Во Бугарија веќе 17 години има македонски културно-информативен центар
Во Софија веќе постои културно-информативен центар на Република Северна Македонија, кој официјално е отворен на 27 април 2005 година. Истовремено, отворен е и културно-информативен центар на Бугарија во С. Македонија
Во Софија веќе постои културно-информативен центар на Република Северна Македонија, кој официјално е отворен на 27 април 2005 година. Истовремено, отворен е и културно-информативен центар на Бугарија во земјава
Објавена е вест на веб-портал од информативен карактер, која содржи неточен и сензационалистички наслов, кој во време на затегнати односи на С.Македонија и Бугарија може да создаде погрешна слика кај читателите за фактичката ситуација.
Во Софија не може, но во Белград ќе се отвори македонски културно-информативен центар, стои во написот.
Веста на којашто се однесува овој наслов е поврзана со посетата на министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, кога министерствата на двете земји се договориле за основање културно-информативни центри во Скопје и во Белград.
Сепак, во насловот на веста се тврди дека во Софија не може да се отвори културно-информативен центар, што е неточно.
Во Софија веќе постои културно-информативен центар на Република Северна Македонија, кој официјално е отворен на 27 април 2005 година. Истовремено, отворен е и културно-информативен центар на Бугарија во С. Македонија.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија има и своја официјална веб-страница на која се објавуваат сите настани што се организирале во текот на годините, има фотогалерија, како и официјални податоци за контакт, е-маил адреса, телефонски број и адреса на седиштето на центарот.
Културно-информативните центри на двете држави се формирани како резултат на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија за основање Културно-информативен центар на Северна Македонија во Софија и Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје потпишана на 18 април 2003, пишува на веб-страницата.
Потпис на договорот ставиле тогашниот бугарски министер за култура, Соломон Паси, и тогашната министерка за култура на Република Македонија, Ганка Цветанова.
Директор на културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија е д-р Сашко Насев.
Овој центар е мошне активен, што може да се види и по сите организирани настани објавени на официјалната веб-страница. Впрочем, истиот пред неколку дена го посети и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, како дел од владината делегација која беше во официјална посета на Република Бугарија.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека културно-информативниот центар е пример за квалитетно поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Република Бугарија и е место за културна размена, едукација, но и место каде што се создаваат вредни пријателства, се вели во соопштението од Министерството за култура.
Освен во Софија, Македонија има културно-информативен центар и во Истанбул и во Тирана кој се отвори минатата година, а се очекува во следниот период да се отвори и во Белград.
Ваквите неточни објави можат да се сфатат како дополнителен раздор во македонско-бугарските односи, кои се кревки, откако Бугарија стави вето на македонскиот пат кон Европската Унија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар