Општина Охрид најтранспарентна во Југозападниот регион, Струга на седмо место

Охрид Фото: Вистиномер

Граѓаните треба да знаат како локалните власти менаџираат со општинскиот буџет и како ги трошат парите. Токму затоа сите документи треба да бидат достапни за јавноста. Транспарентноста и отчетноста на општините се меѓу главните предуслови за воспоставување на демократските процеси во заедницата, а самите локални власти треба да се стремат да бидат што поотворени и потранспарентни

Граѓаните треба да знаат како локалните власти менаџираат со општинскиот буџет и како ги трошат парите. Токму затоа сите документи треба да бидат достапни за јавноста. Транспарентноста и отчетноста на општините се меѓу главните предуслови за воспоставување на демократските процеси во заедницата, а самите локални власти треба да се стремат да бидат што поотворени и потранспарентни

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Општина Охрид се наоѓа на првото место во рамки на мерењето на Индексот на отвореност на општините за 2020. Ова го покажува истражувањето, кое беше дел од проектот на УСАИД, спроведено од страна на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, чија цел е проценка на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на локалната власт во областа на добро владеење, со тоа што се фокусира на четири принципи: пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири принципи, а тоа се отворените податоци.

Општина Охрид има висок процент на исполнителност во сите четири принципи на отвореност, а најдобри резултати има во делот на транспарентноста на организациски информации, јавни набавки, буџет и јавните консултации.

Општина Охрид воведе нов модел на отворена и транспарентна локална самоуправа. Редовно се споделуваат информации кои се во интерес на јавноста и редовно се информираат граѓаните за сите детали од работењето. Улогата на медиумите во денешниот глобален свет е од исклучително значење. Вистинската и навремена информација има огромна општествена вредност, вели Симе Стефановски, раководител на Секторот за односи со јавност во општина Охрид.

Одделението за односи со јавност во Општина Охрид брои 6 вработени. Тие се задолжени за подготовка на материјали, кои се објавуваат на општинската веб-страница, одговараат на новинарски прашања и подготвуваат материјали потребни за јавни настапи на градоначалникот и општинските функционери.

На официјалниот веб-сајт на Општина Охрид има посебно поле каде се сместени сите јавни набавки (тековни и завршени) и секој граѓанин има пристап до истите. Сите конкурси и огласи за вработување се јавно објавени во полето со вести на насловната страна. Сајтот редовно се ажурира во просек со неколку информации дневно.

При мерење на Индексот на активна транспарентност од страна на УСАИД, охридската локална самоуправа е на 20-то место меѓу институциите во државата и на прво место во Југозападниот плански регион со резултат од 80,3 отсто остварени позитивни показатели. Додека општина Струга е вброена на 77 место со слаба транспарентност, со 39,4 отсто остварени позтивини показатели.

СТРУГА „СКАРАНА“ СО ТРАНПАРЕНТНОСТА

Последната вест, која стои на насловната страна на официјалниот сајт на Општина Струга на македонски јазик е ставена на 25 јуни 2020 година. Но, кога ќе се промени со поддршка на албански јазик се забележуваа дека сајтот се ажурира – најновите вести се од септември 2021 година. Ако се прелиста сајтот на Општината ќе се види дека просечно месечно се објавуваат само по неколку информации.

Од десна страна под прозорецот LAJME на порталот може да се забележат неколку вести поврзани со урбанизам и работата на Советот на Општина Струга. На сајтот на македонски јазик голем дел од „прозорите“ стојат испишани на албански.

Во Секторот за односи со јавност во општина Струга се вработени само две лица, еден советник и еден референт. На прашањето на  „Вистиномер“ колку Општината е трнаспарентна и отчетна од Одделението за односи со јавност при Општината велат:

Општина Струга е отворена и транспарентна. Редовно се објавуваат информации. Сите документи поврзани со јавни набавки, огласи за вработувања се навремено објавено на општинскиот сајт.

Но, ние не можевме да го најдеме последниот оглас за јавни набавки или некој оглас за вработување. Се обидовме со полето за пребарување и најдовме интерен оглас за унапредување на 22 службеници, од 5 септември 2018 година.

Буџетот на Општина Струга е јавно објавен на сајтот и достапен за граѓаните. Но, за јавните набавки најдовме само еден документ во кој е објаснета процедурата за јавни набавки во Општина Струга.

Струга                      Фото: Вистиномер

Сепак, се чини дека Општина Струга е поактивна на социјалните мрежи. На официјалниот Фејсбук профил на Општина Струга на албански и македонски јазик се објавуваат кратки информации поврзани со тековните активности во Општината. Ама, таму ги нема јавните набавки, ниту конкурсите за вработување.

Несомнено дека граѓаните треба да знаат како локалните власти менаџираат со буџетот и како ги трошат парите. Токму затоа сите документи треба да бидат достапни за јавноста. Транспарентноста и отчетноста на општините се и едни од главните предуслови за воспоставување на демократските процеси во заедницата, а самите локални власти треба да се стремат да бидат што поотворени и потранспарентни.

 

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција