Новинарите кои известуваат од судовите и нивното игнорирање на законите

8345210533_22cbf06d84_z
Фото: ThediTiiDotCom

 

Често известувачите од судските коридори и сали одат во потрага по чиста, концизна и сензационална вест, што се вели – „петарда“, па никогаш и не се цитира некој закон и негов член „кој е во игра“. Весниците ги читаат и правно писмени луѓе, кои ги има повеќе десетици илјади во земјава! Згора на тоа, новинарите пишуваат и за коњските сили на некој автомобил, иако многу мал број од читателите ја знаат дефиницијата на коњската сила!

 
Пишува: Љубомир Костовски

 

„Напнатост меѓу судовите и новинарите секогаш ќе постои, некогаш случајно, некогаш намерно. Но, тоа е добро, бидејќи, токму заради таа напнатост ќе постои и меѓусебна контрола“

– рече неодамна Бјорн Рецлаф, судија во Окружен суд во Берлин, кој допатувал на Балканот на меѓународната конференција „Правосудството и медиуми“, во организација на германската Фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ). Немаме информација дали некој од нашите судии, пред сѐ, портпаролите на судовите бил таму, но факт е дека тензијата меѓу нив, односно судската власт од една страна и медиумите од друга страна навистина е заострена и дека излагањата таму би им биле од корист. Инаку, таквата лоша атмосфера е со постар датум, во таа појава има латентност, а особено дојде до израз по апсењето и судењето на еден новинар (случај Кежаровски).

Што можеме да му замериме на новинарското известување од судовите, објективно и независно од судирот на релација судии – новинари?

Најнапред, секако она што отсекогаш му се замерувало на новинарството: дека настојува да извлече добар наслов, да им понуди на читателите, слушателите и гледачите концизна и некомпликувана слика за еден процес и дека притоа често закинува дел од вистината! Ако таква слика не ја добие од судот, секако, тој ќе се повика на другите учесници во постапката, па адвокатите, на пример, сѐ почесто се присутни со своите оценки за одредени судења или нивни сегменти, отколку портпаролите на судовите! Ама, проблем со адвокатските изјави е дека тие ќе си „тегнат“ кон своите аргументи и можат да ја злоупотребат јавноста.

Но, правниот јазик не е секогаш едноставен, судиите не се новинари и имаат свој стил и форма на која го отсликуваат процесот. Судиите најчесто забележуваат, во тој контекст, дека никогаш не само што не се цитира зошто едно лице е ослободено или осудено во една побуквална смисла, туку и дека не се споменува ниту членот и ставот од законот според кој се донела пресудата.

Сигурно дека читателот има најчесто лаички познавања од правото, па бара транскрипција во јазикот од новинарот, како и дека судиите не можат многу да отстапат од својот вокабулар, па новинарот е пред задача ем да ги задоволи уредничките стандарди за концизност, ем треба на процесот да му даде „да дише“, односно навистина да овозможи сите страни во процесот да дојдат до израз и да добијат подеднаков третман.

 

Каква е врската меѓу коњските сили на автомобилот и членовите во законите

 

Внимателно читајќи ги извештаите во судовите во последно време, по наговор на еден судија, навистина се уверив дека во ниту еден напис во рубриката судска хроника не се спомена некој член или став од законот (законите)?! Тоа може да е заморно, ама, сепак, е дел од респектот и кон оние читатели кои имаат некаква правничка едукација: весниците ги читаат и адвокатите, судиите, обвинителите, нотарите… Нив ги има повеќе десетици илјади во земјава и тие претставуваат завидна консумерска група.

Мојот познат судија, на забелешката дека тоа е здодевно, ми вели дека кога новинарите пишуваат за некој нов автомобил, не го опишуваат, иако го прават и тоа, се разбира, туку концизно пишуваат за коњските сили, бројот на цилиндрите и слично, иако најголем дел од читателите не знаат која е дефиницијата за коњска сила или не умеат да создадат слика за бројот на цилиндрите и нивната функција во моторот!

Еве да земеме еден пример од порталот Академик, кој е ориентиран кон судството и кој не штеди простор кога се во прашање судски процеси од јавен интерес. Да го земеме случајот со судењето на новинарот Кежаровски, односно аферата Ликвидација како пример.

Порталот навистина многу педантно и со изобилство факти сведочи за самиот процес. Уредно се наредени сите податоци што се од клучна важност – учесниците, детали за висината на казната, хиерархијата на обвинетите по значење, комплетна архива до претходните судски активности, по денови и дури по часови и минути… Вистински рудник на сознанија за процесот во кој новинарите му дадоа единствен простор само на колегата Кежаровски, при што се изгуби од вид целиот процес во кој новинарот беше, сепак, четвртообвинет.
И да го оставиме за момент Кежаровски, како учесник во процесот, туку да видиме дали некаде се цитира некој член од законот? Не, дури и по основ на пресудите и нивната висина?!

Ова е секако важно, бидејќи дел од нашите колеги – пред се членовите на МАН – рекоа дека пресудата била преостра (значи добро е што новинарот е осуден, тој не е невин, ама, сепак, судијката „засекла до даска“ во слободен превод). Веднаш на тоа се доби одговор дека Кежаровски е осуден по одреден член и дадена му е најниската можна казна според истиот! Ова потоа го користеше како „адут“ пред странците и премиерот Груевски!

 

Кога законот не чини, треба да се смени

 

Значи, имавме погрешна теза на одбраната на нашиот колега, намерно или не, која ја увиде пратеникот Павле Трајанов и побара измена на членот во Законот, според кој нема да постојат по тој основ така високи казни во иднина!

И да се вратиме на самиот процес. На барање на читателите , дури по завршување на постапката од аферата Ликвидација во прв степен, магазинот во кој пишувам го отвори прашањето за разликата меѓу заштитен и загрозен сведок, што е еден од клучните елементи во тој процес!

Порталот Академик тоа прашање го отвора во средината на ноември 2013 година и тоа по иницијативата на пратеникот Трајанов.

Како и да е, разликата меѓу овие две кривично-правни категории дојде до Парламентот, каде пред асамблеата требаше да ја објаснува таа разлика повиканиот адвокат Јован Јоанидис. Ова се должеше на фактот дека и покрај толку многу пишувања за оваа парница, никој во земјата не ја увиде таа разлика, а ако веќе се виде дека има два споменати термини разликата не им беше јасна на консументите на статиите. И на пратениците, секако.

И одново медиумите, кои известуваа од ова „сведочење,“ на тој дел од изјавата на адвокатот не ѝ отстапија простор, иако толку многу се пишува и известува за случајот Ликвидација!

Колку е важно да се следи еден процес во целина и да се има простор за сите актери, говори и сосема свежиот момент од аферата Ликвидација. Имено, пред ослободување од притвор во затворот Скопје е првообвинетиот – судијата Иле Танев, од кого обвинителството влече конци во целата оваа афера. Се чини дека тој мина во целиот процес незаслужено незабележително, а дека интересот на јавноста може да ја „заработи“ дури после неговото веројатно пуштање дома, во друга форма на притвор, сѐ до правосилноста на пресудата. И сега, медиумите на својот публикум ќе мора да му го кажуваат сето она што го пропуштиле во оние есенски месеци лани, кога се одвиваше судењето. „Заштедениот простор“ сега ќе се троши одново, по друг повод.

Оние новинари кои допрва ќе влезат во редакциите и ќе се посветат на црните хроники, каде влегува и известувањето од судовите, мора да внимаваат на сите елементи кои се неповолни по новинарството на овој терен, а кои секако ги има во поширок контекст многу. Но, секогаш да внимаваат и на изреката на англискиот судија Гордон Хјуарт (1923) дека новинарите се тие кои „ја даваат разликата меѓу она што значи да се спроведуваат законите и она – како тие се спроведуваат“. Но, тоа бара секако најнапред новинарите и самите да ги знаат законите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција