Објавата шири невистини дека ковид пациенти кои починале во болниците биле убиени

Фото:fernando zhiminaicelaPixabay

Во објавата што ја рецензираме невистинито се тврди дека вработените во болниците ги убивале луѓето кои биле хоспитализирани со користење на погрешни протоколи. Се пласираат невистини и за лекот „ремдесивир“ дека трајно им ги оштетил бубрезите на оние кои го примиле, иако постојат докази дека самата болест ковид-19 предизвикува компликации со бубрезите, а не лекот. Исто така, во објавата се шири и дезинформацискиот наратив од периодот на ковид пандемијата, за наводните пари што ги добивале болниците по починат пациент, што се разбира не е точно

Во објавата што ја рецензираме невистинито се тврди дека вработените во болниците ги убивале луѓето кои биле хоспитализирани со користење на погрешни протоколи. Се пласираат невистини и за лекот „ремдесивир“ дека трајно им ги оштетил бубрезите на оние кои го примиле, иако постојат докази дека самата болест ковид-19 предизвикува компликации со бубрезите, а не лекот. Исто така, во објавата се шири и дезинформацискиот наратив од периодот на ковид пандемијата, за наводните пари што ги добивале болниците по починат пациент, што се разбира не е точно

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вистината излегува!

Во склоп на објавата се споделува принтскрин од наслов на медиумски напис :

Познат кардиолог тврди дека сите пациенти кои починале од ковид-19 во болниците се убиени.

Во самиот текст се вели дека лекот „ремдесивир“ бил смртоносен.

„Ремдесивир“ беше одобрен во ЕУ. Иако имаше спротивни информации за тоа дали лекот е ефективен во превенирање на смртните случаи од ковид-19, сепак не може да се каже дека неговата употреба во болниците била убивање на пациентите.

Во објавата што ја рецензираме станува збор за докторот Питер Мек Калоу, за кого Еј Би Си има пишувано дека го промовирал лекот „ивермектин“ како дел од протокол за лекување на рана фаза на ковид и покрај тоа што Центарот за контрола и превенција на болести на САД предупредил дека пациентите не треба да земаат „ивермектин“ надвор од клинички студии.

Доктор Ник Сојер за Еј Би Си вели дека поради тоа што лекари како Мек Калоу промовирале недокажани третмани против ковид-19, како „ивермектин“ и поради тоа што обесхрабрувал да се примаат ковид вакцини, многу пациенти кои им поверувале на овие дезинформации станале критично болни од ковид- 19. Доктор Мек Калоу споделуваше дезинформации во текот на ковид пандемијата.

Дел од нив беа против вакцините.

Гледаме пациенти што доаѓаат во ургентното одделение кои имале ковид со денови, ги земале овие лекови и сега се многу, многу болни. Го гледаме тоа во реалниот живот, вели Сојер.

Во објавата пишува дека „ремдесивир“ предизвикал откажување на бубрезите, тврдење што Асошиејтед прес го има дебанкирано затоа што станува збор најверојатно за последица од ковид-19, а не од антивиралниот лек.

Американската агенција за храна и лекови го одобри „ремдесивир“ под името „веклури“ за ковид-19 во октомври 2020 година. Оттаму цитираат рандомизирани клинички студии кои покажуваат дека лекот го намалувал времето потребно за оздравување. Доктор Џон Мелорс, шеф на одделот за инфективни болести на Универзитетот Питсбург, за Асошиејтед прес вели дека пациентите што добиле „ремдесивир“ во тие клинички студии не покажале никакво оштетување на бубрезите споредено со друга група која не го добила лекот.

Во светот, бројни болнички установи имаа протоколи за лекување на пациентите со ковид-19 зависно од нивната клиничка слика. Да се каже дека сите кои починале во болниците „се убиени“ е празна и неоснована фактички непоткрепена клевета без никакви докази. Вакви дезинформации беа пласирани и во С.Македонија, за време на пандемијата.

Заразното заболување ковид-19 за првпат беше откриено во Кина во декември 2019 година. Болеста се шири преку капки на плунка или секрет од носот на заразената личност, поради што беа препорачувани маски, изолација и одржување на растојание, како и добра хигиена и дезинфицирање на рацете. Голем дел од луѓето заразени со ковид-19 почувствуваа лесна до средна респираторна болест и заздравија без каков било специјален третман и не им беше потребна хоспитализација. Постарите луѓе и оние со хронични заболувања како и срцеви проблеми, дијабетес, хронични белодробни заболувања и тумори, беа изложени на поголем ризик од потешки компликации од болеста.

Лекарите не убиваа со ковид протоколи, туку лекарите за време на ковид пандемијата третираа и лекуваа симптоми од ковид болеста, поради којашто пациентите некогаш завршуваа фатално. Болеста ковид-19 беше одговорна за низа компликации на пациенти од кои голем дел имаа и претходни коморбидитети, што доведе до смрт.

Нема докази за изнесеното обвинение во постот дека не ковид, туку самите лекари биле причинители на смртни случаи. Висока температура и треска, кашлица и отежнато дишење беа примарните симптоми кои кога се појави ковид-19 беа присутни кај повеќето пациенти. Со менувањето на вирусот односно неговата мутација во варијанти, се менуваа и симптомите, а со тоа и начините на лекување. Во текот на пандемијата целиот свет учеше како да се справи со непредвидливата болест, а особено помогна вакцинацијата.

Министерството за здравство имаше набавено антивирусен лек „ремдесивир“одобрен од ФДА, како и моноклоналната „коктел терапија“ со антитела од лековите „казиривимаб“ и „имдевимаб“, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА), и тие беа достапни во нашите болници уште од 2020 година. Истовремено, имаше Протокол за лекување на ковид-19Патека (протокол) за постапување на матичните лекари за тестирање и лекување на пациенти со ковид-19, Упатство за домашно лекување на пациенти, како и други упатства, препораки и протоколи за лекување на пациенти со коморбидитети, автоимуни заболувања и друго. Во овие документи конкретно се наведени постапките и лекарствата што треба да се даваат, а кои се ажурираат во согласност со препораките на СЗО и здравствените  регулатори.

Вакви лажни тврдења дека „тие што починале во болница се убиени“ со цел да се предизвика недоверба во медицинскиот персонал и во здравствениот систем за време на ковид пандемијата беа многу чести, иако неосновани. Дополнително, во болниците беа хоспитализирани пациенти со тешка форма на ковид, што може да предизвика побрза смрт, а не од лекувањето во самата болница кој се одвива според протокол и со третман на симптомите. Во различни фази на ковид пандемијата се надополнуваа протоколите.

Во објавата се тврди дека пациентите што биле ставени на респиратор завршувале со смртен исход. Но и тоа не е резултат на „убивање“, туку на доцната фаза на болеста. Хипократовата заклетва ги обврзува лекарите да не прават штета и обвинувањето дека тие намерно убивале со протоколи во болниците е клеветничко и навредливо. Во објавата се додава дека „пациентите биле намерно еутанизирани за да се зголеми бројот на смртни случаи од ковид“, ама и ова е невистина. Оваа невистина во текот на пандемијата одеше рака под рака со лагата дека болниците добивале пари по починат пациент и дека затоа го зголемувале бројот на починати за да земат повеќе пари од кои дел им давале и на фамилиите на покојникот. Ова секако е невистина како што Вистиномер веќе пишуваше.

Секој здравствен систем, вклучително и македонскиот, се трудеше да го одржи нивото на починати ниско, а не да креира смртни случаи.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека сите пациенти што починале во болниците од ковид „се убиени“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција