Неносењето чадор нема влијание врз другите луѓе, невакцинирањето има

Arvi PandeyPixabay

Колективниот имунитет е единствено функционален тогаш кога голем дел од населението е вакцинирано. Што позаразна е болеста, односно што полесно таа се пренесува, толку поголем процент од населението треба да биде вакциниран. Не може да се споредува непримањето вакцина со неносење чадор. Невакцинираните влијаат негативно врз колективниот имунитет, со кој се штитат токму оние кои се најранливи и навистина не можат да се вакцинираат – на пример, малите бебиња кои уште не достигнале возраст за да примат одредена вакцина

Колективниот имунитет е единствено функционален тогаш кога голем дел од населението е вакцинирано. Што позаразна е болеста, односно што полесно таа се пренесува, толку поголем процент од населението треба да биде вакциниран. Не може да се споредува непримањето вакцина со неносење чадор. Невакцинираните влијаат негативно врз колективниот имунитет, со кој се штитат токму оние кои се најранливи и навистина не можат да се вакцинираат – на пример малите бебиња, кои уште не достигнале возраст за да примат одредена вакцина

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ако е вакцината успешна, зошто треба да бидат вакцинирани 90% од населението?
Исто како да велите дека треба 90% од населениото да носат чадор за јас да не се наводенам.
Дали е ова платена реклама на производителот на вакцините?

Во склоп на објавата има и фотографија од објавен текст на „Призма“, во кој се известува дека кај бебе хоспитализирано во болницата во Козле е констатирано дека има голема кашлица – болест што е речиси искоренета со вакцината Ди-Те-Пер. Во текстот на „Призма“, исто така, се наведува дека опфатот на вакцинирани деца за сите задолжителни вакцини веќе трета година е под 90 проценти. Во написот на „Призма“ се вели и дека за да се има успех во спречувањето на ширењето на болестите треба да е вакцинирано над 95 проценти од населението, или барем не помалку од 90 проценти.

Она коешто се опишува во текстот на „Призма“ е колективниот имунитет (herd immunity). Тоа е кога популацијата е заштитена од болест после вакцинација, затоа што бактеријата одговорна за инфекцијата е онеспособена и не може да се пренесува меѓу луѓето.

На пример, бактериите менингокока и пневмокока може да предизвикаат менингитис. Кај повеќето луѓе бактеријата живее без проблеми и без опасност во грлото и не предизвикува болест. Тие може да живеат во грлото на човек, но ако се пренесат кај некој што е ранлив, како на пример бебе, може да предизвикаат сериозна болест. Со вакцинацијата индивидуата не само што се штити самата од инфекција, туку и од преносот на оваа инфекција врз други луѓе, каде што може да предизвика болест. За колективниот имунитет да биде обезбеден треба да е вакциниран голем дел од населението, пишува вакциналната група на Оксфорд.

Оттаму додаваат дека процентот на деца кои би требало да бидат вакцинирани за да има колективен имунитет, варира зависно од бактеријата и колку е таа заразна.

Што позаразна е (болеста), толку повеќе луѓе треба да бидат вакцинирани за да се постигне колективен имунитет. На пример, сипаниците се многу заразни. Пред употребата на вакцината против сипаници секој заразен можел да инфицира 10 до 15 луѓе и така болеста се ширела многу брзо. За да се постигне колективен имунитет за сипаници треба да е вакцинирана 90 до 95 проценти од популацијата. Болест како полио која е помалку заразна, бара 80 до 85 проценти од популацијата да биде вакцинирана за да се постигне колективен имунитет, додаваат оттаму.

Колективниот имунитет функционира само за заразни болести.

Зошто е важно децата да бидат вакцинирани за да бидат заштитени со колективниот имунитет?

Децата особено помалите, се во најголем ризик за голем број болести. Најдобриот начин да се заштити некој од болест е да се вакцинира директно, а не да се потпира на индиректната заштита преку колективниот имунитет. Ако некој што не е вакциниран се сретне со бактеријата која предизвикува болест, тогаш тој ќе биде сосема подложен да се зарази. А секогаш ќе има деца кои не може да се вакцинираат зашто се помлади од возраста на која се прима вакцината. Затоа докторите препорачуваат стапки од 90 до 95 проценти, затоа што некои болести се многу заразни, односно премногу лесно се пренесуваат, па затоа потребно е голем процент на вакцинирани. Колективниот имунитет дава заштита за ранливите категории луѓе, како новороденчиња кои не можат да се вакцинираат. Вакцините му помагаат на телото да се брани од болест без опасноста од целосна инфекција. Имуниот одговор на вакцината може да предизвика умор или непријатност која трае ден или два, но заштитата како резултат од вакцинирањето може да трае цел живот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција