Не е точно дека сето овошје и зеленчук во ЕУ е ГМО

Фото: Принтскрин видео

Не може да се потврди дека оној кој го снимал видеото е навистина Украинец и дека е бегалец, а нема  ниту докази дека храната што се презентира е генетски модифицирана. Станува збор претежно за овошје и зеленчук кои се спакувани и снимателот на видеото ги уништува притоа кажувајќи дека „храната во ЕУ нема нутритивна вредност“, што се разбира е невистина. ЕУ и Германија строго контролираат каква храна се произведува, имаат стандарди кои се имплементирани за безбедноста на храната и  го почитуваат правото на граѓаните да бидат информирани за тоа каква храна купуваат, па да направат избор. Дополнително, во Германија,има иницијатива и обележување на храната зависно од тоа дали е ГМО или не. А, исто така, ГМО не значи дека храната не е безбедна

Не може да се потврди дека оној кој го снимал видеото е навистина Украинец и дека е бегалец, а нема  ниту докази дека храната што се презентира е генетски модифицирана. Станува збор претежно за овошје и зеленчук, кои се спакувани и снимателот на видеото ги уништува, притоа кажувајќи дека „храната во ЕУ нема нутритивна вредност“, што се разбира е невистина. ЕУ и Германија строго контролираат каква храна се произведува, имаат стандарди кои се имплементирани за безбедноста на храната и го почитуваат правото на граѓаните да бидат информирани за тоа каква храна купуваат, па да направат избор. Дополнително, во Германија има иницијатива и обележување на храната зависно од тоа дали е ГМО или не. А, исто така, ГМО не значи дека храната не е безбедна

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

ЕВРОПСКА УНИЈА. Украински „бегалец“ го мрази животот во Германија и уништува храна во германски супермаркет додека се жали; сè е ѓубре, генетски модифицирано, нема мирис. Сака да си оди дома.

Во склоп на објавата e прикажано видео на кое слуша машки глас кој снима во супермаркет и вели дека „ако некој има илузии за Европската Унија тој ќе им покаже некои работи за ЕУ“. Човекот се движи во супермаркетот и агресивно уништува плодови овошје и зеленчук,  додека зборува дека тие се „од пластика, без мирис”, „без вкус”, „без хранливи вредности”, а за грозјето на полицата кажува дека е само некој шеќер со вода. Во неговото излагање вели дека сè е модифицирано и дека не може да ја јаде нивната храна.

Ова е Европа. Ми се допаѓаше животот во Украина. Што извикуваа на Мајдан? Мед? Мислите дека ова е мед?, додава машкиот глас додека ја продолжува својата обиколка на супермаркетот критикувајќи и агресивно фрлајќи ги овошјето, зеленчукот и трескајќи ги теглите мед.

Не може да се каже дали лицето коешто се обраќа во видеото е навистина од Украина. И не може да се каже дали живее во Германија (во видеото станува збор за германски супермаркет) долго време или е штотуку дојден по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина.

На 2 август 2019 година Департментот на САД за агрикултура извести дека преференците на германските купувачи за производи без генетски инженеринг, предизвикува голема побарувачка на пазарот за храна за животни без ГМО.

Германската програма за обележување на храната „без ГМО” генерираше 11 милијарди долари во продажба во 2018 година, 41 процент раст споредено со 2017. Земјата има задолжение храната која е ГМО да биде јасно обележана дека содржи генетски модифицирани состојки. За да им даде право на избор на своите потрошувачи дали ќе купуваат месо и млечни производи без ГМО, Германија креираше програма уште во 2008 година. Во 2010 година, Министерството за земјоделство авторизираше асоцијација за храна без генетски инженеринг, да ја лиценцира и да ја доставува оваа етикета.

Во оваа асоцијација има претставници на сите сектори – за млечни производи, овошје, зеленчук, месо и пијалаци. Највисока продажба има млекото кое е без ГМО. Бројни ланци на супермаркети како Алди, Реве, Шварц и Едека, имаат ставено ваква етикета за своите производи.

Генетски модифицираните организми се организми кои имаат изменета ДНК за да ги смени нивните карактеристики. Житни култури кои се ГМО може да бидат поотпорни на инсекти, суша, или да бидат збогатени со нутриенти, пишува Дојче Веле.

Според фитопатологот и портпарол на Репланет, сојуз на невладини организации кои се залагаат за решенија засновани на наука за климатските промени, Дејвид Спенсер:

Генетско модифицирање не е ништо повеќе од техника на размножување, слично како вкрстувањето што го правиме илјадници години. Но, тоа е пософистицирано, така што можеме да направиме многу прецизни промени многу брзо.

ГМО за првпат беа воведени во САД во 1994 година, со модифицирани растенија од домати кои созреваат побавно за да го продолжат рокот на траење. Оттогаш, широк спектар на култури како што се соја, пченица и ориз се одобрени за земјоделска употреба заедно со ГМ бактерии кои се одгледуваат за да произведуваат големи количини на протеини.

Научниците во Индија имаат создадено ориз кој е многу поотпорен на поплави. Поплавите се најголемиот проблем при одгледувањето на оризот во северна Индија и Бангладеш.

Производите изведени од,  или кои содржат генетски модифицирани организми, се строго контролирани и има нулта толеранција за недозволени ГМО во ЕУ.

Храната и добиточната храна направена од ГМО или која содржи ГМО, може да се дозволи на пазарот во ЕУ само откако ГМО ќе добијат одобрение од ЕУ, после процедура која вклучува темелна проценка на ризикот од Европската агенција за безбедност на храна врз основа на неопходно досие за овластување, обезбедено од апликантот, односно развивачот на ГМО.

Политиката на ЕУ за ГМО, го почитува правото на потрошувачот да знае, со тоа што ја обезбедува оваа информација со јасно означување за ГМО. Ова бара сигурни методи за нивно откривање, идентификација и квантификација за овластен ГМО во храната, добиточната храна и животната средина. Како што може да се погледне на следниот линк, храната којашто е ГМО во Германија е предмет на строга регулација и одобренија.

Во објавата што ја рецензираме, нема докази дека храната којашто се презентира е генетски модифицирана. Станува збор претежно за овошје и зеленчук кои се спакувани и снимателот на видеото ги уништува, притоа кажувајќи дека храната во ЕУ нема нутритивна вредност, што се разбира е невистина.

Дополнително, Украина неодамна имплементираше закон кој ќе им дозволи систематска хармонизација на украинската легислатива со онаа на ЕУ во врска со ГМО. Исто така, не може да се потврди дека оној кој го снимал видеото е навистина Украинец и дека е бегалец. Можно е и да станува збор за некој кој се претставува така, а всушност работи за каузата на рушење на имиџот на храната во ЕУ и во Германија преку драматичен револт.

Вистината е дека ЕУ и Германија строго контролираат каква храна се произведува, имаат стандарди кои се имплементирани за безбедноста на храната и го почитуваат правото на граѓаните да бидат информирани за тоа каква храна купуваат, па да направат избор. Ненавлегувајќи во личните преференци и вкусови, во полн супермаркет сигурно е дека има за секого по нешто, односно изборот е преголем. Дополнително, во Германија,има иницијатива и обележување на храната зависно од тоа дали е ГМО или не. А, исто така, ГМО не значи дека храната не е безбедна.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно оти сето овошје и зеленчук во ЕУ е ГМО.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција