Новинарот не може да биде суден и осудуван ако го брани јавниот интерес

Постер за протестот за ослободување на американскиот војник Бредли Менинг, кој му достави тајните документи на Жулијан Асанџ, кои, пак беа објавени преку Викиликс, Сан Франциско, 30 јуни 2013 година. Фото: Daniel Arauz
Постер за протестот за ослободување на американскиот војник Бредли Менинг, кој му ги достави тајните документи на Жулијан Асанџ, потоа објавени преку Викиликс. Сан Франциско, 30 јуни 2013 година. Фото: Daniel Arauz

 

Примери од Македонија, ама и од Хрватска и Србија, укажуваат на тоа дека судовите повеќе се заинтересирани за интересите на приватните лица отколку за новинарските истражувачки стории.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во екот на претседателската кампања кандидатот Стево Пендаровски напомена дека ако биде избран, тој ќе го аболира новинарот Томислав Кежаровски во рамките на своите уставни надлежности. Познат е, секако, овој случај кога наш колега пишува текст за факти кои според правилата на професијата и не смее да ги скрие (полицијата мести сведок од затвор, кој за одредени привилегии кажува работи, за кои не знае претходно, односно за кои и не може да биде сведок). Иако неправосилно Кежаровски доби висока казна затвор, под силен притисок на меѓународната јавност новинарот ќе се брани од куќен притвор.

За жал, деновиве се уверуваме дека ова не била само наша специфика. Имено, пред една недела во Загреб Жупанискиот суд ја осуди новинарката на „Јутарњи лист“, Славица Лукиќ, заради изнесување факти, кои ѝ штетеле на угледот на една приватна клиника од Хрватска. Фактите се покажале точни и не се спорни за судот, но, и покрај тоа се смета дека постои клеветата како кривично дело (во Хрватска ова дело сѐ уште така се третира), бидејќи судот не го наоѓа јавниот интерес во третирањето на темата. Инаку, сосема накусо, се работи за пари кои приватна клиника ги добива од јавен фонд (за здравство) со кои стекнува монополска позиција во еден сегмент. Со далеку помали вложувања Фондот за здравство би добил комплетно своја државна клиника. А, се додава дека и покрај огромните субвенции клиниката ќе оди во стечај, веројатно фингиран, што и се случува неколку месеци потоа. Судијата ја осудува новинарката на парична казна од 3.000 евра, која во Хрватска се толкува како силен притисок врз медиумите.

 

Криминалец ги брани полициските архиви и тужи новинар

 

Деновиве, исто така, имаме навестување на сличен процес. Превеан криминалец од Србија – Лука Бојовиќ, кој е во екстрадиционен притвор во Шпанија, преку својот адвокат ја тужи новинарката Бранкица Станковиќ (Б92) дека објавила податоци од доверлив карактер од полициските архиви, на што немала право. Податоците на Станковиќ, инаку, се однесуваат исклучиво на тоа како неа ѝ била загрозена безбедноста токму од подземјето, значи, се однесуваат на неа како личност! Србија, притоа, е во фаза на промена на институтот доверливи информации, при што државата не ги донела подзаконските акти со кои се прецизира оваа тематика. Настрана што Станковиќ, авторка на популарната емисија „Инсајдер“, од 2009 година живее со 24 –часовна полициска заштита!

 

2371492933_21faeb2726_b
Новинарските текстови се јавни, новинарските белешки и извори се приватни. Фото: Michael Dunn, 2009 година

 

Да почнеме од последниот случај. Уредникот на телевизијата „Б92“ Ведран Матиќ, воедно и шеф на Станковиќ, вели дека не е спорно дека и Лука Бојовиќ, како и секое лице кое смета дека правата му се повредени, може да поднесе тужба до судот за надомест на штета. Но, кога се говори за основаност на тужбата, вели дека се објавени официјални податоци, за кои новинарката дава само мислење, односно ги објаснува околностите во кои се нашла откако неа ѝ е доделена 24-часовна заштита! Закоравениот криминалец бара отштета од 240 илјади динари (нешто малку над 2.000 евра), при што, очевидно не се битни парите, туку фактот што, како што вели Матиќ, неа одново, на друг начин ѝ се закануваат убијци.

„Особено е апсурдно тврдењето во тужбата дека тие документи имаат ознака на службена тајна и дека не смееле да се објавуваат јавно. Сознанијата на официјалните институции за тоа дека некому му се готви ликвидација, било кому, особено на новинар, јавно лице, никако не смее да остане тајна, туку спротивно, јавноста за тоа мора навреме да биде информирана“ – нагласува Матиќ.

Да минеме за час на хрватско тло. Претседателот на Хрватското новинарско здружение Зденко Дука, кој во неколку наврати се обиде да бара отстранување на кривично дело клевета од КЗ, рече дека пресудата против Славица Лукиќ е против новинарството и слободата на медиумите и е пример за тоа како новинарите во Хрватска треба да се замолчат, што, пак, ќе има фатални последици за демократијата.

 

Совршен инструмент за „припитомување“ новинари

 

Став е на хрватските колеги и нивното здружение дека ако владата сака да најде совршен инструмент за “припитомување” на новинарите, нивно заплашување и цензура, во тоа конечно успеала. Казната по ова дело е вперена само против новинарот, а не и кон издавачот, кој сега против себе има силно орудие кое доаѓа од сивата зона на општеството. За било кој текст во кој новинарот се осмелил да се посомнева во некој бизнис, ако е тој нелегален или неморален, компаниите или злосторниците се повикуваат да ги тужат новинарите за јавно срамотење, а судот не навлегува во тоа дали напишаното е вистинито, туку далу тужителот е осрамотен и колку!?

Значи, новинарот страда дури и ако ја пишувал вистината – вели новинарката Лукиќ.

„Имаме нејасни критериуми. Како тоа јас сум направила прекршок против честа и угледот, значи како новинар можам да бидам осудена, а од друга страна – сум таа која ја пишувала вистината, која пак, во пресудата на судот – не е од интерес на јавноста!“

ГлобусСпоред Етичкиот кодекс на Здружението на новинари на Македонија „објавување на информации кои имаат статус на ’доверливи’ е можно тогаш кога ќе се утврди дека правото на јавноста да биде информирана е поголемо, отколку правото на почитување на причините за доверливост на информациите.“ Новинарот не смее да прикрива информации ниту тогаш кога тие имаат (негативно) влијание врз медиумот во кој новинарот работи или врз сопственикот на тој медиум, се вели во Кодексот. Значи ако новинарот мора да објави вест или сознание дури и против својата новинска куќа, што останува ако се работи за јавна установа, јавна личност и слично?!

 

Новинарски кодекс: и непотврдена информација од јавен интерес се објавува

 

Кодексот, исто така, утврдува „доколку новинарот процени дека непотврдената информација е од јавен интерес, должен е да ја објави, но со јасна назнака дека станува збор за непотврдена информација.“ Новинарот може да објави нешто за што баш и нема докази, ама за што има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомневање. Основано сомневање подразбира презентирање на аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитост.

Македонското новинарство има многу случаи кои се слични или не наведуваат на сличната дилема – да се објави ли информација која има јавно значење, иако е навидум под некаква рестрикција или, пак, на новинарот „не му гине“ тужба за клевета, која кај нас сега е предмет на граѓанска тужба?

Ќе наведеме еден покарактеристичен пример. Се работи за тужба против новинар дека одал воена тајна. Се работи за случајот АРМ против Емил Зафировски, кој во мигот на тужењето беше во Нова Македонија, а текстот го пишувал во тогашниот дневен весник Време. Обвинението кое против него во 2007 година го поведе Обвинителството го товареше дека нанел штета на АРМ, МО и на РМ и му се закануваше казна од 10 години затвор!

Зафировски како новинар-истражувач во март 2005 година, ја освои првата награда на конкурсот на Македонскиот институт за медиуми, за најдобра истражувачка сторија за 2004-та, меѓу 69 понудени стории на конкурсот. Процесот против него, иако се работеше за своевиден преседан, не наиде на поширок одѕив ни во македонските медиуми, ни во новинарскиот еснаф. По започнувањето на судскиот процес како да изостана пооддршката, иако тој потенцираше дека не се чувствува како жртва.

„Не, јас само најпрофесионално си ја работев својата работа, истражувачкото новинарство. Не се гледам себеси како жртва во некоја голема игра! Јас сум новинар кој дошол до одредени информации и ја исполнил основната должност, ги проверил и ги објавил. Не се чувствувам како колатерална штета во некакви политички или медиумски игри. Знаев што правам, никој не ме манипулирал и верував дека тоа што го правам е вистинската работа. Обвинението против мене може да е порака, не знам. Не е лесно да работиш под стрес, во ниту една професија, а особено во новинарството“, изјави Зафировски тогаш за Глобус.

 

Национална безбедноста агенција (NSA), 1971 година. Фото: marsmettn tallahassee
Национална безбедноста агенција (NSA), 1971 година. Фото: marsmettn tallahassee

 

Накусо раскажан, случајот Зафировски е врзан за обвинение дека во Време го објавил документот на разузнавачките служби на АРМ, со ознака на доверливост, што се однесувал за случајот со армиското оружје од декември 2006, кој дотогаш немаше судска разврска. Во спорниот документ се изнесени и податоци за бугарски државјани со сите нивни генералии, кои, според македонските разузнавачи, остварувале средби со функционери од АРМ и од МО за спроведување на незаконски договори. Според Зафировски и медиумот во кој тогаш работел, разузнавачките служби на АРМ девет месеци пред акцијата на МВР, кога беа запленети неколку камиони со бугарски регистарски таблички полни со оружје од магацините на АРМ, кое наводно се шверцувало, известувало за своите сознанија за ваквите активности. Но, никој во АРМ и МО – не реагирал. Така, реагирал Зафировски и заработи кривична пријава!

 

Извори на информации не се откриваат ни под закана на затвор

 

Во истражната постапка Зафировски не сакал да го открие изворот на информации.

„И тогаш и сега сметам дека не се работи за такво дело, дека дел од мојата професија е да работам и да доаѓам до документи и до информации кои откриваат криминал. Што би била нашата должност како новинари, ако не тоа?“, рече Зафировски за медиумите.

Јавниот интерес е тука очебиен, како и отворениот судир меѓу Армијата и безбедносните служби! Секако дека понатамошниот тек покажа оти јавниот интерс постои и обвинителството постапи по овој случај (имаме маратонска постапка која никако да заврши!)

Тука имавме и хепиенд – по пишувањето во Глобус и о други медиуми, на 19.02.2010 обвинителстото ја повлече тужбата против Зафировски (види овде)! Работата на новинарот е да објавува, а не да чува информации, рече неодамна за белградска Политика, Родољуб Швабиќ, повереник за информирање од јавно значење, коментирајќи ги ваквите случаи.

„Се разбира дека новинарот ќе објави ‘доверлив документ’ кога е препознатливо дека зад таквиот документ се крие нелегитимен интерес. Секако, треба да препознае и кога некој документ како таков има јавен интерес и кога со објавувањето ќе се загрози јавниот интерес и да го сопре објавувањето,“ истакна Швабиќ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција