Нема докази дека графен оксид се појавил во Франција после дожд, ниту пак, го има во ковид вакцините

Фото: Принтскрин видео

Вакцините против ковид-19 не содржат графен оксид како што сака да прикаже објавата. Листите со состојките на вакцините се јавно достапни и од нив може да се види дека нема графен оксид. Што се однесува до видеото споделено во објавата, за кое се тврди дека прикажува графен оксид кој се појавил по дожд во Франција, истото е старо две години и не е релевантно. Тоа се појавува само на две страници, лични блогови и за изнесеното во него нема никакви докази. Во последните две години нема објавено ниту една вест во некој медиум дека дождот во Франција донел графен оксид

 

Вакцините против ковид-19 не содржат графен оксид како што сака да прикаже објавата. Листите со состојките на вакцините се јавно достапни и од нив може да се види дека нема графен оксид. Што се однесува до видеото споделено во објавата, за кое се тврди дека прикажува графен оксид кој се појавил по дожд во Франција, истото е старо две години и не е релевантно. Тоа се појавува само на две страници, лични блогови и за изнесеното во него нема никакви докази. Во последните две години нема објавено ниту една вест во некој медиум дека дождот во Франција донел графен оксид

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека во Франција врнел графен оксид нагласувајќи дека оваа супстанца ја имало и во ковид вакцините.

 

Франција
Пронајден е графен оксид во водата после обилните врнежи.
Графен оксид има во ковид вакцините.
Реагира на електромагнетно поле, стои во објавата.

Објавата споделува и видео на кое се слуша човек како зборува на француски и се гледа црна голема дамка за која се тврди дека е графен оксид и дека го донел дождот.

Вистиномер го побара видеото и откри дека тоа датира од септември 2021 година. Видеото е објавено на две страници, блогови, Паранормал.лт (Ла квинта колумна) и Орвел сити.

Паранормал.лт за себе пишува дека е некомерцијална публикација, личен блог/блог, непрофитна, хоби, рекреативна активност или едноставно начин на живот и дека е поглед на светот од поинаков агол или едноставно светски вести на поинаков начин.

Креаторот на Орвел сити, пак, вели дека пишува критики и титлува видеа — на англиски и шпански — „директно поврзани со орвелското време што го живееме денес“.

Тој напоменува дека Орвел Сити не е поврзан со Ла квинта колумна.

Во написот придружен на видеото, кој е идентичен на двете страници, се наведува дека „се чини дека е снимено во Франција“ (се мисли на видеото) поради јазикот што го зборува лицето кое го снимило. Станува збор за супстанца која паѓа од небо и мистериозно се собира заедно. Слично на графен оксид.

По дождот. После невреме. Моравме да се вратиме затоа што не можевме повеќе да работиме. И сега го гледаме ова нешто што падна од небо. Тоа не се ларви од комарци. Тие само се собираат заедно. Тие се собираат насекаде. Отпрвин мислев дека се ларви од комарци, но малку личат на метални честички, се цитира човекот во видеото кој зборува француски.

За изнесеното во видеото нема никакви конкретни докази. Единстевн доказ дека после дожд во Франција се појавил графен оксид, е тоа што човекот во видеото зборувал француски и тоа што нему црната дамка личела на метални честичи.

Ако во Франција навистина врнел графен оксид тоа сигурно ќе се појавеше во некој релевантен медиум, но ние не успеавме да најдеме никаква вест поврзана со видеото. Оттука и може да се каже дека истото е сомнително и треба да се земе со доза на резерва.

Што  се однесува до тврдењето во објавата дека графен оксид има во ковид вакцините, Вистиномер досега многупати ги има дебанкирано ваквите тврдења.

Состојките во вакцини за ковид-19 се транспарентни и јавно достапни. Според листата објавена на страницата на американската Агенција за храна и лекови, состојките на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 се: мРНК, липиди, калиум хлорид, монобазен калиум фосфат, натриум хлорид, двобазен натриум фосфат дихидрат и сахароза. Графен оксидот не се наведува како состојка.

Ниту една од другите вакцини против ковид-19, кои се достапни ширум светот, произведени од МодернаЏенсенАстра Зенека, исто така, не содржи графен оксид.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Ова е листата на состојките на Фајзер вакцината против ковид-19 и никаде во неа не стои состојка графен оксид.

Графен оксидот не се користи во производството на вакцината Pfizer-BioNTech COVID-19, изјави за Ројтерс виш соработник на Pfizer.

Графен оксидот е материјал кој настанува со оксидација на графит. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот се опишува како најсилниот, најмалиот и најспроводливиот материјал на земјата. Тој има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата.

Вакцините поминуваат ригорозни научни проверки за безбедност и исполнети стандарди, пред да бидат одобрени. Ниедна вакцина против коронавирус не содржи графен оксид во состојките.

Портпаролката на „Фајзер“, Џерика Питс за „Политифакт“ изјави дека компанијата не користела графен оксид во нивната вакцина.

За експертот за вакциниПол Офит, од детската болница во Филаделфија, ова тврдење (дека вакцините содржат графен оксид) е чиста глупост.

И проверувачите на факти на Асошиејтед прес пишуваат дека во вакцините против ковид-19 нема графен оксид. До истите факти дојдоа и проверувачите на Фулфакт.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), сепак материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина против ковид 19.

Од сето ова можеме да заклучиме дека вакцините против ковид-19 не содржат графен оксид, како што сака да прикаже објавата. Листите со состојките на вакцините се јавно достапни и од нив може да се види дека нема графен оксид. Што се однесува до видеото споделено во објавата, за кое се тврди дека прикажува графен оксид кој се појавил по дожд во Франција, истото е старо две години и не е релевантно. Тоа се појавува само на две страници, лични блогови и за изнесеното во него нема никакви докази. Во последните две години нема објавено ниту една вест во некој медиум дека дождот во Франција донел графен оксид. Поради сето ова објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција