Објава на Фејсбук повикува да се испрати Заев во пеколот!

Објава на Фејсбук опасно провоцира, користи недоличен речник и испраќа застрашувачки повици за насилство кон премиерот Заев. Во постот е линкуван и напис со наслов: „Нова скандалозна изјава на Македонскиот премиер Зоран Заев“. Ама, „скандалот“ од насловот го нема во текстот

 

Провокативен пост на социјалната мрежа Фејсбук повикува на насилство, при што гневот е насочен кон премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Повод за ваквата објава е гостувањето на премиерот во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ 21, каде говореше за последните случувања поврзани со бугарската блокада за почеток на преговорите за влез во Европската унија.

Самата објава, која е испишана со сите големи букви, опасно провоцира и шири говор на омраза:

ОВОЈ ИЧ НЕ Е АРЕН, НЕ ОД КОРОНА ТУКУ СО УМОТ!

А НИЕ УШТЕ ПОМРДНАТИ ШТО НЕ ГО ИСТРЕСКАМЕ ОД ЗЕМЈА И АЈТТТ ВО ПЕКОЛОТ!

Во постот е линкуван и напис со наслов: „Нова скандалозна изјава на Македонскиот премиер Зоран Заев“.

 

„СКАНДАЛОТ“ ОД НАСЛОВОТ ГО НЕМА ВО ТЕКСТОТ

Но, тоа што го најавува насловот го нема во текстот. Тој е манипулативен и целосно надвор од контекстот на написот. Внатре во содржината нема никаква скандалозна изјава на Заев. Во десетина реда се пренесени неколку поенти од неговиот настап, познати ставови кои и досега ги кажувал – дека имаме заедничка историја со Бугарија, оти Гоце Делчев  е заедничка историска личност…  И, на крајот од кусата информација има цитат од Заев, којшто е извлечен и во постот:

Спремни сме да усвоиме Декларација која ќе биде правнообврзувачка за имплементирање на сѐ од договорот со Бугарија.

Само, нејасно е што е тука скандалозно?

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија го потпишаа во Скопје, на први август 2017 година, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Неколку месеци подоцна Договорот е ратификуван во македонското Собрание, на 15 јануари 2018 година, а три дена подоцна и  во бугарскиот парламент, на 18 јануари. Така што, тоа е завршена работа.

Со Декларацијата, пак, за која говори Заев, на некој начин би се гарантирало дека Договорот ќе се имплементира во целост, со што фактички земјата уште еднаш би покажала дека нема никакви претезнии или апетити кон Бугарија. И, во сето ова нема ама баш ништо страшно или загрижувачко.

Важно е да се спомене и дека Заев за време на гостувањето во емисијата „Килк плус“ на оваа тема говореше поопширно, при што кажа дека ние немаме друга алтернатива освен нашиот европски пат и оти ќе продолжиме по тој пат. Во таа смисла ќе да продолжиме да правиме напори, во духот на градење пријателство, а не конфликти. Исто така, рече дека Бугарија е свесна за реалноста заради тоа што Република Северна Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик се непобитен факт и тие знаат дека ЕУ ова го третира како европска вредност, европска придобивка“. Во емисијата премиерот нагласи и дека  очекува Бугарија да го признае македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Како пријател на Бугарија очекувам, да го признаат македонскиот јазик и македонскиот народ. Ако не се подготвени, ќе продолжиме да разговараме, рече Заев.

 

ЗАСТРАШУВАЧКИ ПОВИЦИ ЗА НАСИЛСТВО

Сега, несфатливо е како од ваквите ставови на Заев, кои, инаку, не се пренесени во текстот што е линкуван во објавата на ФБ, се извлекува заклучок дека е предавник, како што алудира постот, особено коментарите под него:

Odi da uchish istorija za makedonskiot narod, pa posle da prodavash zemja shto se prolealo mnogu krv za nea. PSIHOPAT MURTINSKI. Prodaj si gi kerkati i zenati na Borisov I na Karakachanov

BOLEN PSIHOPAT OPINOK KOJ SO KRIMINAL STEKNATI IMOTI MU STANA IDOL NA MUTIRANI KOMUNJARSKI MAJMUNI SO CRVENI GAZOVI..

Особено загрижувачки е тонот, недоличниот речник и пораките упатени кон Заев. Но, освен навредливиот вокабулар, застрашувачки делуваат повиците за насилство и испраќање во пеколот!

Јасно е дека ова се прави намерно за да се предизвикаат жестоки реакции кај корисниците на социјалната мрежа и да се шири говор на омраза. Само, ваквите постапки се казниви според Кривичниот законик (КЗ) и неговите измени и дополнувања, каде се предвидени санкции и за говорот на омраза и за кривичните дела кои настануваат од омраза, вклучително и затворски казни. Инаку, за тоа дека е тенка е линијата меѓу говорот на омраза и слободата на изразување, како и за казнувањето на кривичните дела кои настануваат како последица од сеењето омраза, има напис на „Вистиномер“, кој може да се прочита на овој линк.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција