Не е вистина дека полицијата го криела убиството на Вања поради Самитот на ОБСЕ

Од самитот на ОБСЕ во Скопје Фото: portalb.mk

Тврдењата дека полицијата знаела дека Вања е убиена, но криела поради Самитот на ОБСЕ, се дезинформација и чиста шпекулација. Додека се одржуваше Самитот во Скопје, полицијата формираше специјален штаб кој работеше деноноќно на пронаоѓањето на девојчето. Веднаш по приведувањето на петтемина осомничени и нивното испрашување и по добиените сознанија за убиството на тинејџерката, веста беше споделена со јавноста. Оттука, не може да се тврди дека убиството се криело, од која било која причина

Тврдењата дека полицијата знаела дека Вања е убиена, но криела поради Самитот на ОБСЕ, се дезинформација и чиста шпекулација. Додека се одржуваше Самитот во Скопје, полицијата формираше специјален штаб кој работеше деноноќно на пронаоѓањето на девојчето. Веднаш по приведувањето на петтемина осомничени и нивното испрашување и по добиените сознанија за убиството на тинејџерката, веста беше споделена со јавноста. Оттука, не може да се тврди дека убиството се криело, од која било која причина

 

 

Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, освен што предизвика голема вознемиреност во јавноста, поттикна и голем број шпекулации и дезинформации. Една од нив е поврзана со откривањето на веста за нејзината смрт, односно, во јавноста се појави информација дека полицијата знаела за тоа многу порано, но криела поради Самитот на ОБСЕ кој се одржуваше во Скопје.

Имено, оваа (дез)информација, која експресно беше демантирана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прв на социјалната мрежа Твитер ја пласираше поранешниот телевизиски водител Миленко Неделковски.

МВР, Оливер Спасовски, Ќурка, Маричиќ, БуГар Османи – сите знаеле дека девојчеето е убиено. Криеле додека мине ОБСЕ к**отресината. Организација за БЕЗБЕДНОСТ, а?, напиша Неделковски на Твитер.

Ова ги поттикна шпекулациите на социјалната мрежа Фејсбук. Па, така во две идентични објави (тука и тука) се вели:

Ако е точно дека знаеле за Вања, а се криело со денови поради самитот на ОБСЕ, не знам веќе што бараме во оваа држава, не знам веќе ни зошто постоиме како народ!!! Деца имате дома бе, дали остана еден нормален помеѓу вас!?!?!?!?
ГРОЗНО!!

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција со обвинителот Гаврил Бубевски на 04 декември, ги негираше ваквите информации.

Ова нема врска со јавната безбедност, генерално. Ова лице (се мисли на Вања Ѓорчевска) според утврдените факти е грабнато внатре во влезот во зградата, по претходно добиена информација кога излегува и дека излегува само. Тоа е сосема различно од тоа што се имплицира или што деновиве и синоќа слушнавме дека заради Самитот на ОБСЕ воопшто не се постапувало по барањето за девојчето и дека заради таа активност околу организацијата на Самитот ние не сме објавиле јавно. Тоа е апсолутна лага, апсолутна бесмислица, поради тоа што никој, ни јас како човек, ниту кој било во полицијата, ниту Јавното обвинителство не може и нема да дозволи заради ваков случај да се прекине нешто поради одржување на одреден настан, рече Спасовски.

Како што објасни министерот, одговорен за организацијата на Самитот на ОБСЕ и за безбедноста бил Одделот за заштита на определени личности и објекти, а одговорен за истрагата во врска со убиството на девојчето е СВР Скопје односно Одделот за крим полиција.

Тоа се двата Оддели кои работат – на едниот настан, за одржување на безбедноста и, паралелно, интензивно над 100 полициски службеници работеа интензивно од првиот момент на пријавувањето, па сѐ до сега и продолжуваат понатаму, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.

Видеото од неговата изјава може да се погледне тука.

Самитот на ОБСЕ почна со неформална вечера на 29 ноември, а заврши на 1 декември. Истиот ден кога почна Самитот, на 29 ноември, од МВР за Телма изјавија дека продолжува интензивната потрага по Вања и дека е формиран специјален штаб кој работи деноноќно на пронаоѓање на девојчето. Министерот Спасовски на 2 декември информираше дека доцна вечерта (1 декември дента кога заврши Самитот) биле приведени пет лица поврзани со случајот на исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Тоа значи дека полицијата работела на случајот со Вања која исчезна утрото на 27 ноември на пат кон училиште, а не дека криела нешто поради Самитот на ОБСЕ, како што сугерираат Фејсбук објавите кои ги анализираме.

Веќе наредниот ден, на 03 декември, еден ден по приведувањето на осомничените за киднапирањето и нивното испрашување, Обвинителството, по добиените сознанија, соопшти дека било најдено телото на 14-годишната Вања, што уште еднаш е потврда дека не се криело ништо поради Самитот на ОБСЕ.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека тврдењата оти полицијата знаела дека Вања е убиена, но криела поради Самитот на ОБСЕ, се дезинформација и чиста шпекулација. Додека се одржуваше Самитот во Скопје, полицијата формираше специјален штаб кој работеше деноноќно на пронаоѓањето на девојчето. Веднаш по приведувањето на петтемина осомничени и нивното испрашување и по добиените сознанија за убиството на тинејџерката, веста беше споделена со јавноста. Оттука, не може да се тврди дека убиството се криело, од која било причина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција