Не постои никаква агенда за уништување на Русија
Не постои никаков глобален план за уништување на Русија и на Путин, бидејќи наводно биле последниот бранител на традиционалните вредности кои почиваат на темелите на православното христијанство. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, тоа е познат руски дезинфо наратив кој многупати можеше да се слушне во говорите на рускиот претседател. Факт е дека Русија ја нападна Украина со цел да приграби што е можно повеќе украински територии, а Украина со помош на западните земји се обидува да се одбрани
Не постои никаков глобален план за уништување на Русија и на Путин, бидејќи наводно биле последниот бранител на традиционалните вредности кои почиваат на темелите на православното христијанство. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, тоа е познат руски дезинфо наратив кој многупати можеше да се слушне во говорите на рускиот претседател. Факт е дека Русија ја нападна Украина со цел да приграби што е можно повеќе украински територии, а Украина со помош на западните земји се обидува да се одбрани
Објава на Фејсбук се обидува да ја оправда руската инвазија врз Украина, користејќи го добро познатиот руски дисинфо наратив дека има некаков глобалистички план за уништување на Русија, бидејќи таа е последниот бастион за одбрана на традиционалните вредности кои почиваат на православното христијанство.
Агендата е уништување на Русија. Зошто?
Глобалистите сакаат да го заменат Путин бидејќи тој претседава со последната голема сила во Европа која има национален идентитет, национален јазик, национална култура која почива на темелите на православното христијанство, пишува во објавата.
Прво, не постои никаков глобален план за уништување на Русија. Украина, како суверена држава, признаена и членка на Обединетите нации е жртва на агресија од својот сосед Русија, која анектира нејзина територија. Украина војува за да се ослободи, односно ја брани својата независност, а Русија војува за да приграби што повеќе украински територии. Ако Русија престане да војува и ги повлече своите војници, војната едноставно ќе запре.
Никој не ја нападнал Русија за да може да се зборува за некаква агенда за нејзино уништување. На дневна основа граѓаните на Русија се бомбардирани со пропаганда дека НАТО и САД, како и Западот, ѝ се закануваат на Русија и дека сакаат да ја уништат.
Кога американскиот претседател Џо Бајден на 11 март 2022 година ги објави санкциите за Русија поради нејзината инвазија врз Украина, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е агресорот.
Путин е агресор. И Путин мора да плати цена. Не може да почнува војна како што прави, која е закана за најголемите темели на меѓународниот мир и стабилност и потоа да бара финансиска помош од меѓународната заедница, рече Бајден.
НАТО јавно ја осудува со најсилна реторика руската брутална и неиспровоцирана воена агресија против Украина која е независна, мирољубива и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и земјите членки продолжуваат да ја поддржуваат Украина да го одржи своето основно право на самоодбрана.
Дејствијата на НАТО се дефанзивни, дизајнирани не за да испровоцираат конфликт, туку да го превенираат. Алијансата има одговорност да обезбеди дека оваа војна нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, што би било уште поопасно и уште поразорно, пишува на сајтот на НАТО.
Од НАТО го осудија и таканаречениот референдум за присвојување на украински региони кон Русија.
Територијални присвојувања како резултат од закана или употреба на сила, нема да се признаат за легални. Сојузниците никогаш нема да го признаат нелегитимното присвојување на Крим. Лажните референдуми во Доњецк, Луганск, Запорожје и Харсон не се легитимни и се брутално кршење на Повелбата на ОН. НАТО сојузниците нема да ги признаат. Оваа територија е на Украина. Ги повикуваме сите држави да ги одбијат обидите на Русија за освојување територии, велат од НАТО.
Западот пружа поддршка за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на интернационално признаените украински граници и се залага за правото на Украина на самоодбрана. НАТО е одбранбена алијанса и се залага за мир, безбедност и стабилност во целата Евроатлантска област. НАТО, а со тоа и западните земји, немаат за цел да војуваат со Русија, а уште помалку имаат некаква агенда за нејзино уништување.
Теоријата која се наметнува во објавата дека глобалистите сакаат да ја уништат Русија бидејќи таа е последниот бранител на традиционалните вредности, е познат руски дезинфо наратив кој многупати можеше да се слушне во говорите на рускиот претседател.
Така, на пример, на 09 мај, директно од Црвениот плоштад во Москва Путин изјави:
Западот е тој што провоцира конфликти и пучеви, ги уништува традиционалните вредности со цел да продолжи да ги диктира сопствените правила, а во суштина тоа е систем на кражби и насилства. Целите на противниците на Русија е дезинтеграција и уништување на нашата земја.
Истиот наратив Путин го користеше и во говорот кој го одржа на само два дена пред годишнината од руската агресија врз Украина.
Вистиномер веќе пишуваше за главните дисинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност. Меѓудругото, во говорот беше застапена и добро познатата теорија на Кремљ дека војната во Украина е војна „за одбрана на традиционалните и семејни вредности“ кои „Западот сака да ги уништи“, односно, војна на цивилизациите, како што многумина поддржувачи на Путин сакаат да ја наречат.
Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското.
Наративите за дезинформации засновани на вредности обично се фокусираат на загрозени концепти како „традиција“, „пристојност“ и „здрав разум“ – термини кои имаат позитивна конотација, но ретко се јасно дефинирани.
За разлика од западната концепција за вредности, која ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување, рускиот вредносен систем повлекува збир на колективни норми со кои се очекува секој поединец да се усогласи.
Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во својата анализа за руската војна во Украина.
Честопати, про-Кремљ експертите за дезинформации, особено Владимир Соловјов го користат овој дезинформациски наратив во врска со неоснованите обвинувања против Украина за наводен обид за уништување на Православната црква. Оваа манипулативна тактика се засили во 2019 година кога на Православната црква на Украина ѝ беше доделен статус на независна црква и повторно во ноември 2022 година кога украинската влада објави дека ќе подготви закон за забрана на црквите поврзани со Русија, пишува Euvsdisinfo.
Демонизирањето на Украина и нејзините западни поддржувачи како безбожници оди рака под рака со про-Кремљ дезинформациите дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“.
Заедно, тие ја прикажуваат Русија како заштитник на овие вредности. Овој дезинформативен наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омраза, заклучува Euvsdisinfo.
И Стејт департментот, во својата анализа за „Топ пет најупорни дезинформациски наративи во Русија“, пишува дека Русија го турка лажното тврдење дека „западната цивилизација е во колапс и дека се оддалечила од ‘традиционалните вредности’, затоа што работи на обезбедување безбедност и еднаквост на ЛГБТКИ+ луѓето и промовира концепти како женска еднаквост и мултикултурализам“.
Пропаста на западната цивилизација е една од најстарите дезинформации во Русија, со тврдењата дека „западот е во распаѓање“ документирани уште од 19 век. Овој дезинформациски наратив заснован на „вредности“ евоцира лошо дефинирани концепти вклучувајќи „традиција“, „семејни вредности“ и „духовност“. Русија тврди дека е бастион на таканаречените „традиционални вредности“ и родови улоги и служи како морална противтежа на „декаденцијата“ на САД и западните земји. На пример, претседателот Путин тврди дека Западот практично ги откажал концептите „мајка“ и „татко“ и наместо тоа ги заменил со „родител 1 и 2“, додека министерот за надворешни работи Лавров напиша дека западните ученици „учат на училиште дека Исус Христос бил бисексуалец“, пишува Стејт департментот.
Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности.
Повеќе за тоа како Путин ги користи „традиционалните и семејни вредности“ како оправдување за војната во Украина, прочитајте тука.
Од сето ова, можеме да заклучиме дека не постои никаков глобален план за уништување на Русија и на Путин, бидејќи наводно биле последниот бранител на традиционалните вредности кои почиваат на темелите на православното христијанство. Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“, тоа е познат руски дезинфо наратив кој многупати можеше да се слушне во говорите на рускиот претседател. Факт е дека Русија ја нападна Украина со цел да приграби што е можно повеќе украински територии, а Украина со помош на западните земји се обидува да се одбрани. Според тоа, објавата која ја анзлизираме ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар