Не е точно дека теренската вакцинација ќе ги „докрајчи“ ранливите категории

Фото: meta.mk

Објавата тврди дека вакцините „ќе ги докрајчат“ ранливите категории и алудира дека вакцините се штетни и опасни. Ова не е точно, вакцините не ги убиваат луѓето, туку ги спасуваат нивните животи. Наративот што се шири преку вакви објави на социјалните мрежи е опасен, затоа што може да ги натера оние што ќе ја видат оваа објава да се посомневаат во придобивките од имунизацијата

Објавата тврди дека вакцините „ќе ги докрајчат“ ранливите категории и алудира дека вакцините се штетни и опасни. Ова не е точно, вакцините не ги убиваат луѓето, туку ги спасуваат нивните животи. Наративот што се шири преку вакви објави на социјалните мрежи е опасен, затоа што може да ги натера оние што ќе ја видат оваа објава да се посомневаат во придобивките од имунизацијата

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека вакцините за грип и оние против коронавирусот убиваат луѓе. Ова е неточно. Вакцините спасуваат човечки животи, а оваа објава претставува опасност по јавното здравје.

Od denes, cinam zapocnuva vakcinacija za sezonski grip i kovid po domovite, najprvo ke odele kaj ranlivite kategorii ( da gi dokrajcat)….. Samo kazuvam, glejte prajte…..denes se vi e dostapno so informacii….ama ete na nekoj ne mu e dadeno toa da go vidat, mozebi taka saka Bog, пишува во објавата.

Во неа се коментира кампањата на Министерството за здравство „Од врата до врата“, што започна на 1 ноември за промовирање на имунизацијата и се реализира заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ). Во рамки на кампањата, постарите лица над 65 години ќе имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против ковид-19 како бустер доза, како и вакцина против сезонскиот грип, а децата да ги примат пропуштените дози од календарот за задолжителна имунизација.

Објавата што ја рецензираме тврди вакцините „ќе ги докрајчат“ ранливите категории, што алудира дека вакцините се штетни и опасни. Ова не е точно и ги маниплуира корисниците на социјалните мрежи. 

Грипот (инфлуенца) е потенцијално сериозна болест која може да доведе до хоспитализација, а понекогаш дури и до смрт кај оние што се заболени. Секоја сезона на грип е различна, а, исто така, грипот може да ги погоди луѓето различно. Но, за време на типичните сезони на грип, милиони луѓе добиваат грип, стотици илјади луѓе се хоспитализирани и илјадници до десетици илјади луѓе умираат од причини поврзани со грип.

Компликации од грип може да вклучуваат бактериска пневмонија, инфекции на увото, инфекции на синусите и влошување на хронични медицински состојби, како што се конгестивна срцева слабост, астма или дијабетес. Годишната вакцина против сезонски грип е најдобриот начин да се намали ризикот од добивање грип и која било од неговите потенцијално сериозни компликации. Вакцинацијата има многу придобивки, вклучително и намалување на ризикот од грип, хоспитализација, па дури и ризик од смрт поврзана со грип. Некои луѓе кои добиваат вакцина против грип сè уште може да се разболат од грип, ама неколку студии покажаа дека вакцинацијата против грип ја намалува сериозноста на болеста.

Вакцините против грип предизвикуваат развој на антитела во телото околу две недели по вакцинацијата. Овие антитела обезбедуваат заштита од грип. Вакцините за сезонски грип се дизајнирани да заштитат од вирусите на грип за кои истражувањата покажуваат дека ќе бидат најчести во текот на претстојната сезона.

Некои помали несакани ефекти што може да се појават при вакцинација против грип се: болка, црвенило и/или оток на местото каде што е примена вакцината, главоболка, треска, болки во мускулите, гадење и замор.

Според Светската здравствена организација (СЗО), вакцинацијата е најефективниот начин за спречување на инфекција и тешки исходи предизвикани од вируси на грип.

Развојот и производството на вакцини против грип, планирањето на нивните набавки и употреба, како и обезбедувањето на други соодветни ресурси за здравствена заштита се суштински компоненти на сеопфатен одговор на сезонски и пандемски грип.

Секоја година околу 400.000 луѓе во светот умираат поради компликации од грип. Грипот е најтежок кај доенчињата и постарите лица. Меѓу оние над 65 години, грипот секоја година во Европа убива околу 31 лице на 100.000 луѓе од респираторни заболувања. Во изминатите 10 сезони на грип пред пандемијата со ковид-19, ЦДЦ проценува дека во просек вакцинацијата во САД спречила повеќе од 5 милиони заболувања, над 70.000 хоспитализации и 6.000 смртни случаи секоја сезона.

Исто така, и вакцинирањето против коронавирусот не е смртоносно, иако тоа е една од теориите на заговор кои за време на пандемијата наголемо се ширеа на социјалните мрежи од страна на антиваксерите, а за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.

Вакцините против ковид-19  беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Овие тестирања опфаќаат лица од различни возрасни групи, од двата пола, од различни етнички групи, како и лица со здравствени проблеми.

Листата на дозволени вакцини во ЕУ може да се види на овој линк, под ставката „кои вакцини сега се авторизирани”.

На страницата се наведува дека безбедноста е основен критериум за која било вакцина да се најде на пазарот во ЕУ. Пред да биде достапна за администрирање, било која вакцина против ковид-19 треба да ги исполни ригорозните барања на Европската aгенција за лекови со цел да добие одобрение за користење. Овие барања на ЕМА не се разликуваат воопшто од тие за која било друга вакцина произведена и користена во ЕУ. Европската агенција за лекови постојано ги мониторира извештаите за несакани ефекти откако вакцината е пуштена во промет и регуларно објавува безбедносни извештаи.

Доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, тогаш воопшто немаше да се произведуваат вакцини, туку коронавирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи.

Вакцините не ги убиваат, туку ги спасуваат животите на луѓето. Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Наративот што се шири преку вакви објави на социјалните мрежи е опасен затоа што може да ги натера оние што ќе ја видат оваа објава, да се посомневаат во придобивките од имунизацијата. И не само да се посомневаат туку да помислат дека вакцините се штетни и да одбијат имунизација, а со тоа и да си го заштитат здравјето, но и животот.

Оваа објава ја оценуваме како невистинита, затоа што ниту вакцините против грип, ниту оние против коронавирусот, не се штетни и нема да ги „докрајчат“ оние што ќе ги примат.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција