Не е точно дека наскоро ќе биде стопирана вакцинацијата во целиот свет
Тековните соопштенија на светските здравствени регулатори не сугерираат на никакво отстранување или намалување на употребата на вакцините против ковид-19. Од видеото прикажано во текстот не може да се верификува ниту идентитетот на лицата кои зборуваат, ниту адресата од која доаѓа повикот. Вакви видеа може лесно да се исфабрикуваат со постоечките програми за видео и аудио монтажа, иако не може да се тврди дека тоа е сторено. Дури и доколку некој медицински работник има антивакцинален став, тоа е негов личен, а не како што кажува лицето кое е снимано во видеото, дека се во прашање „ медицински причини“. Современата медицина и понатаму останува на страната на вакцините како заштита од ковид- 19, односно од хоспитализации и тешка форма на болеста
Тековните соопштенија на светските здравствени регулатори не сугерираат на никакво отстранување или намалување на употребата на вакцините против ковид-19. Од видеото прикажано во текстот не може да се верификува ниту идентитетот на лицата кои зборуваат, ниту адресата од која доаѓа повикот. Вакви видеа може лесно да се исфабрикуваат со постоечките програми за видео и аудио монтажа, иако не може да се тврди дека тоа е сторено. Дури и доколку некој медицински работник има антивакцинален став, тоа е негов личен, а не како што кажува лицето кое е снимано во видеото, дека се во прашање „ медицински причини“. Современата медицина и понатаму останува на страната на вакцините како заштита од ковид-19, односно од хоспитализации и тешка форма на болеста
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто е споделен текст од сајтот „Коловрт“, со бомбастичен наслов: „Вирално видео! Доктор ѝ вели на пациентка да не се вакцинира затоа што наскоро вакцинацијата ќе биде стопирана во целиот свет!“
Од текстот и видеото кои се споделени станува јасно дека се работи за телефонски разговор, снимен меѓу две женски лица, за кои не се знае нивниот идентитет. Во видеото, се гледа дека телефонот на жената којашто снима, прикажува и телефонскиот број на екранот кој, според порталот што ја објавува веста, е на болницата во Англија, „Ст. Ричардс Хоспитал“.
Навистина, на интернет постои информација дека телефонскиот број е на оваа болница. Но, она коешто не може да се утврди, е дали ова видео е монтирано, кој зборува во него и дали навистина станува збор за лекар. Во некои од рецензиите за овој телефонски број, пишува дека тој не прифаќа повратни повици, што е сомнително, доколку навистина станува збор за болница. Освен тоа што не може да се верификува стопроцентно дали телефонскиот повик е од болницата, не може да се верификува ни дали телефонскиот повик е меѓу пациентка и лекарка. Би можел да биде разговор по телефон меѓу кои било две женски лица!
Што зборуваат во телефонскиот разговор? Наводната лекарка кажува дека наскоро вакцините ќе престанат да се администрираат и ја советува наводната пациентка да не зема бустер доза од вакцината. Таа кажува дека досега немало доволно информации, особено за млади луѓе со недопрен имунитет, но сега почнале да стануваат достапни.
И многу брзо, сите вакцини ќе бидат комплетно стопирани. Оваа информација само што излезе и некое време нема да ја слушнете на телевизија, зашто, долга е таа приказна но… Луѓето тоа не го знаат, вели женскиот глас во телефонскиот разговор.
Потоа наводната лекарка ја советува пациентката да не ѝ дозволува на сестра ѝ да прими бустер доза од вакцината.
Но, од ова видео не може да се изведе никаков доказ дека лицето кое зборува е лекар. Нема ни докази дека вакцината ќе биде повлечена за аплицирање. Напротив, Светската здравствена организација алармира дека пандемијата е далеку од завршена и повика на подобра дистрибуција на вакцините.
Европската унија на крајот на 2021 година, нарача 180 милиони дози ковид вакцини во пресрет на омикрон варијантата на коронавирусот.
Владата на Северна Македонија, исто така, за 2022 година нарача 500 илјади дози вакцини од „Фајзер“ од кои 10.000 за деца. Оваа одлука беше донесена на 14 декември 2021.
Податоците од Светската здравствена организација од 11 јануари годинава, покажуваат дека вакцината нема да се повлече затоа што овозможува заштита од смрт и тешка болест.
Со достапните вакцини против ковид-19, фокусот останува на тоа да се намали сериозната болест и смртноста, како и да се заштитат здравствените системи. Вакцините кои имаат дозвола од СЗО овозможуваат високо ниво на заштита од сериозна болест и смрт предизвикани од варијантите на загриженост. За омикрон варијантата, мутацискиот профил и прелиминарните податоци покажуваат дека вакциналната ефективност ќе биде намалена против симптоматската болест предизвикана од омикрон варијантата, но заштитата од сериозна болест е поверојатно дека ќе биде зачувана. Како и да е, повеќе информации за вакциналната ефективност, особено против хоспитализација, сериозна болест и смрт се потребни. Затоа се поддржува ургентно и широко распространување на моменталните вакцини против ковид-19 за приоритетните групи граѓани во светот, за да се создаде заштита против сериозна болест и смртност глобално и во подолг рок, да се спречат нови варијанти на загриженост со намалување на инфекциите. Практично, иако некои земји ќе препорачаат бустер дози за вакцинација, приоритетот за светот е веднаш да се забрза пристапот до примарната вакцинација, особено за групите во поголем ризик од развивање на сериозна болест, се вели во соопштението на Светската здравствена организација.
Од ова произлегува дека вакцините не само што нема да бидат повлечени, туку и се охрабрува нивната сериозна дистрибуција за да се превенира смртност и тешка форма на болеста.
Директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, најави дека до март ќе биде спремна вакцината против ковид за омикрон варијантата.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД, објави дека тековните вакцини се очекува да заштитат против сериозна болест, хоспитализација и смрт поради инфекција со омикрон варијантата. Но, инфекции кај вакцинирани и прележани лица е веројатно дека ќе се случат.
Со други варијанти, како делта, вакцините се ефективни во спречувањето на сериозна болест, хоспитализации и смртност. Неодамнешната појава на омикрон, уште повеќе ја зајакнува важноста од вакцинацијата и бустерите, пишува на веб- страницата на американскиот регулатор.
Оттаму додаваат дека вакцините остануваат најдобрата јавна мерка за да ги заштитат луѓето од ковид-19, неговата трансмисија и да ја намалат можноста од појавата на нови варијанти. Вакцините против ковид-19 се ефективни во превенирањето сериозна болест, хоспитализации и смртност. Научниците моментално го истражуваат омикрон, вклучувајќи и тоа колку заштитени се целосно вакцинираните луѓе од инфекција, хоспитализација и смртност.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД препорачува секој над петгодишна возраст да се заштити од ковид-19 со целосна вакцинација. За оние кои се над шеснаесетгодишна возраст, ЦДЦ препорачува бустер доза, по комплетирањето на нивната основна вакцинална серија против ковид-19.
Бустер дозата може да се прими во САД, после 5 месеци од втората доза на „Фајзер“, шест месеци после „Модерна“ и два месеца после „Џенсен“ вакцината, се вели на веб-страницата на ЦДЦ.
Поради сите горенаведени информации, односно поради тековните соопштенија на светските здравствени регулатори, кои не сугерираат на никакво отстранување или намалување на употребата на вакцините против ковид-19, оценуваме дека не е вистина дека вакцините против ковид-19 наскоро ќе бидат стопирани во целиот свет. Од видеото не може да се верификува ниту идентитетот на лицата кои зборуваат, ниту адресата од која доаѓа повикот. Вакви видеа може лесно да се исфабрикуваат со постоечките програми за видео и аудио монтажа, иако не може да се тврди дека тоа е сторено. Дури и доколку некој медицински работник има антивакцинален став, тоа е негов личен, а не како што кажува лицето кое е снимано во видеото, дека се во прашање „медицински причини“. Современата медицина и понатаму останува на страната на вакцините како заштита од ковид-19, односно од хоспитализации и тешка форма на болеста.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар