Ненасилно подјармени – евидентно корумпирани

1402363280_5b6de07f20_b
Кутија за поплаки во случај на корупција. Фото: Watchsmart, Индија, 2007

Во отсуство на доминантно независни медиуми, независни финансиски од владата, или пак, независни од некои дефинирани и недефинирани политички или бизнис интереси на нивните сопственици, јавноста ќе биде инертна за разните форматирани случаи

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Проследувачите на дневните политички збиднувања секако се сеќаваат на Душко Илиевски млекарот. На оној обичен народен интелигентен и мудар селанец, земјоделец и фармер, говедар, кому власта му се нафрли со сите средства. Кого со сите средства на државата го притисна и него и неговото семејство. Оној кому високи полициски функционери му ожнеаја обвинителен материјал. Кому му корнеа плевел од неговата нива со компир омеѓена со див коноп, со стебла безвреден див канабис. Кого го затвораа само затоа што и преку медиумите си ги бараше своите пари за своето млеко. На оној чиј грев беше што како локален партиски симпатизер на опозицијата ја нарушуваше идилата на земјоделската сага што власта ја креираше како своја гласачка база. По многу малтретирања, не поради срам или поради милоста на власта, туку поради бруката пред странските дипломати, од „судот на партијата“ тој, сепак, беше прогласен за невин.

Душко млекарот деновиве пак се огласи. Продолжува да си ја бара правдата. Сега од истата таа власт човекот си ја чека отштетата. За маките што ги претрга, за времето што неповратно го изгуби. Веројатно знае што пак го чека, низ кои уште сѐ неправдини ќе треба да минува за да си ја наплати праведливата тврдоглавост.

 

„СУДОТ НА ПАРТИЈАТА“

 

Посвежи се сликите за Мирослав Шиповиќ. Актуелниот претседавач на Советот на опозициската Општина Центар. Си го одлежа своето, засега. Натаму Господ да му е напомош. За себе вели бил успешен директор, корисен за заедницата. Ова негово тврдење уште никој, па ниту истрагата што го тормозеше од Америка преку Виена до Шутка, не го порекна. Како ни неговото тврдење дека е успешен и чесен граѓанин, бизнисмен, спасувач на фирми и плаќач на данок. Ама, кон инсталираниот поредок и тој има по грев, два. Првиот е што не е од власта, вториот што се нафатил, на чело на опозициска група, да крева два прста против неприкосновената идеја на главниот центар на моќ. Па, наместо признанија од општеството, на буџетска сметка и по налог на „судот на партијата“, државата од пат за дома го беше собрала во странски притвор. Колку да се знае дека никој не може самиот и доброволно да се покорува ако власта не каже кога и како тоа ќе му се случи.

По многу малтретирања, не поради срам или поради милоста на власта, туку поради бруката пред странските дипломати, тој од „судот на партијата“ беше пуштен да ја чека правдата како уште слободен член на заедницата.

Новинарот Томислав Кежаровски, сега засега е со семејството. По непримерно долгиот затворски, сега секој ден државата го демне случајно да не извади нос од домашниот притвор. Лишен од сите граѓански права и обврски ниту може да гласа, ниту да заработува за леб и за комуналии, ниту за школскиот прибор за своето дете, ниту пак за кујнските потреби на невработената сопруга. А зошто наместија ваква судбина на новинар, кој ниту објави лага ниту напиша манипулација, уште никој не знае, уште никој мистеријата не ја разјаснува. Ама, сите знаат дека некој му се намерил затоа што професионалниот новинарски порив го водел каде што можел и каде што морал, ама и каде што не смеел. Не знаел очигледно дека теренот каде што истражувал веќе од некого бил зафатен за некакви поинакви интереси.

Од тие причини, веројатно додека „судот на партијата“ не даде сигнал да биде поинаку, неговата жалба уште ќе дреме во некоја кафкијанска фиока. И ова што сега после Идризово е затворен дома, секако не е резултат поради срам или поради милоста на власта, туку поради бруката пред странските дипломати.

 

ИЗГУБЕН ГЛАС

 

Може примери вакви и слични, помалку или повеќе впечатливи, да се набројуваат до троцифрени бројки. Сите се судбини лични, семејни, ама сите се и совест на заедницата наспроти совеста на власта. Таа државните алатки, оние што граѓаните изборно ѝ ги довериле да ги управува како инструменти на правдата, како полицијата, на пример, судството, обвинителството, во многу примери си ги приграбила како средство за партиска рекреација. Како нагледно средство за манифестирање сила, за заплашувања на цели слоеви граѓани земјоделци, обвинители, бизнисмени, административци, судии, новинари.

Со крахот на А1 телевизијата и за Душко млекарот и во земјава воопшто, крахираше еден широк јавен демократски простор за артикулација на плуралните општествени интереси, за превенирање на девијациите во сите домени на општеството. Со затворањето на А1 од кои и да е причини, дури и со сите нејзини девијации гледано од професионален журналистички аспект, како и со сета политизација на уредувачката политика диктирана од интересни спротивни и спротивставени на нужниот објективизам како основа на новинарската професија, значи со сите тие патемни слабости во политиката на програмската концепција на таа телевизија, во Македонија практично згасна и еден силен демократски генератор. Од тој ден, откако под мотивот за затајување данок, со нагласено силна акција по налог на власта полицијата упадна во програмските простории на А1, македонскиот медиумски и воопшто нашиот нараснат јавен демократски порив, гледано од европскиот ракурс на сфаќање за слободата на медиуми, на говорот, на релаксиран плурален дебатен амбиент, доживеа неочекуван, непредвиден и невиден пресврт. Оттогаш Република Македонија фати друг курс. Ретрограден кога се во прашање состојбите за прашањата што ги третираат медиумските слободи.

Од година во година оттогаш наваму, во сите извештаи на меродавните меѓународни институции, како и во анкетите на релевантните мониторинг единици, земјава е вреднувана сѐ пониско. Така, сега сме соочени со државен систем на владеење во кој повеќе нема дилеми, нема теми, нема дебати, нема ставови, нема заклучоци, нема решенија. Па, во отсуство на доминантно независни медиуми, независни финансиски од владата, или пак, независни од некои дефинирани и недефинирани политички или бизнис интереси на нивните сопственици, јавноста ќе биде инертна за разните форматирани случаи како со трите споменати на млекарот, на претседавачот и на новинарот. И, кога медиумите се немоќни, професионално безживотни, нема друга сила што може перцепцијата на јавноста да ја концентрира, да ја насочи во граѓанска енергија пред која ќе отстапи дневната политика и која ќе предизвика клима за надминување на негативните состојби.

 

ДОКТРИНА НА АПСОЛУТНО ВЛАДЕЕЊЕ

 

Затоа, власта сега ја има комоцијата да одбира цели и актери доволно атрактивни за јавноста, преку чии примери како нагледни средства етаблира доктрина на апсолутно владеење, инсталира институционализирани дисциплински методи прикажани како во примерите каде што преку првиот ги дисциплинира обичните луѓе, во вториот ја манифестираа надмоќта врз партиските противници, во третиот ја замолкнува четвртата власт – новинарската.

Надежниот македонски европски од патува ретро чекор во место, два наназад. Случките со апсењето на Илиевски, на Шиповиќ, на Кежаровски поради митингашки пароли, поради политички калкулации, поради новинарски претпоставки, нашите институции како восочни фигури ги моделираа во партиско-државни инструменти. Партиските центри ја запоседнаа државата и го карикираа системот. Нашите институции, а меѓу нив во мнозинство и најмоќните медиуми, сега се зависници кои во својата основа веќе ги немаат ниту елементарните демократски и професионални перформанси.

Во таа насока не е тешко да се претпостави дека и по последниве наменски предвремени избори политичката елита не е подготвена во своите политики да промени нешто радикално. Барем нешто во насока на редефинирање на забелешките нотирани во европските извештаи. Ова и поради нетранспарентното буџетско плаќање на редакциите за интензивните владини кампањи што упатува на нивна финансиска зависност од власта.

Со ваков курс, особено со третманот со нивното ненасилно подјармување, ама евидентно корумпирање, што медиумите, во услови на прескромниот маркетиншки пазар, со задоволство го прифаќаат зашто владините редовни пари им обезбедуваат живот, Македонија уште подолго време ќе чека на елементарен европски демократски амбиент.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција