што и се случи во конкретниот пример – повлечен е предлогот за ограничување на бројот на гостите дома само на четворица и казни доколку не се почитува оваа мерка. А тоа значи, дека со овие измени на Законот усвоени на 28 октомври, ниту е ограничен бројот на гостите, ниту полицијата ќе прави контроли по домовите за да ги брои гостите!

Ама, и покрај тоа што се работи за целосна дезинформација, постот предизвика големо внимание кај публиката, па во моментот кога е пишуван текстот има 180 допаѓања и 138 коментари, некои од нив прилично гневни и со говор на омраза, како што е, на пример, овој:

Nema pogolemi fasisti . Ke dojde kraj na se koga ke si ja presecete grankata na koja sedate. Narod ke ostane samo toj sto nema da zavrsi od vas site drugi ke umrete ke ostanat samo lugeto po planinite makedonia ke ostane tamu kade sto e . Prvi koj sto nema da postojat ste vie politicarite

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција