Не е вистина дека децата годишно примаат 40 вакцини и дека тие се отрови

Фото: Alexandra_Koch Pixabay

Децата во никој случај не примаат 40 вакцини годишно на ниту една возраст. Дополнително, децата воопшто не примаат 40 вакцини во текот на детството, односно од новороденчиња до навршување на 18 години. Сè на сè децата, почнувајќи од првите 24 часа по раѓањето кога ја примаат првата вакцина, па сè до 18 годишна возраст се вакцинираат 13 пати. Од овие 13 пати, речиси половина, односно 6 пати, станува збор за ревакцинирање, а не за нова вакцина

Децата во никој случај не примаат 40 вакцини годишно на ниту една возраст. Дополнително, децата воопшто не примаат 40 вакцини во текот на детството, односно од новороденчиња до навршување на 18 години. Сè на сè децата, почнувајќи од првите 24 часа по раѓањето кога ја примаат првата вакцина, па сè до 18 годишна возраст се вакцинираат 13 пати. Од овие 13 пати, речиси половина, односно 6 пати, станува збор за ревакцинирање, а не за нова вакцина

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека децата примаат 40 вакцини годишно и притоа неосновано вели дека тие претставуваат отрови за децата. Ова е невистина.

Pazete na decata godisno zgolemija na 40 vakcini otrovi za decata, пишува во постот.

На објава на социјалната мрежа Фејсбук се споделуваат невистини во врска со редовната имунизација на децата. Сосема произволно се тврди дека бројот на вакцини што ги примаат децата се зголемил на 40. Ова не е точно. Исто така, се тврди дека вакцините се отрови за децата. И ова е невистина.

Во календарот на редовната имунизација на децата од Министерство за здравство точно е наведено која вакцина ја примаат децата и на која возраст се администрира. Според календарот, којшто е официјален документ, децата во никој случај не примаат 40 вакцини годишно на ниту една возраст. Дополнително, децата воопшто не примаат 40 вакцини во текот на детството, односно од новороденчиња до навршување на 18 години. Сè на сè децата, почнувајќи од првите 24 часа по раѓањето кога ја примаат првата вакцина, па сè до 18 годишна возраст се вакцинираат 13 пати. Од овие 13 пати, речиси половина, односно 6 пати, станува збор за ревакцинирање, а не за нова вакцина.

Во Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2023 година точно е наведено против кои многу заразни и смртоносни болести вакцинацијата е задолжителна.

Задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Последен пат нови вакцини во редовниот календар за имунизација биле воведени во 2019 година, односно пред четири години, за пневмокок и рота вирус.

Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, тогаш изјави дека новите вакцини влегуваат во редовниот Календар за имунизација на населението и дека се воведуваат согласно препораките на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Таа вели дека вакцините се високо безбедни и квалитетни.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или се ставени под контрола. Вакцините се од клучно значење за спречување и контрола на епидемии на заразни болести.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините го намалуваат ризикот од заболување работејќи со природната одбрана на вашето тело за да се изгради заштита. Кога ќе добиете вакцина, вашиот имунолошки систем реагира на следниот начин:

  • Ги препознава бактериите кои напаѓаат, како што се вирусите или бактериите.
  • Произведува антитела. Антителата се протеини природно произведени од имунолошкиот систем за борба против болести.
  • Се сеќава на болеста и како да се бориме со неа. Ако потоа бидете изложени на микроби во иднина, вашиот имунолошки систем може брзо да го уништи пред да се разболите.

УНИЦЕФ во 2018 година објавува дека имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешницата, затоа што кога најголем број деца од една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија. Меѓутоа, доколку некои од децата не ги добијат потребните вакцини, зголемен е ризикот од заболувања за сите. Благодарение на вакцините, некои болести, како што се големите сипаници, целосно се искоренети. Некои се на прагот да бидат искоренети, како на пример полио, а многу други се ставени под контрола и се наоѓаат на патот до целосно искоренување, како што се дифтерија, пертусис (голема кашлица), мали сипаници, тетанус, итн.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција