Неисполнето: Не е воспоставена посебна институција за контрола на полицијата

7 Мај - Денот на полицијата Фото: МВР

Ќе се изготви закон со кој ќе се уреди основање на нова, независна институција која ќе функционира во системот на надворешна контрола на почитувањето на човековите слободи и права, професионалните стандарди и примената на посебните должности и овластувања од страна на вработените во МВР.  Буџет: нема наведено. Нaдлежни институции: Министерство за внатрешни работи. [Рок: 2015 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: 

Воспоставувањето на оваа институција  има долга историја на неуспешни обиди за имплементација. Досега ова ветување од програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018 ) не е исполнето.

Станува збор за воведување на еден исклучително важен институционален механизам кој треба да овозможи надворешна контрола во работењето на Министерство за внатрешни работи (МВР), а со цел спречување на случаи на полициска тортура, злоупотреба на службената положба  од страна на припадници на МВР како и пречекорување на овластувања. Овие функции засега се во надлежност на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во рамки на МВР кој решава по илјадници жалби за работата на полицијата. Сепак, според Извештајот на ЕУ за напредок на РМ  од 2015 година:

Неопходно е да се воспостави независна, надворешна и транспарентна контрола врз работата на полицијата, а механизмот на жалби мора да биде имплементиран со конзистентен пристап (Извештај на ЕУ за напредок ан РМ, 2015 година)

Статистиките велат дека во 2012 година, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди презел мерки за испитување на 1644 случаи на пречекорување на овластувања и злоупотреба на службена положба, при што има пораст од 31,5% во споредба со 2011 година.

Отсутвото на контрола врз работата на полицијата станува актуелно уште во 2006 година кога беше убиел младиот Трајан Бекиров кој при бркотница од тогашните “Aлфи” беше најден удавен во реката Вардар. Ова прашање се актуелизира повторно во 2011 година со убиството на Мартин Нешковски кога беше претепан од припадник на единицата “Tигар”. Тогашното движење “Стоп за полициската бруталност” кое ги водеше масовните протести против полициската бруталност во земјата беше токму со идеја за воспоставување механизам на надворешна контрола на МВР.

Јавниот правобранител Иџет Мемети, во интервју за Дневник во 2013 година вели:

Контролата на секој орган кој има право да употребува средства за присилба е од клучна важност за секое демократско општество. Потребно е тој орган на контрола да ги има сите потребни атрибути-стручност, финансиска независност и други предуслови за да биде ефикасен. Во Македонија како се поставени работите, се добива впечаток дека тое е така на хартија, но во пракса не е. (Дневник, 18.02.2013)

Во 2012-та година опозициските СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ и СЛ предложуваат Закон за контрола на внатрешната контрола на МВР во чие образложение се наведува:

Многу малку полициски службеници одговарале за пречекорување на своите овластувања при примената на сила, а од друга страна и помал број граѓани не пријавување дека биле жртви на полициско насилство, оти не веруваат во полицискиот систем на внатрешна контрола и во судството.  

Истиот не е усвоен со образложение дека дотогашната регулатива во МВР е соодветна, но и дека истиот не бил даден на мислење до МВР и народниот правобранител.

Во 2014 година, МВР најавува воведување на надворешна институција или комисија која ќе ја контролира работата на полицијата со образложение дека се создадени сите предуслови за понатамошно осамостојување на контролата врз работата на полицијата.

Сепак официјалното започнување на еден ваков проект се бележи дури после приближно две години (28.01.2016) со промоција на проектот: „Поддршка за воспоставување на независен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата”,  кој ќе се спроведе во соработка со Советот на Европа и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, a ќе се имплементира во период од 5 месеци.

Министерот Спасовски потенцираше дека крајната цел на проектот е да се идентификува најсоодветниот модел на еден независен механизам за контрола на работата на полицијата и, потоа, истиот да  биде презентиран пред пошироката, особено стручна, јавност. (Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски на промоција на проектот“Поддршка за воспоставување на независен надворешен механизам за контрола на работата на полицијата”)

Со оваа изјава се добива впечаток дека резултат на проектот е идентифукување на соодветен модел, но не и ставање во функција на истиот. Имајки го предвид овој факт, но и неуспешната репетитивност на обидите за воспоставување на посебна институција за контрола на работата на полициските службеници образложена во оваа анализа, може да се заклучи дека ова ветување не е исполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција