Не е вистина дека патните исправи на Република Северна Македонија нема да важат ако го содржат новото име

Фото: meta.mk

Преспанскиот договор уредува кодот за нашата земја на регистарските таблички на возилата да биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). Затоа, патните исправи кои содржат Северна Македонија и код МКД се валидни и нема никаков проблем со нивното користење и важност

Преспанскиот договор уредува кодот за нашата земја на регистарските таблички на возилата да биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). Затоа, патните исправи кои содржат Северна Македонија и код МКД се валидни и нема никаков проблем со нивното користење и важност

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

И СЕВЕРНИТЕ ДОКУМЕНТИ НЕМА ДА ВАЖАТ. Грчката држава издаде јавно соопштение до сите членки на ЕУ и соседните земји на “Нашата земја”, дека патните исправи на Република Северна нема да важат без разлика што се со променет назив и го содржат новото име! Имено северните документи нема да важат затоа што ги носат назнаките МК и МКД, а Грците инсистирале дека мора да имаме нова кратенка за меѓународна употреба НМК. Советот на ЕУ го уважил барањето на Грција?! Значи овие Русиве многу гадни се покажаа, не растурија, од позиција на сила ја уништуваат демократијата која владее во ЕУ. И нема да застанат со ова? Кога ќе завршат со нас, ќе им го променат идентитетот на Пољаците, Финците и Литванците…Секоја среќа што барем нас малите има кој да не заштити! #WeAreNATO
Наведеното во објавата дека „патните исправи со името Република Северна Македонија нема да важат без разлика на тоа што го содржат новото име, затоа што ги носат назнаките МК и МКД“, не е вистина. Тоа е евидентно од повеќе извори, но најмногу од Конечната спогодба за решавање на разликите во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Во членот 1 точка д, од Преспанскиот договор се наведува:
Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
Министерството за внатрешни работи информираше дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името  Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија.
Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно, напишаа од Министерството за внатрешни работи во соопштение.

Македонската информативна агенција (МИА) објави дека на 13 февруари, „грчките погранични служби на  граничниот премин Богородица-Евзони не им дозволиле влез на патници од нашата држава, кои имале сообраќајни дозволи со старото име на државата“.

Тие биле вратени, а покрај сообраќајните дозволи детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници и нема поголеми задржувања за поминување на границата, објави МИА. 

Значи, доколку граѓаните на Република Северна Македонија имаат пасош со новото име на државата, во него кодот е МКД и тоа се смета за нов пасош за кој без проблем може да се влезе во која било држава. Не е вистина дека патните исправи на Република Северна Македонија нема да важат ако се со променет назив и го содржат новото име. Тие се важечки и ги содржат ознаките МК и МКД согласно Преспанскиот договор во кој е наведено дека кодот на земјата останува МК или МКД освен за регистарските таблички. Не постои ниту едно известување од грчка страна или од страна на Советот на ЕУ во кој се вели дека „уважиле барање на Грција да има нова кратенка за меѓународна употреба НМК“. МНР извести дека од грчка страна добиле уверување дека кодот МКД на новите сообраќајни дозволи не е проблем. 

Објавата, исто така, на крајот на индиректен начин ја обвинува ЕУ за менување на идентитетот, со ироничен наратив кој е проруски. Ова е направено неосновано, базирано на комплетно невистинита информација.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција