Не е точно дека ЕУ се бори да им ги одземе родителските права на унгарските родители

Фото: Принтскрин ФБ пост

Европските институции не се против заштитата на децата од педофилија и од сексуално злоставување, туку против тоа што со контроверзниот Закон за заштита на децата во Унгарија се дискриминира ЛГБТ заедницата. ЕУ не се бори да им ги одземе правата на унгарските родители и не ја обвинува лажно унгарската влада за донесување дискриминаторски, хомофобични закони, како што се тврди во постот. Дека законот е дискриминаторски и хомофобичен не смета само ЕУ туку и голем број на здруженија меѓу кои и Амнести Интернешнал. Со законот се забранува споделување на информации со малолетници со кои се промовира хомосексуалноста, менување на полот и се ограничува претставувањето на ЛГБТ групите во медиумите

Европските институции не се против заштитата на децата од педофилија и од сексуално злоставување, туку против тоа што со контроверзниот Закон за заштита на децата во Унгарија се дискриминира ЛГБТ заедницата. ЕУ не се бори да им ги одземе правата на унгарските родители и не ја обвинува лажно унгарската влада за донесување дискриминаторски, хомофобични закони, како што се тврди во постот. Дека законот е дискриминаторски и хомофобичен не смета само ЕУ, туку и голем број на здруженија, меѓу кои и Амнести Интернешнал. Со законот се забранува споделување на информации со малолетници со кои се промовира хомосексуалноста, менување на полот и се ограничува претставувањето на ЛГБТ групите во медиумите

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

ЕУ вети дека ќе ја казни Унгарија и ќе им ги одземе на мајките и татковците нивните родителски права, откако унгарската влада усвои закон со кој се забранува пропедофилска пропаганда да се учи во училиштата.

Унгарскиот закон за заштита на децата доведе до правни постапки против земјата, а многу левичарски земји од ЕУ се приклучија на протестот проитв усвојувањето на овој закон со цел да се заштитат децата од државата која ги сексуализира.

Комисијата на ЕУ, управното тело што ја започна правната постапка, рече дкеа унгарскиот закон го крши правото на ЕУ, основните права и вредностите на ЕУ.

ЕУ се борат да им ги одземат правата на унгарските родители, додека лажно ја обвинуваат унгарската влада за донесување дискриминаторски, хомофобични закони. Новиот закон воведе различни мерки против злоупотребата на децата и педофили во Унгарија, вклучително и забрана за институции кои го промовираат трансродовиот однос и хомосексуалноста кај децата на возраст под 18 години.

Дали тие се новите вредности на ЕУ?

Дали агитаторите на влезот на Македонија во ЕУ ги сакаат тие вредности за своите деца или само за нашите деца?

И како можат?

ЕУ има алтернатива.

Законот за заштита на децата (Child protection law), за којшто се говори во објавата што ја рецензираме, е контроверзен закон во Унгарија, против кој застанаа петнаесетина држави од Европската Унија, меѓутоа не е точно наведеното во постот дека „ЕУ ветила дека ќе им ги одземе на мајките и татковците нивните родителски права“. Тоа е дезинформација.

Вкупно 15 држави од Европската Унија се приклучија кон тужбата против овој Закон, којшто е широко критикуван дека е анти-ЛГБТ закон.  Белгија, Луксембург, Холандија, Португалија, Австрија, Ирска, Данска, Малта, Шпанија, Шведска, Финска, Словенија, Франција, Германија и Грција, заедно со Европскиот Парламент ќе делуваат како трети страни во тужбата поднесена минатата година од страна на Европската Комисија.

Застануваме цврсто во нашите заложби за инклузивно општество и еднаквост за сите, изјавија од Министерството за надворешни работи на Белгија кое е предводник на судскиот спор против овој контроверзен закон.

Конкретниот закон беше одобрен во јуни 2021 година и содржи одредба којашто забранува или строго ограничува претставување на хомосексуалноста и промената на полот во медиумите, како и во образовните материјали наменети за публика помлада од 18 години. Ова предизвика политички отпор, повеќе држави потпишаа заеднички писма, а премиерите отворено го изразуваа го своето несогласување со нивниот колега Виктор Орбан.

Законот официјално, според законскиот текст, цели да ја зајакне заштитата на децата од сексуалните престапници и педофилите. Но, Европската комисија, којашто надгледува дали националните закони се компатибилни со законодавството на ЕУ, побара од Унгарија да објасни зошто забраната за ЛГБТ содржини беше потребна за да се постигнат главните цели на законот што се насочени против педофилијата. Потоа ЕУ покрена постапка против Унгарија, оценувајќи дека овој закон  ги крши основните човекови права.

Овој закон во Унгарија е срам. Овој закон јасно ги дискриминира луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација и оди против фундаменталните вредности на ЕУ, а тоа се човековото достоинство и еднаквост, изјави претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лајен во 2021 година.

Откако Унгарија одби да го повлече законот, Комисијата во јули 2022 година поднесе тужба пред Европскиот суд за правда, кој има моќ да ја промени националната легислатива. Но, Будимпешта одби да се повлече, повикувајќи се на референдум од 2022 година на кој немаше кворум, односно немаше доволен број на валидни гласови.

Во ниту еден дел од забелешките на европските тела на содржината на законот, не се споменува невистинитата информација која се пласира преку постот што го рецензираме дека „ЕУ се борат да им ги одземат правата на унгарските родители“. Родителите и понатаму ќе ги имаат сите права врз своите деца, согласно националното законодавство на Унгарија. Но, забелешката на европските институции е дека заштитата на децата од педофилијата и од сексуалното злоставување, погрешно се поврзува со демонизација на ЛГБТИ заедницата.

Заштитата на децата е апсолутен приоритет за ЕУ и нејзините земји членки. Но, законот содржи одредби кои не се оправдани врз база на промоција на овој фундаментален интереси или се непропорционални за да се постигне саканата цел, сметаат од Европската Комисија.

Оттаму велат дека законот ги прекршува следните ЕУ регулативи:  Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, Директивата за е-трговија (со законот се забрануваат услуги во кои се презентирани различни сексуални ориентации на малолетници, дури и кога овие услуги потекнуваат од други земји членки),  Договорот за слобода на давање услуги, како и други директиви,

Значи, европските институции не се против заштитата на децата од сексуално злоставување, туку против тоа што во контроверзниот закон се дискриминира ЛГБТ заедницата. ЕУ не се бори да им ги одземе правата на унгарските родители и не ја обвинува лажно унгарската влада за донесување дискриминаторски, хомофобични закони, како што се тврди во постот. Дека законот е дискриминаторски и хомофобичен не смета само ЕУ, туку и голем број на здруженија, меѓу кои и Амнести Интернешнл, како што може да се види од нивното соопштение.

Вредностите на ЕУ се транспарентно наведени и тоа се инклузија, толеранција, правда, солидарност и недискриминација. Токму за тие вредности се залагаат припадниците на ЕУ.  EK смета дека законот воведува рестриктивни правила коишто се однесуваат на електронскиот комерцијален сервис и информациските услуги, образовните активности, класификацијата на аудиовизуелните содржини и маркетингот и дека оди против Декларацијата за човекови права. Во законот се забранува споделување на информации со малолетници со кои се промовира хомосексуалноста, менување на полот и се ограничува претставувањето на ЛГБТ групите во медиумите, на начин што се забрануваат медиумски содржини во текот на денот на телевизија и се забранува компаниите да имаат кампањи за солидарност со ЛГБТ заедницата.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме, постот го оценуваме како невистинит. Не е вистина дека ЕУ ветила дека ќе им ги одземе на мајките и татковците нивните родителски права.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција