Објава на социјалните мрежи шири невистини за маските и вакцините против ковид

Image by Freepik

Маските немаат никаква врска со религијата, односно тие не се оружје на сатанистите против верниците, како што се тврди во објавата… Нема ниту еден научен факт и кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип

Маските немаат никаква врска со религијата, односно тие не се оружје на сатанистите против верниците, како што се тврди во објавата. Маските се научно-медицински докажан инструмент за заштита од секакви отрови или патогени што доаѓаат преку воздух, т.е. заштита од бактерии и вируси што му штетат на човечкото здравје. Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип

 

Анализираме објава на Фејсбук која укажува дека маските за заштита од ковид се штетни и не се во согласност со религијата, како и дека со вакцините луѓето ќе се чипираат.

Со маските Го предаваме Христа а со вакцините Го распнуваме!! Да не потклекнуваме на ова зло што кнезот на овој свет го подготвува!! Малкумина сме вистински верни Православни,но најважно е дека сме избран народ Божји по говорењето на Христос „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.“(Св. Лука 12:32)
Ако останеме непоколебливи и верни до крај, ќе бидеме достојни да се наречеме народ БОЖЈИ и наследници на Царствот!! Никогаш нема да ставам маска ниту да се вакцинирам и да Го предадам Христос бидејќи за Христос вреди и да умрам!!Гледам дека многу брзо следи чипувањето!! Проклети да сте сатанисти!!, стои во објавата која ја анализираме.
Објавата, настрана од верските убедувања на оној кој ја напишал, сугерира дека маските не се во согласност со религијата и дека се штетни.

Маските се научно-медицински докажан инструмент на заштита од секакви отрови што доаѓаат преку воздух, т.е. заштита од бактерии и вируси како патогени организми што му штетат на човечкото здравје.

Впрочем, маските како заштита на луѓето биле масовно употребувани и за време на т.н. „шпански грип“, кој покосил меѓу 20 и 50 милиони од популацијата на човештвото по Првата светска војна. Тие биле популаризирани од весниците и биле објавувни фотографии како правилно да се носат. За жал и тогаш имало спротивставување на носењето маски од незнаење или од други причини, а внимателно проучување на тогашните протоколи или квалитетот на маските (биле направени претежно од газа), покажува зошто тие тогаш не успеале да го спречат во поголема мерка ширењето на „шпанскиот грип“.

Маските во услови на немање пандемии се носат регуларно во здравството повеќе од 100 години, а специјализирани маски што спречуваат микрочестички се носат од поодамна во средини со екстремно загаден воздух.

За време на последнава пандемија употребата на маски беше веднаш препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), со тоа што во почетокот само за оние што се заболени и за здравствените работници што се справуваат со заразата и заболените, а веќе на 5-ти јуни маските се препорачани за многу поширок круг луѓе. СЗО има посебна страница на која појаснува кои и какви маски треба да носат различни категории луѓе. Маските како мерка на заштита, заедно со хигиена на рацете и со физичката дистанца („свето тројно правило“ против пандемијата), уште на почетокот беа препорачани и од нашите здравствени власти, на 17-ти март 2020 г.

Противниците на носење маски, најчесто на социјалните мрежи, ја употребуваат тезата дека и луѓе што носат маски се заразиле од корона вирусот или, пак, дека маските предизвикувале хипоксија, односно го спречувале внесувањето на кислород во организмот во доволна количина, а во исто време задржувале одредено количество на штетниот јаглерод моноксид при издишувањето да се исфрли надвор.

Но, и двата мита се успешно разбиени од стручни организации во светот, како, на пример, Центарот за контрола на болести на САД, кој според научна студија откри дека огромен процент од тие што се заразиле, а носеле маски, најмалу два пати неделно ручале во ресторани, при што не носеле маски (види ТУКА). Вториот мит дека маските спречуваат внес на кислород и излез на јаглерод моноксид е разобличен, исто така, од учени лица кои се експерти за вакви проблематики, а проверени од сервиси за проверка на факти како оној на „Ју Ес Тудеј“.

 

Ако маските се спротивни на религијата зошто верските лидери ги препорачаа?

Што се однесува до пишувањата дека маските се во спротивност на религијата, можеме да кажеме дека за време на пандемијата, верските лидери во земјава во заедничка порака препорачаа носење на маска.

Со оглед на периодот кој нѝ претстои верските лидери едногласно апелираат до граѓаните да се придржуваат до сите пропишани мерки за заштита од коронавирусот пропишани од здравствените власти, да не го губат трпението, затоа што во пресрет на имунизацијата одговорноста за контролата над вирусот кај секој од нас е највисока. Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење на заштитна маска, се вели во заедничкото соопштение од средбата, беше наведено во соопштението на поглаварите на црквите и верските заедници, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Реисул Улема на ИВЗ х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на ЕМЦ г-дин Марјан Димов.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека наскоро следува чипирање со вакцините, тоа е една теорија на заговор која за време на пандемијата на големо се ширеше на социјалните мрежи од страна на антиваксерите, а за која Вистиномер има пишувано во повееќее наврати.

Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип.
Вакцинацијата е еден од најефикасните начини за спречување на болеста ковид. Вакцината му помага на имунолошкиот систем да ги препознае и да се бори со патогените (факторите кои предизвикуваат болест), како што се вирусите и бактериите. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал. Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за Политифакт изјави дека идејата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.
„И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз“, вели доктор Вилбур Чен.
Од сето ова можеме да заклучиме дека маските немаат никаква врска со религијата, односно тие не се оружје на сатанистите против верниците, како што се тврди во објавата. Маските се научно-медицински докажан инструмент на заштита од отрови што доаѓаат преку воздух, т.е. заштита од бактерии и вируси како патогени организми што му штетат на човечкото здравје. Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција