Нема докази дека Палевски е наместен од политички непријатели

Фото: Принтскрин видео „Јутјуб“

Објавата манипулира со бројни невистини. Не е точно дека на 27 април во Собранието имало операција на стратешките партнери на земјава, туку имаше инцидент за кој повеќе лица точно идентификувани завршија во затвор. Во конкретниот кривично правен настан каде Палевски е обвинет за две убиства и грабнување, кривичната постапка уште трае, се собираат докази. НЕ е точно дека тој е наместен од политички непријатели со оглед на тоа што лицата кои се исто така осомничени како и Палевски, се од неговата политичка Партија Десна и се негови политички истомисленици.

 

Објавата манипулира со бројни невистини. Не е точно дека на 27 април во Собранието имало операција на стратешките партнери на земјава, туку имаше инцидент за кој повеќе лица, точно идентификувани завршија во затвор. Во конкретниот кривично-правен настан каде Палевски е обвинет за две убиства и грабнување, кривичната постапка уште трае, се собираат докази. Не е точно дека тој е наместен од политички непријатели, со оглед на тоа што лицата, кои се, исто така, осомничени како и Палевски, се од неговата политичка партија Десна и се негови политички истомисленици

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ова изгледа како многу добро спакувана операција на стратешките партнери во стилот на државниот удар од 27 април, само што идиотите на Обиџуко ја забрљаа со својот дилетантизам и противречности. Откако целта (Палчо) е идентификувана, се бараат погодни луѓе од неговиот круг на познаници кои би можеле да послужат како жртвени јагниња, по можност негови политички непријатели или лица со кои има нерасчистени односи. Подметнувањето има за цел трајно да се отстрани опасноста Палчо да продолжи да го буди и мобилизира народот преку својата присутност на социјалните мрежи, а дополнително ќе се удри врз секој што го дели мислењето на Палчо за сегашната општествено политичка ситуација во жална окупирана Македонија! Кутрото девојче во случајов е колатерална штета во операцијата за расчистување со дисидентските Македонски (антисеверџгански) елементи во општеството, бидејќи како што сите можеме да видиме, во меѓувреме веќе се отвора вториот фронт насочен кон сите патриоти кои отворено и без страв го веат забранетото Македонско национално знаме со сонцето од Кутлеш бидејќи и ,,тие се исти ко монструмот”.

На 27 април 2017 година, познат како ,,крвавиот четврток”, во Собранието се случи насилен инцидент кој не беше организиран од ниедни стратешки партнери на земјава, како што тоа лажно се тврди во објавата што ја рецензираме. На тој ден, 300 лица од здружението ,,За заедничка Македонија” упаднаа во Собранието со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. И покрај упадот Џафери беше избран за претседател на Собранието а неговиот избор беше признаен од САД, ЕУ и од меѓународната заедница, со исклучок на Русија. Два дена по настанот полицијата приведе неколку од учесниците. Меѓу нив имаше вработени во полицијата и во армијата, како и поранешни затвореници осудени за тешки кривични дела. Осудени се повеќе лица за овој настан и се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив 15 беа амнестирани со Законот за амнестија.

Што се однесува на делот од објавата во кој се тврди дека ,,дилетантите на Обиџуко” покажале противречности, ова освен што е навредливо за полицијата и Министерството за внатрешни работи, претставува и непознавање на кривичната постапка. Имено, во текот на кривичната постапка, се собираат докази, се вршат разни вештачења, се даваат наредби за обдукција, се сослушуваат сведоци и инволвирани, како што беше случај и во конкретниот кривично-правен настан, сето тоа по наредба на Обвинителството. Врз основа на тоа се квалификува кривичното дело, но во конкретниот случај, за кој се пишува во објавата, трае истрага и сите факти се испитуваат заедно со сите сведоци. Не значи дека работите коишто беа презентирани од страна на МВР и ОЈО нема да се променат во текот на истрагата, зависно од добиените докази и сознанија.

ОЈО Скопје е во постојана комуникација и размена на податоци со Институтот за судска медицина. Обдукцискиот наод сè уште не е изготвен и доставен до обвинителството. Дејствијата на сите инволвирани се предмет на истрага во моментов, за што секојдневно се прибираат вербални и материјални докази кои меѓусебно се споредуваат. ЈО апелира во текот на истрагата да не се шират непроверени информации кои може да наштетат на постапката, но и дополнително да ја вознемират јавноста, апелираа од Обвинителството на 10 декември.

Што се однесува на делот од објавата дека ,,се бараат политички непријатели на Палчо или непријатели”, ова не е вистина. Од досега собраните докази во истрагата, евидентно е дека тие воделе до осомничените за кои беше соопштено и дека признале соучесништво во вршење кривични дела (исказите во текот на постапката може да ги сменат, но засега ги имаат дадено и во МВР и во Јавното Обвинителство во присуство на адвокат). Наспроти невистината изнесена во објавата што ја рецензираме, сите осомничени се политички пријатели на првоосомничениот Љупчо Палевски, односно членови на неговата партија Десна. Оттука, не е вистина дека се бараат политички непријатели на Палевски. Од исказите на членовите на политичката партија Десна кои се осомничени за кривичните дела, произлегува Палевски како првоосомничен.

Имаме целосно признание од тројцата осомничени и кој за што бил задолжен, објасни јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференцијата.

Инаку, она за коешто повеќе власти предводени од различни политички партии беа обвинувани, е дека го штителе  Палевски за бројни кривично правни настани, за кои требало да биде казнат. Нема докази дека некој сакал да го отстрани Палевски за негово присуство на социјалните мрежи. Тој и сега не е отстранет политички, туку неговата партија е активна, заедно со дел од членството кои го бранат преку објави. Меѓутоа, факт е дека Палевски не е во државата и се бара да биде екстрадиран од Турција, односно дека непосредно пред да биде обвинет ја напуштил земјата. Палевски не беше политички спречуван да организира политички настани, да се изразува слободно во своите подкасти, но и во други медиуми и секогаш тоа да го прави со наративи против ЕУ и НАТО. Никој не им го ограничуваше тоа право да бидат партија со таква идеологија, меѓутоа во конкретниот настан каде Палевски е осомничен за две убиства, постојат повеќе елементи кои се испитуваат, а кои се поврзани со самата партија, затоа што лицата кои се осомничени, сите заеднички делувале во оваа партија.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека оваа партија треба да се дерегистрира затоа што во неа имало, како што рече, криминално гнездо, а премиерот Димитар Ковачевски ја поврза со странска агентурна мрежа како нејзин финансиер. 

Во конкретниот случај, всушност, истрагата уште трае, не е финиширана и во неа ќе бидат земени предвид бројни дополнителни елементи. Но, не е точно она кое се тврди во објавата дека Палевски е наместен, со оглед на тоа што тој не е ниту осуден, ниту во државата, ниту пак, лицата коишто пред полицијата и обвинителството кажуваат дека тој пукал од пиштолот се негови политички непријатели, туку напротив станува збор за негови сопартијци. Пред да биде осомничен за кривично правниот настан, тој имаше слобода да ги изразува своите политички ставови со години и без никакви притисоци.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Нема докази дека Палевски е наместен, дека за таа цел се бараат негови политички непријатели, ниту пак, дека настаните од 27 април се организирани од стратешки партнер на земјава.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција